Клоцов зборник — средновековен македонски книжевен споменик кое потекнува од X или почетокот на XI век напишано на глаголица.

Ракопис Ракописот потекнува од крајот на Х или почетокот на XI век и е напишан на 14 листа од пергамент со димензии 270х205 мм. Првобитниот кодекс имал над 500 листови, од кои зачуван е 62-от кватернион, што значи дека пред него имало 61 кватерниони. Листовите 1, 4 и 7 се оштетени и тешко читливи.

Писмо и записи Писмото на ракописот е обла висечка глаголица со аглести форми во палеографските нацрти на некои од буквените знаци.. Според начинот на пишување на писмото се забележува дека тоа најверојатно потекнува од Македонија

Правопис Правописните и јазичните особености на зборникот упатуваат на поврзаност со македонското јазично подрачје. Притоа имајќи го предвид присуството на фонетски и лексички моравизми, може да се заклучи дека ракописот е пишуван во Охридската книжевна школа врз основа на предлошка, чијшто архетип настанал во Велика Моравија во времето на мисијата на Свети Кирил и Методиј.

Содржина Зачуваниот дел од ракописот содржи пет слова: две од Свети Јован Златоуст - Слово за Цветници (без почеток и крај) и Слово за Велики четврток, по едно од св. Атанасиј Александриски (слово за Велики петок) и св. Епифаниј Кипарски (Слово за слегувањето на Исус Христос во пеколот) и една анонимна непреводна хомилија, која што се поврзува со книжевното дело на Свети Методиј. Во ракописот е зачуван опширен запис на латински јазик од 1500 година, во којшто се опишува историјата на зборникот.

Пронаоѓање Поголемиот дел од ракописот (12 л.) бил во сопственост на австрискиот грод Парис Клоц, поради што во науката е познат под името Клоцов зборник. Другите два листа биле во сопственост на баронот А. ди Паули. Сега делот на Парис Клоц се чува во музејот на италијанскиот град Тридент под сигнатура N°2476, додека двата список на Ди Паули се наоѓаат во музејот „Фердинандеум“ во градот Инсбрук во Австрија под сигнатура Dip.973.

Наводи

Надворешни врски „Македонската глаголица“ (МАНУ, Скопје, 2015.)

Категорија:Средновековна македонска книжевност Категорија:Библиски ракописи