Слугата Милутин (српски: Слуга Милутин) е српска епска (јуначка) песна.

Содржина Два гаврана долетуваат на Косово Поле и слетуваат на кулата на цар Лазар. Нивниот разговор го слуша царицата Милица и ги прашува дали доаѓаат од Косово и дали ја виделе борбата меѓу српската и турската војска. Гавраните одговараат дека ја виделе борбата и кажуваат дека на двете страни имало големи загуби, но дека српската војска е целосно поразена. Во меѓувреме доаѓа слугата Милутин, облеан во 17 рани и со крвав коњ. Здогледувајќи го, царица Милица помислува дека Милутин го предал својот господар и дека избегал од бојното поле. Слугата ја замолува царицата да му помогне да слезе од коњот и да се соземе од болката, а потоа, царицата го прашува за судбината на цар Лазар, Југ-Богдан и деветте Југовиќи, Милош Обилиќ, Бановиќ Страхиња и Вук Бранковиќ. Тогаш, слугата Милутин ѝ раскажува на царицата за тоа што се случило на Косово: каде што погинал цар Лазар, таму има најмногу искршени копја, но повеќето се српски, од војниците кои загинале бранејќи го царот; Југ-Богдан погинал на самиот почеток, уште во првата битка; исто така, погинале осуммина од браќата Југовиќ, а останал само Бошко Југовиќ да ги брка Турците по Косово Поле; каде што има крв до колена, таму погинал Бановиќ Страхиња; кај реката Ситница погинал војводата Милош, кој го убил султанот Мурат и уште 12 000 турски војници. На крајот од својот опис на битката, слугата го проколнува Вук Бранковиќ, кој го предал царот и избегал со своите 12 000 војници.Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 57-59. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 159-161.

Осврт кон песната Песната започнува со општ шаблон: најпрвин гавраните ја известуваат царицата Милица за текот на Косовската битка, а потоа нив ги сменува ранетиот слуга Милутин, кој детално ги опишува подвизите на српските јунаци и предавството на Вук Бранковиќ. Сепак, со оваа смена народниот пејач постигнал поголема природност во изразот. Така, стиховите во кои гавраните известуваат дека „она што останало од Србите, сè е рането и крваво“ веднаш се илустрирани со описот на слугата Милутин, кој „ја носи десната во левата рака“. Тоа ѝ дава можност на царицата да го постави најважното прашање: „зарем го предаде царот на Косово?“ Прашањето е истакнато и со тоа што ранетиот слуга не одговара веднаш, туку откако е симнат од коњот, измиен и напиен, и откако Милица му поставува неколку дополнителни прашања. Потоа, неговите одговори се одликуваат со топла непосредност, зашто не се дадени од сведок (гавраните), туку од ранет непосредне учесник во битката.Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 21-22.

Наводи

Категорија: Песни за царица Милица Категорија: Песни за Косовската битка