thumb|right|Дејвид Хјум Дејвид Хјум ( ) (, Единбург, - ) — шкотски филозоф и историчар.
Животопис Дејвид Хјум е роден во 1711 година, во Единбург, а потекнувал од не многу богато, но угледно семејство. Родителите го терале да студира право, но тој сакал да учи филозофија. Некое време живеел во Бристол, каде се обидел да се занимава со трговија, но немал успех. Од 1734 до 1737 година живеел во Франција, каде започнал да пишува филозофски дела. Во 1745 година стапил во служба на некој маркиз, а во 1746 година преминал во служба на некој генерал. Со него поминал две години во Торино и во Виена (од 1747 до 1749 година). По неуспешниот обид да добие професорско место на Универзитетот во Глазгов, во 1752 година Хјум бил избран за библиотекар во адвокатската комора во Глазгов. Во 1763 година ја прифатил понудената служба во англиската амбасада во Париз, каде поминал три години, уживајќи голем углед и почитување. Таму се спријателил со Жан Жак Русо, со кого подоцна се скарал. По враќањето од Париз, две години ја извршувал функцијата државен потсекретар, а во 1769 година повторно се вратил во Единбург.
Во 1775 година, Хјум се разболел и, оценувајќи дека болеста на бубрезите е „смртна и неизлечлива“, напишал автобиографија од осум страници. Во неа, тој се оценил на следниов начин: „Јас сум...човек со благ карактер, умерен темперамент, со отворено, друштвено и ведро расположение, способен за верност, без смисла за непријателство и многу умерен во сите свои страсти. Дури ни мојата најголема страст, љубовта кон литературната слава, не ме исфрли од колосек, без оглед на честите разочарувања“. И навистина, во согласност со своето претчувство, Хјум умрел во 1776 година.„David Hume“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 119-121.
Творештво За време на својот прв престој во Франција (од 1734 до 1737 година), Хјум го напишал своето главно филозофско дело „Расправа за човечката природа“ (Treatise of Human Nature), кое го објавил по своето враќање во Лондон, и тоа во три посебни книги: „За разумот“ (Of the Understanding), „За страстите“ (Of the Passions) и „За моралот“ (Of Morals). Првите две книги се објавени во 1739 година, а третата во 1740 година. Иако очекувал слава и остри напади, неговите дела не предизвикале никакво внимание во јавноста. Потоа, Хјум почнал да пишува помали есеи со филозофска, морална, политичка и економска содржина, објавени во 1741-1742 година, во два дела, под насловот „Морални, политички и литературни есеи“ (Essays moral, political and literary). Иако со значително помала вредност од неговото главно дело, есеите биле поволно примени во јавноста.„David Hume“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 119.
Во периодот 1747-1749 година, Хјум одлучил своето главно дело „Расправа за човековата природа“ да го преобјави во попристапна форма за читателите, издвојувајќи ја секоја книга во помали расправи, исфрлајќи ги потешките и нејасни делови и стилски дотерувајќи го целото дело. Така, со преработка на првата книга настанало неговото најпознато дело „Истражување на човечкиот разум“ (Enquiry Concerning Human Understanding), објавено во 1748 година; од втората книга произлегла малата расправа на околу 30 страници „Дисертација за страстите“ (Dissertation of the Passions); а со преработка на третата книга настанало делото „Истражување на принципите на моралот“ (Enquiry Concerning the Principles of Morals) од 1751 година, кое самиот го оценил како своето убедливо најдобро дело. Истата година, Хјум ги објавил и своите „Политички расправи“ (Political Discourses), кое било единственото негово дело кое доживеало успех уште со самото објавување. Подоцна, работејќи како библиотекар, Хјум имал на располагање голем број книги, што му помогнало да го напише големото дело „Историја на Англија“. Така, во 1754-1756 година ја објавил историјата на династијата Стјуарт, во 1759 година - историјата на династијата Тјудор, а во 1763 година ја објавил постарата англиска историја. Овие дела имаат големо значење за англиската историографија, бидејќи во нив Хјум не се задржал само на опишување на војните и другите настани, туку ги анализирал и општествените односи, моралот и уметноста. Додека работел на англиската историја, Хјум го напишал и делото „Природна историја на религијата“ (Natural History of Religion), објавено во 1757 година, кое предизвикало остри напади од страна на ортодоксните верници. Најпосле, тој го напишал уште едно слично дело „Дијалози за природната религија“ (Dialogues on Natural Religion), кое не се осмелил да го објави, така што излегло од печат дури по неговата смрт.„David Hume“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 120.
