Вера Стојчевска - Антиќ (Битола, ) — македонски книжевен историчар и теоретичар.

Живот Родена е во Битола на 10 август 1939 година. Основно и средно образование завршила во родниот град. Дипломирала во 1963 година, на Филолошкиот факултет во Скопје, при Катедрата за историја на книжевностите на народите на СФРЈ. Во 1968 година, таа била избрана при истиот Факултет за асистент. Во 1974 година, таа докторирала на тема од областа на средновековната македонска книжевност. Во редовните законски периоди била избрана за доцент, потоа за вонреден и редовен професор. Доктор по филолошки науки. Професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Почесен член на ДПМ, како и на Американската славистичка асоцијација.

Научна дејност Вера Стојчевска - Антиќ научниот век го поминала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, од местото асистент сè до пензионирањето. Таа била првиот директор на Институтот за македонска книжевност, во основање. Вршела должност на уредник во списанијата: „Литературен збор“, „Современост“, „Спектар“, „Годишни зборници на Филолошкиот факултет“ во Скопје. Избрана е за почесен член на Друштвото на писателите на Р Македонија, потоа прв член од Македонија во Американската славистичка асоцијација. Почесен член е на Друштвото за наука во Битола. Вера Стојчевска-Антиќ учествувала со предавања и реферати во бројни странски меѓународни научни собири, како и во славистички центри: Букурешт, Атина, Солун, Варна, Благоевград, Киев, Москва, Петроград, Брисел, Рим, Неапол, Чикаго, Њујорк, Лос Анџелес, Сан Франциско, Детроит, Ен Арбор, Торонто, Њу Делхи и др.

Научната дејност на Вера Стојчевска-Антиќ е позната во бројни македонски и странски славистички средишта, која главно се одвивала околу средновековната македонска книжевност, теорија, фолклор, со споредбени согледби. Таа била раководител на повеќе проекти кои ги вклучувале научниците од Филолошкиот факултет, како и од Институтот за македонска книжевност.

Последните години Стојчевска-Антиќ ги има посветено на промовирање на делото на Блаже Конески, преку своите две книги: „Мојот професор пророк“ и „Траен изворник“.

Награди и признанија „13 ноември“ на град Скопје, „Св. Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „11 Октомври, „Орден со сребрени зраци од Владата на СФРЈ“, „4 Ноември“ на градот Битола за животно дело. На „Универзитетот Охајо“ во Колумбос, ја добила престижната награда „Црвена плакета“ за афирмацијата на македонскиот јазик во САД. Покрај овие награди Вера Стојчевска Антиќ примила бројни признанија, пофалници и од повеќе научни и културни институции.

Дела

Денес делото на Вера Стојчевска Антиќ содржи над 850 објави во земјата и во странство, од кои околу 70 претставуваат книги, од кои некои се со соавторство, поголеми печатени делови од македонската книжевна историја, од кои посебно се издвојуваат: Од средновековната книжевност, (1976); Локални хагиографии во Македонија, (1977); Низ страниците од јужнословенските книжевности (1977); Средновековните текстови и фолклорот, (1978); Богомилството во средновековната изворна граѓа, (со Драгољуб Драгојловиќ)1978; Климент и Наум Охридски во народната традиција (1982) Св. Климент Охридски, (1986); Тиквешки зборник (со Блаже Конески), (1987); Меѓу книжевен текст и фолклор, (1987); Од ракописното наследство (1987), Пораки од дамнина (1988), Митологуемна (1990) Biblijski atlas, (so drugi avtori), (1990); Сто македонски библиски народни приказни (1993), Во чест на Светите Кирил и Методиј, соавтор (1994), Патописи и разговори (1994), Со збор во светот (патописи, 1995) Апокрифи, (1996); Средновековни романи и раскази, (1996); Претсткажувањата на голем Александар, (1996); Историја на македонската книжевност-Средновековна книжевност,, 1997; Средновековни книжевни жанри, соавтор (2000) Профил, 2001; Култот на Св. Богородица во Македонија, 2003 По стапките на христијанството во Македонија, пет книги, (со м-р Митрополит Методија Златанов),2004-2010; Македонистиката во странската славистика, 2014; Почувствувај ја МАКЕДОНИЈА со ШЕСТОТО СЕТИЛО -СРЦЕТО - Циклус СВ.Ѓорѓија

Наводи

Категорија:Луѓе од Битола Категорија:Живи луѓе Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Македонски писатели Категорија:Македонски македонисти Категорија:Македонски слависти Категорија:Македонски уредници Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Југословенски писатели Категорија:Југословенски македонисти Категорија:Југословенски слависти Категорија:Југословенски уредници Категорија:Членови на ДПМ Категорија:Добитници на наградата „11 Октомври“ Категорија:Добитници на наградата „4 Ноември“ Категорија:Апсолвенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Категорија:Професори на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје