мини|Омер Фарук Текбилек во 2009 година Омер Фарук Текбилек (турски: Ömer Faruk Tekbilek, роден во 1951, Адана, Турција) - турски музичар и композитор на народна музика.

Животопис Омер Фарук Текбилек е роден во 1951 година, во Адана. Во 1971 година ја запознал својата идна сопруга Сузан, поради која во 1976 година се преселил во државата Њујорк, во САД.Омер Фарук Текбилек, Дирекција за култура и уметнпст - Скопје и Институт Јунус Емре-Турски културен центар Скопје, 2017.

Творештво Текбилек е еден од најпознатите композитори и изведувачи на турска народна музика. Тој свири на кавал, зурла, неј, саз, тарабука, ут и на неколку други дувачки, ударни и жичени народни инструменти. Музичкиот стил го темели врз традиционалната суфиска уметност и врз арапската традиционална музика кои ги поврзува со амбиенталната електронска музика. Четирите столба на неговата креативност се: мистицизмот, романтиката, фолклорот и имагинацијата. Музичката кариера ја започнал уште во младоста, кога соработувал со најпознатите турски музичари од крајот на 1960-тите: флејтистот Орхан Генчебеј, саксофонистот Исмет Сирал, перкусионистот Бурхан Тонгуч и со повеќе познати пејачи. Откако станал познат во Турција, започнал турнеја низ Европа и Австралија, а во 1971 година настапувал и во САД како член на турскиот класичен фолк ансамбл. Во САД ја формирал групата „Султан“, заедно со клавијатурист од Египет, еден музичар на бузуки од Грција и братот на сопругата, кој свирел на ударни инструменти. Најпрвин, групата свирела поп-музика, но набргу се свртеле кон традиционалната музика од Блискиот Исток при што групата снимила пет албуми.

Поширока светска популарност Текбилек стекнал во 1998 година, кога соработувал со американскиот композитор, продуцент и гитарист Брајан Кин (Brian Keane), снимајќи заедно неколку композиции. Потоа, Текбилек започнал да снима филмска музика, како и музика за телевизиски реклами. Исто така, Текбилек соработувал со голем број познати светски музичари, како: Дон Чери, Карл Бергер, Џинџер Бејкер, Офра Хаза, Симон Шахин, Енрике Моренте итн. Во текот на својата долга кариера соработувал со повеќе продуцентски куќи и снимил над 20 албуми. Како признание на неговата уметничка дејност сведочат многубројните награди кои ги освоил, меѓу кои и: US Golden Belly Musician of the Year (1998 и 1999 година) и BBC World Music Award во категоријата на земјите од Блискиот Исток (2003 година). На 21 јуни 2017 година, Текбилек одржал концерт во Македонската опера и балет во Скопје, на отворањето на „Скопско културно лето“, свирејќи заедно со неговиот ансамбл во состав: Алесандро Гвис (клавијатури), Бахадир Сенер (канон), Федерико Ферандина (гитара), Ратко Даутовски (ударалки) и Вагелис Карипис (ударалки).

Наводи

Категорија:Турски музичари Категорија:Американски музичари Категорија:Народни музичари Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1951 година