Философските погледи на Хјум Учењето за перцепциите (импресиите и идеите) Хјум ја прифатил основната теза на Џон Лок - дека едноставните идеи се основните елементи на човечкото сознание, а нив разумот ги добива од натворешното или внатрешното искуство. Така, тој пишува: „Накратко, целиот материјал на мислењето е изведен од нашиот надворешен или внатрешен осет, само неговото мешање и составување им припаѓа на духот и на волјата“. Сепак, Хјум малку го променил учењето на Лок и користел поинаква терминологија. На пример, сите содржини на свеста Лок ги нарекувал „идеи“, додека Хјум ги нарекува забележувања или перцепции (perceptions), а изразот „идеја“ го користел за означување само на еден од двата вида перцепции. Според него, другиот вид перцепции се впечатоците или импресиите (impressions). Овие два вида перцепции (идеи и импресии) се разликуваат според степенот на силата, т.е. импресиите се посилни и поживи од идеите, бидејќи импресиите ги сочинуваат сите наши осети, страсти и емоции, онака како што првпат се јавуваат во душата, додека идеите се само нивните бледи слики во мислењето и расудувањето. Значи, споре Хјум, импресиите се непосредни, а идеите се посредни содржини на свеста. Понатаму, во зависност од тоа дали се неделиви или пак можат да се разделат на делови, тој ги делел перцепциите на едноставни и сложени (комплексни). Притоа, двата вида перцепции, т.е. и идеите и импресиите, се делат на едноставни и сложени.
Сепак, меѓу импресиите и идеите постои заемна кореспонденција и сличност. На секоја едноставна идеја ѝ одговара соодветна едноставна импресија, а секоја едноставна импресија има своја едноставна идеја. Но, тоа не важи за комплексните импресии и идеи, т.е. меѓу нив не мора да постои кореспонденција, т.е. човекот може да има комплексна идеја без соодветна комплексна импресија. На пример, може да имаме идеја за град со златни тротоари и дијамантски ѕидови, иако таков град никогаш не сме виделе. Исто така, многу наши комплексни импресии не мора да бидат пресликани во соодветни комплексни идеи. На пример, иако некој човек го видел Париз, сепак тој не може да создаде идеја за него, со сите детаљи што постојат во реалноста. Сепак, бидејќи комплексните идеи се составени од едноставни идеи, а ним секогаш им одговараат соодветни едноставни импресии, може да се тврди дека идеите и импресиите кореспондираат меѓу себе. Врз таа однова, Хјум си го поставил прашањето, која од двата вида перцепции (импресија и идеја) претставува причина, а која последица? На ова прашање, тој го дал следниов одговор: Сите едноставни идеи, непосредно или посредно (преку други идеи) се изведени од едноставните импресии. Во прилог на ова сфаќање го наведувал временскиот редослед, т.е. првото појавување на некоја импресија му претходи на првото појавување на некоја идеја. Исто така, за нештата за кои нема импресија, човекот не може да има ниту идеја. На пример, слепиот човек нема идеја за боите, глувиот човек нема идеја за песните, човек кој никогаш не пробал некое овошје нема идеја за неговиот вкус итн. Според Хјум, тезата дека сите едноставни идеи непосредно или посредно произлегуваат од едноставните импресии претставува прв принцип на науката за човековата природа.
Понатаму, Хјум ги дели импресиите на осетни импресии (импресии на сензацијата) и импресии на размислувањето (импресии на рефлексијата). Притоа, осетните импресии првобитно се појавуваат во душата „од непознати причини“, додека импресиите на рефлексијата се изведени така што духот размислува за идеите. Така, откако преку сетилата ќе добие некоја сетилна импресија (топло, студено, болка, глад итн.), духот создава нејзина копија, која понатаму се задржува дури и кога ќе престане импресијата. Таа копија е идејата, а идејата понатаму произведува други импресии (надеж, страв итн.) кои може да се наречат импресии на рефлексијата. На овие импресии повторно им одговараат одредени идеи, така што импресиите на рефлексијата им претходат на идеите на рефлексијата, но следат по осетните идеи од кои се изведени. Меѓутоа, бидејќи осетните идеи се само копија на осетните импресии, произлегува дека сите наши перцепции се изведени од осетните импресии. На тој начин, учењето на Хјум за елементите на сознанието во голем мера се совпаѓа со учењето на Лок.„David Hume“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 121-123.
Учењето за потеклото на сознанието И во однос на потеклото на елементите на сознанието, Хјум го продолжува учењето на Лок. Притоа, сите предмети на човечкиот ум тој ги дели во две групи: односи на идеите и факти. Односите на идеите може да ги откриеме интуитивно или демонстративно, поради што нашето знаење за нив е апсолутно сигурно и не зависи од која и да било конкретна егзистенција. На пример, тврдењето дека три по пет е еднакво на 15 може да се открие само со помош на мисловниот процес, независно од тоа, дали некогаш или некаде постои бројот три. Во оваа група спаѓаат знаењата од областа на аритметиката, алгебрата, геометријата итн. Од друга страна, фактите имаат сосема поинаква природа, зашто тие не можат да се утврдат на таков начин и нивната вистинитост не е толку очигледна како претходните. Имено, секој факт може да постои или да не постои, а неговото непостоење не вклучува во себе никаква логичка противречност. На пример, претпоставката дека утре сонцето нема да изгрее може да ја сфатиме, независно од тоа што не веруваме во неа. Тоа значи дека за фактите не може да имаме сигурно сознание, ниту интутитивно, ниту демонстративно, туку за нив може да заклучуваме само според причините и последиците. На пример, ако некој најде часовник на пуст остров, тој може да заклучи дека претходно некој друг човек го посетил островот и тоа го прави врз основа на причинско-последичната поврзаност на појавите. Според Хјум, целото наше знаење, освен она во математиката, е засновано врз идејата на причинско-последичните односи.„David Hume“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 124.