Синиот лотос () — петто продолжение од стрипот Авантурите на Тинтин од белгискиот карикатурист Ерже. Стрипот бил нарачан од белгискиот конзервативен весник Le Vingtième Siècle (прев. XX век) како дел за детскиот додаток Le Petit Vingtième (прев. Малите дваесетти), и излегувал секоја седмица од август 1934 до октомври 1935, а подоцна бил издаден како збирка од страна на Кастерман во 1936. Приказната продолжува од крајот на претходниот дел Цигарите на фараонот, а се раскажува за младиот белгиски репортер Тинтин и неговото куче Милу, кои биле поканети во Кина за време на јапонската инвазија на Манџурија од 1931. Таму тој ги разоткрива тајните планови на јапонските шпиони и спречува синџир на трговија со дрога.

Цртајќи го Синиот лотос, Ерже обрнал повеќе внимание на точно и прецизно претставување на источната култура и општество. Тој бил помогнат од својот пријател Женг Хронгрен, кинески студент на студии во Белгија, со цел повешто да ги жигоса европските заблуди и предрасуди за Кина, како и да упати критика кон јапонските окупатори. Синиот лотос доживеал успех во Белгија, по што бил испечатен и во Франција и Швајцарија, а за популарноста на стрипот дознал и Чанг Кај Шек, кој го поканил Ерже да ја посети Кина. Ерже ги продолжил Авантурите на Тинтин со шестото продолжение Скршеното уво, додека целиот серијал станал главно обележје на француско-белгиската школа на стрипот. Во 1946, Синиот лотос бил делумно прецртан во боја од страна на авторот и неговиот тим помошници, во текот на преработката биле сменети некои ситни детали. Освен Тинтин, во стрипот се појавуваат г. Довсон и Чанг Чон Ченг. Во 1991 стрипот бил прикажан како епизода од цртаниот филм Авантурите на Тинтин. Синиот лотос наишол на позитивни реакции од читателите и стручната јавност, а се смета за едно од најдобрите остварувања на Ерже.

Наводи

Користена литература

Надворешни врски The Blue Lotus at the Official Tintin Website The Blue Lotus at Tintinologist.org

Категорија:Книги од 1936 година