Карпошово востание — вооружено востание дигнато во 1689 г. на територијата на Македонија. Востанието го носи името по својот водач Карпош. Непосреден повод и охрабрување за подигање на востанието дала големата Австриско-турска војна, а неговите корени лежеле во незавидната економско-општествена и политичка положба на македонскиот народ.

Во чест на востанието бил наречен плоштадот „Карпошово востание“ на почетокот на Старата чаршија во Скопје. Од 2013 г. плоштадот го носи името „Филип II“.

Продирање на австриска војска во Македонија

Во 1683 година Османлиите по вторпат се обиделе да ја заземат Виена. Меѓутоа по двомесечна опсада, на градот му пристигнала помош од Австрија австриската, а исто така и полската војска предводена од полскиот благородник Јан Собјески, па турската војска претрпела пораз што довел до огромни територијални, материјални и човечки жртви. Набргу потоа, во март 1684, против Османлиското Царство била создадена Света лига, во која покрај Австрија и Полска, влегле и Венеција, а подоцна и Русија. Продирајќи постепено кон југ, Австријците стигнале дури до Македонија. Веќе на 25 октомври 1689 тие, предводени од генералот Силвио Пиколомини, влегле во Скопското Поле, каде што со радост ги пречекало населението од околните села. Истиот ден влегле во напуштениот град, кој бил полн со прехранбени производи и трговски стоки. Премногу оддалечен од својата главнина, Пиколомини решил веднаш да се повлече од градот, кој претходно Скопски пожар од 1689 го опожарил поради чума. Пожарот беснеел цели три дена на 26 октомври, 27 октомври и 28 октомври 1689 и го уништил најголемиот дел од Скопје. Скопје тогаш бил споредуван со Прага. Во писмото до австрискиот цар Леополд, генералот Пиколомини пишува: „Градот Скопје е голем речиси колку Прага. Тој е без ѕидини и ровови. Го најдов напуштен и лишен од сите скапоцености, но богато е снабден со стоки.“

По повлекувањето од Скопје, Австријците извршиле уште неколку пробиви во длабината на македонската територија. Таков еден пробив извршил херцогот Холштајн, кој во меѓувреме го заменил умрениот од чума Пиколомини. Тргнувајќи од логорот крај кумановското село Оризари, австриските одреди се нашле пред Штип, во зорите на 10 ноември 1689. Тука дошло до најжестокиот и најголем судир помеѓу австриските и турските војски на територијата на Македонија. Оставајќи зад себе околу две илјади мртви, турските војски биле принудени на повлекување. Австријците го запалиле градот, а потоа на враќање, тие разбиле уште еден турски одред од 300 души. Во средината на ноември кон Тетово биле испратени доброволци Албанци-католици, кои успеале да уништат преку 600 Турци и да запленат неколку стотици грла добиток. Најпосле, на 20 декември од Приштина кон Велес тргнал еден австриски одред, во чиј состав имало и Срби, предводен од капетанот Саноски. Одредот влегол во Велес, каде биле отепани триесет Турци, а имало и заробени. Градот бил ограбен и делумно запален, но на враќање одредот бил нападнат од јаничари, при што Саноски добил смртоносни рани.

Подигање и тек на востанието

Во годините на Австриско-турската војна дошло до нагло влошување на економската и политичката положба на населението во земјата. Даночниот притисок, несигурноста и насилствата зеле дотогаш невидени размери. Воените операции ја гонеле државата да го засили принудниот откуп на житата, фуражот, добитокот, дрвата и на други селскостопански производи, по цени далеку под нивната вредност. Биле воведени и ред нови вонредни давачки. Во ова тешко време рајата страдала и од зулумите на турските вони дезертери и одметници од централната власт, меѓу кои посебно се истакнувал злогласниот Јеген-паша, бившиот румелиски беглербег, кој со околу 10.000 одметници пљачкосувал по Балканот. Централната власт успеала да го ликвидира дури во февруари 1689 година. лево|мини|Карпош — споменик во Кратово.Дело на Боро Митриќески (1970 год) Воената катастрофа и хаотичната внатрешна положба во Османлиското Царство создале погодни услови за широк замав на ајдутството во сите делови од Македонија, а особено во Мариовско, Битолско, Тиквешко, Велешко, Штипско, во Доспат Планина и во северното гранично подрачје. Во таквата атмосфера, ненадејниот продор на австриската војска имал посебно дејство врз расположбата на македонскиот народ. Кон средината на октомври 1689, во североистичниот дел на Македонија, на просторот помеѓу Ќустендил и Скопје избувнало востание, на чело со познатиот ајдутски арамбаша Карпош. Главно упориште на слободната востаничка територија станала Крива Паланка, која и пред тоа била ослободно турско утврдување, изградена во 1636 година. Тука на востаниците им паднале в раце шест топови. Освен тоа, востаниците изградиле и сосем ново утврдување кај Куманово. Не е исклучено тие да биле во врска и да содејствувале со австриските одреди, особено во времето на нивниот продор во Македонија. Современите турски хроники и месното народно предание го титулираат Карпош како „крал од Куманово“, која титула му ја дал или потврдил австриски цар Леополд I, праќајќи му притоа и калпак, како надворешен знак за признанието.

Пораз и последици од востанието

thumb|left|250px|Плоча на Камен Мост во Скопје, во спомен на Карпош мини|лево|Наредба за убиството на Карпош Набргу дошло да пресврт на воено-политичката ситуација на Балканот, што имало пресудна улога за натамошната судбина на востанието. Османлиите презеле енергични чекори за стабилизација на ситуацијата во земјата и започнале подготовките за напад против македонските востаници и австриската војска. На помош на турските војски им пристигнал кримскиот хан Селим Гирај со своите борбени и жестоки татарски одреди.

