Етјен Маларме, попознат како Стефан Маларме (, – , ) – француски поет, предавач, преведувач и критичар.
Обожувач на Теофил Готје, Шарл Бодлер и Теодор де Банвил, Стефан Маларме објавува неколку поеми во 1862 година. Професор по англиски, од 1863 до 1871 година тој престојува во Турнон-на-Рона, Безансон и Авињон пред да пристигне во Париз. Тука тој ги посетува книжевните автори како Пол Верлен, Емил Зола и Огист де Вилје де Л’Ил-Адам и уметници како Едуар Мане кој во 1876 година насликал негов портрет.
Во својата професија како професор тој се судира со одредени тешкотии (учениците му дофрлуваат), а води мирен семеен живот но со одредени финансиски тешкотии и неволји. Пишува длабоко обработени поеми и ги прима своите пријатели творци во вторниците на улицата Рим или во својата викендичка во Валвен, близу Фонтенбло каде умира на 9 септември 1898 година на 56-годишна возраст.
Привлечен од естетиката на „ларпурлартизмот“, тој соработува со „Современ Парнас“ од 1866 години, трагајќи да го надмини чувството на немоќ поврзано со депресивната состојба. Оттогаш е во потрага по чиста убавина што само уметноста може да ја создаде: „светот е створен за да заврши во убава книга“, е негова изјава. Презема амбициозни дела на кои работи долго како „Еродијада“ (Hérodiade, 1864-1887) или „Попладнето на еден фаун“ (L'Après-midi d'un faune, 1865-1876 за кое Клод Дебиси пишува музика, 1892-94). Обожувач на Едгар Алан По, тој го превел „Гарванот“ (1845), кој бил издаден во 1875 година со илустрации на Едуар Мане.
Во 1887 година излегува едиција од негова поезија која ја покажува неговата стилистичка потрага. Исходот од оваа амбиција за апсолутна поема се појавува во графичката поема од 1897 година „Фрлањето на коцки никогаш не ја укинува шансата“. Оваа потрага по напрегнат израз кон прочистеното сепак на времето го чини префрлањето за херметизам кој останува прикачен за малармеската уметност.
Реномето на Стефан Маларме се консолидира уште повеќе од 1884 година кога Пол Верлен го вбројува во својата серија на „Проколнати поети“ со објавата на една долга статија за Маларме, и како носител на модерното и близок до авангардистите во уметноста и литературата, младите поетски генерации, од Анри де Рењие и симболистите до Пол Валери, го признаваат за маестро. Така, авторот на едно амбициозно поетско дело, Стефан Маларме бил иницијатор, во втората половина на 19 век, на обнова на поезијата чие влијание се мери сè до современите поети како Ив Бонфоа.
Животопис thumb|Стефан Маларме од Етјен Каржа (1877) Маларме е роден на 18 март 1842 година, во Париз. Кога бил на седумгодишна возраст починала мајка му, така што го одгледала неговата стара баба која го обожавала. Во 1852 година бил сместен во интернат каде се покажал како слаб ученик поради што бил отпишан во 1855 година. Неговиот гимназиски период е обележан со смртта на неговата сестра во 1857 година.Jean-Luc Steinmetz, Présentation et annotations aux Poésies et autres textes de Stéphane Mallarmé, Livre de Poche, 2005, p. 6. Во ова време тој ги напишал своите први младешки песни, собрани во „Меѓу два ѕида“ (Entre deux murs), кои се под силно влијание на Виктор Иго, Теодор де Банвил и Теофил Готје. Запознавањето со „Цвеќето на злото“ на Шарл Бодлер во 1860 година имало големо влијание врз неговите први дела. Истата година, по завршувањето на гимназијата, Маларме го заменил неговиот остарен татко и станал приправник кај еден даночник во Санс, како „првиот чекор кон отапувањето“. Во 1862 година, неколку негови песни биле објавени во разни ревии. Тој се запознал со младата германска гувернанта, Марија Герхард (родена 1835 година) и, според неговото сведоштво, „откако научив малку англиски за полесно да го читам По, отпатував во дваесеттата година во Лондон, главно за да побегнам, но исто така и за да научам англиски јазик кој подоцна ќе го предавам во едно катче, мирен и без други приходи...“ Во Лондон престојувал од ноември 1862 до крајот на летото 1863 година.My Mallarmé is rich. Mallarmé et le monde anglo-saxon, Paris / Vulaines-sur-Seine, Somogy éditions d'art / Musée départemental Stéphane Mallarmé, 2006, p. 11.Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XVII.
