Кирил Мицевски (Скопје, – ) — македонски универзитетски професор, биолог и ботаничар, член на МАНУ.
Животопис Роден e на 26 април 1926 година во Скопје, каде се стекнал со основно и средно образование. Во 1951 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на одделот за биологија. Докторирал во 1958 година и сè до своето пензионирање бил професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Бил на специјалистички престои на повеќе странски универзитети. Бил претседател на Факултетскиот совет и извршувал и други значајни функции на Факултетот, во Академијата и во други научни институции. Академик Мицевски бил член на редакциските одбори на списанијата: „Годишен зборник“ на Природно-математичкиот факултет, „Acta“ и Fragmenta Balcanica“, изданија на Природонаучниот музеј во Скопје, и на списанието „Екологија“. Објавил голем број трудови од одделни гранки на ботаничката наука, односно од неговите флористичко-таксономски и фитоценолошко-типолошки истражувања, што се синтетизирани и систематизирани во 5-томното издание „Флора на Македонија“. Академик Мицевски открил и идентификувал голем број растителни видови, како и растителни заедници, досега непознати за македонската и за светската ботаничка наука. За својата неуморна работа акад. Мицевски е одликуван со повеќе награди, признанија и плакети, а носител е и на Орден на трудот со златен венец. Член е на Македонската академија на науките и уметностите од 1974 година.
Починал на 6 февруари 2002 година.
Наводи
Категорија:Македонски ботаничари Категорија:Македонски биолози Категорија:Ботаничари со авторски кратенки Категорија:Професори на Природно-математичкиот факултет - Скопје