На советувањето во Софија, на 14 ноември 1689, било решено во напад да се тргне преку Ќустендил, односно најпрвин да се ликвидира Карпошовото востание. Прва на удар била Крива Паланка, каде неколку илјади востаници се подготвувале за напад на Ќустендил. Дознавајќи за големата надмоќност на противникот, востаниците ја запалиле Крива Паланка и отстапиле кон Куманово. Веќе идниот ден турските и татарските одреди се појавиле и пред овој град. Востаниците го дочекале непријателот пред новоизградената тврдина. Во судирот бил заробен Карпош заедно со голем број востаници. Последен отпор бил даден од тврдината, која била преземена на јуриш, а нејзините бранители биле уништени. Победниците сега се упатиле кон Скопје, водејќи ги со себе заробените востаници. Во Скопје, крај Камениот мост на Вардар, Карпош бил изведен пред Селим Гирај, набиен на колец, а потоа избоден од татарските копја и фрлен во реката. Тоа се случило во првите денови на декември 1689 година. Трагичната смрт на Карпош го означувала истовремено и крајот на востанието.

Последици од востанието и прогласите на царот Леополд I мини|По повлекувањето на австриската војска, дел од населението ги напуштило своите места и се повлекло кон север. Подоцнежни уметнички претстави на балканските миграции од тој период се појавиле во дела како Сеоба Срба (1896) од Паја Јовановиќ. Македонскиот селанец скапо го платил својот обид за ослободување. За мнозина единствен спас било бегањето далеку на север, зад Сава и Дунав. Дел од нив подоцна преминале дури и во Русија, создавајќи таму свои војнички колонии и одделен „Македонски полк“, кој дејствувал во состав на регуларната руска војска. Во запустените предели од северозападна Македонија започнало масовно населување на албанско население.

На 6 април 1690 година, светиот римски цар Леополд I (1657-1705) издал манифест, со кој ги повикува „сите народи кои по сета Албанија, Србија, Мизија, Бугарија, Силистрија, Илирија, Македонија, Рашка живеат, да им се придружат на Австријците и против Турција на оружје да се дигнат“.

Речиси истовремено, на 26 април 1690, Леополд издал и едно писмо (проглас) со кое го земал под заштита македонскиот народ. Иницијатори на неговото издавање биле Марко Краида, родум од Кожани и Димитрија Ѓорѓи Поповиќ, родум од Солун. Тие, како офицери (капетани) во војската на Светото Римско Царство побарале прием кај царот Леополд I, а причина за ваквиот нивни гест најверојатно бил претходниот проглас.

Со ова ставаме до знаење дека од наша страна беа примени двајца Македонци: Марко Краида од Кожани (наш капетан) и Димитрија Ѓорѓи Поповиќ од Солун, родени во Македонија, кои изложија на кој начин македонскиот народ, гледајќи ја најправедната наша кауза и со жар и ревност кон нашата служба, искрено и со наклонетост се стреми да премине од ужасното турско ропство во нашата послушност и преданост, само доколку би бил осигуран со нашата милост и заштита.

Поради тоа, од нашата вродена добрина и од милосрдието со кое сме понесени да ги заштитуваме оние што се наклонети кон нас и кон светата христијанска вера, го примаме и го прифаќаме целиот македонски народ како целина и како поединци, под нашата царска и кралска милост.

На сите наши воени службеници пријателски им заповедаме да не го вознемируваат спомнатиот македонски народ на никаков начин, ниту да се осмелат да му нанесат штета, туку според можностите во секоја прилика да го заштитуваат, да го бранат и во тоа да му помагаат, а исто така и да го уверат и осигураат во нашите царски и кралски милости, како и во зачувувањето на своите права и слободи.

И доколку некои (според зборовите на наведените наши капетани) од истиот народ посакаат да служат под нашите знамиња, тие намери треба повеќе да се поттикнуваат отколку да се спречуваат, како што со ова благонаклоно им дозволуваме: со знаење и одобрение на нашиот таму главен командант, да се собираат во своја чета и посебно да дејствуваат или да се приклучат кон нашите сили и така да се борат против заедничкиот непријател.

За таа цел тие ќе се претстават кај наведениот генерал според неговите наредби за заедничко добро и со Божја помош, ќе ги чуваат нашите позиции и колку што е во нивна моќ ќе соработуваат извонредно во сите прилики.

Објавено во Виена, 26 април 1690 година.

На 31 мај 1690 царот издал уште едно писмо, со кое ја проширил својата заштита на населението во Бугарија, Србија, Македонија и Албанија. Меѓутоа Македонија одново станала длабока провинција на Османлиското Царство, па манифестот и заштитните писма на австрискиот цар не можеле да имаат некое позначајно дејство врз положбата на македонскиот народ.

Карпошовото востание како мотив во уметноста „Буната Карпошова“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.Блаже Конески, Песни. Скопје: „Кочо Рацин“, 1953, стр. 57-61.

Поврзано Карпош Скопски населби именувани по Карпош Плоштад „Карпошово востание“ — поранешно име на „плоштадот Филип II“ во Скопје

Наводи

Извори Историја на македонскиот народ, Институт за национална историја, Просветно дело, Скопје, 1972

Надворешни врски Крвава епопеја на македонскиот народ Карпошовото востание, Драган Ташковски Карпошово востание Кумановски крал Карпош, Проф. Д-р Александар Димиќ - Паланчански Карпошовото востание 1689 година, Историја на Силахдер

Категорија:Голема турска војна Категорија:Македонски востанија Категорија:Историја на македонскиот народ