Неспособен за војна служба, Стефан Маларме се оженил со Марија Герхард во Лондон на 10 август 1863 година. Во септември добил уверение за да може да предава англиски јазик (тој му бил професор на Анри Барбис) и добил служба во кралската гимназија во Турнон. Во овој период продолжил да пишува песни, како „Цвеќињата, страв“, „Уморен од горчлив одмор“ итн. Летото 1864 година, во Авињон, Маларме се запознал со поетите кои твореле на провансалски јазик: Теодор Обанел, Жозеф Руманиј и Фредерик Мистрал со кои започнал да се допишува. Неговата ќерка Женевјев е родена во Турнон, на 19 ноември 1864 година, а овој настан го опишал во песната „Подарокот на песната“. Во овој период, тој бил паралелно професор по англиски јазик во Турнон, Безансон, Тулон и Париз. Следната година, Маларме ја напишал „Попладнето на еден фаун“ за која се надевал да се прикажува во „Театр Франсе“, но таа била одбиена. Тогаш, тој се поврзал со париското книжевно милје, особено со Леконт де Лил и со Жозе-Марија де Ередја.
Во 1866 година дошло до пресврт во животот на Маларме: при еден престој во Кан кај неговиот пријател Ежен Лефебир, тој навлегол во период на апсолутен сомнеж кој траел сè до 1869 година. Во 1867 година, кога бил на служба во Авињон, повеќепати го посетил Фредерик Мистрал во Мајан. Во 1869 година почнал да го пишува поетскиот и филозофски расказ „Игитур“ кој останал недовршен и кој го означува крајот на неговиот период на поетска немоќ, започнат во 1866 година. Во 1870 година, Маларме се повлекол од јавното образование од здравствени причини. На 16 јули 1871 година, во Санс се родил неговиот син Анатол (кој набргу умрел на осумгодишна возраст). До 1871 година, Маларме престојувал во Турнон, а потоа во Безансон и во Авињон, а кон крајот на ноември се преселил со семејството во Париз, каде добил вработување и каде останал до крајот на животот. Со својата скромна заработувачка успеал да купи мала куќа во местото Валвен, на реката Сена.Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XVII-XVIII.
Во 1872 година, Маларме се запознаl со Артур Рембо, a во 1873 година и Едуар Мане кого го бранел при одбивањето на неговите слики од изложбата во 1874 година.Cf. Manet et Mallarmé : "la complète amitié" Потоа, преку Мане тој го запознал Емил Зола. Во тоа време, Маларме (под разни псевдоними, повеќето женски) бил уредник на ревијата „Последната мода“ која излегла во осум броја. Издавачите во 1875 година повторно го одбиле „Попладнето на еден фаун“ која сепак била објавена следната година, илустрирана од Едуар Мане. Маларме го напишал предговорот за повторното издание за „Валтек“ од Вилијам Бекфорд. Од 1877 година, неделните собири кои брзо станале славни, почнале да се одржуваат во вторник кај Маларме. Во 1878 година, тој се запознал со Виктор Иго, а една година подоцна го бојавил делото „Античките богови“. Истата година, на 8 октомври, починал неговиот син Анатол.
Од 1874 година, Маларме, здравствено нежен, често престојувал во Валвен во близината на Фонтенбло. Тој, за себе и своите блиски го изнајмил првиот кат од една стара гостилница на брегот на Сена. Подоцна го откупил и со свои раце го разубавувал за од него да створи свој дом. Таму деновите течеле меѓу две ловења со познатите гости, спроти шумата која блескала во Сена, за која Маларме рекол: „ја чествувам реката која остава цели денови да исчезнат во нејзините води без да се има впечаток дека се изгубени.“
thumb|left|250px|Едуар Мане, Портрет на Стефан Маларме, 1876. Во 1884 година, Пол Верлен ја објавил својата трета статија од „Проколнатите поети“, посветена на Маларме. Истата година, Жорис-Карл Уисманс го објавил романот „Наспроти“ (À rebours) чија главна личност ги обожува поемите на Маларме. Овие две дела го зголемиле угледот на Маларме. Неговата прва песна без пунктуација излегла во 1886 година, насловена „Да ме воведат во твојата приказна“ (M'introduire dans ton histoire). Конечната верзија на „Попладнето на еден фаун“ била издадена во 1887 година. Една година подоцна бил обајевн неговиот превод на поезијата на Едгар Алан По.
Во 1891 година, неговото здравје било повторно нарушено. Маларме прво користел боледување, а потоа имал намален фонд на часови. Во тој период се запознал со Оскар Вајлд и со Пол Валери кој бил чест гостин на „маларменските вторници“. Во 1892 година, по смртта на Ежен Мане, братот на Едуар Мане, Маларме станал старател на неговата ќерка, Жули Мане чија мајка била сликарката Берта Моризо. Во овој период, Клод Дебиси го почнал компонирањето на „Прелудиум за попладнето на еден фаун“, претставен во 1894 година. Во ноември 1893 година, Маларме се пензионирал, но следната година држел книжевни предавања во Кембриџ и во Оксфорд. Две години подоцна, тој присуствувал на закопот на Пол Верлен кој починува на 8 јануари 1896 година.
Во 1898 година, Маларме застанал на страната на Емил Зола кој во весникот „Зора“ од 13 јануари го објавил својот напис „Обвинувам“ (J’accuse) во одбрана на капетанот Алфред Драјфус. На 8 септември 1898 година, Маларме имал спазма на ларинксот. Истата вечер, тој им напишал на жената и ќерката да ги уништат записите и белешките, наведувајќи дека „нема книжевно наследство...“ Утредента, при повторената спазма, тој умрел во рацете на својот доктор, во присуство на сопругата и ќерката. Погребан е до неговиот син Анатол, на гробиштата Саморо, во близината на Валвен.
Творештво Во своето прославено писмо до Верлен од 1885 година, Маларме напишал дека дарбата за пишување ја наследил од неколку свои предци. Тој почнал многу рано да пишува песни, според неговото сведоштво, уште за време на бројните преселби од еден до друг пансион, од една до друга гимназија, „со ламартиновска душа, со тајна желба да го заменам Беранже... на стотици школски тетратки се обидував да пишувам стихови и тие секогаш ми беа одземани...“ Од тоа време, Маларме ја зачувал „Кантата за првата причесна“ и една поема поделена на два дела: „Нејзиниот гроб е ископан“ и „Нејзиниот гроб е затворен“. Големо значење во неговиот поетски развој имало запознавањето со творештвото на Теофил Готје, како и запознавањето со поетот Емануел Дезесар, кој го поттикнувал да пишува. Со негово посредство, Маларме набргу запознал и други поети, меѓу кои и Анри Казалис (познат под псевдонимот Жан Лаор) со кого останал добар пријател до крајот на животот. Откако во 1862 година го прочитал второто издание на „Цвеќињата на злото“, сè што напишал во следните неколку години било под влијание на Бодлер Периодот околу 1864 година ја претставува парнасовската фаза во творештвото на Маларме, иако постои суштинска разлика меѓу неговата поезија и чистите парнасовци, предводени од Леконт де Лил. Имено, во песните на Маларме од овој период нема никаква трага од студената убавина на парнасовската школа, туку низ неговите совршени стихови струела нова музика, блага, непосредна и делумно романтична. Истовремено, за разлика од романтичарите, уште во својата рана фаза, Маларме знаел да се воздржи од претераните изливи на чувствата, а најдобри примери се неговите песни: „Воздишка“ (Soupir), „Привидение“ (Apparition), „Морско ветре“ (Brise marine), „Прозорци“ (Les fenêtres), „Синило“ (L'Azur) итн.Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XVIII-XX.