Проф. д-р. Димитар Ќорнаков (, Стојаково, Гевгелиско - , Скопје) — македонски историчар на уметноста и публицист, припадник на првата генерација македонски истражувачи на средновековната уметност. На уметноста на копаничарството и посветил најголем дел од својата истражувачка и научна работа.

Животопис Ќорнаков е роден 1927 година во селото Стојаково кај Богданци. Основно образование завршил во родното место. Учел богословија во Битола и во Софија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“, на групата историја на уметностите. Докторирал на Универзитетот во Белград на тема „Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на XVIII и XIX век“. Тој бил учесник во НОБ – во IХ Македонска (Тиквешка) бригада, а потоа бил назначен за прв македонски учител во Валандово во 1944 година. Повеќе од 35 години работел во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата како историчар на уметноста, додека последните години од работниот стаж работел во Институтот за старословенска култура во Прилеп. Бил повеќегодишен директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Како стипендист на италијанската влада, тој бил на специјализација во Рим, во Централниот институт за реставрација, во 1962 и 1963 година. Темелно го проучувал творештвото на мијачките резбари (копаничари) во црквите и манастирите на Балканскиот Полуостров: Македонија, Бугарија, Егејска Македонија, Албанија и Косово, како и творештвото на епирските резбари во Епир, Тесалија и полуостровот Пилио кај Волос и Метеора. Двапати престојувал на Света Гора, во 1984 и 1987 година, каде што ги проучувал резбаните иконостаси во повеќето светогорски манастири. Раководел и остварил три научни проекти: „Полошки манастир Св. Ѓорѓи – Тиквешко, Манастир Св. Никола – Слепче, Прилепско, и сакрални објекти – цркви и манастири во Македонија.

Починал на 18 јуни 2020 година, во Скопје, на возраст од 92 години.

Творештво Објавил повеќе стручно-научни трудови во списанијата: „Културно наследство“, „Балканославика“, „Зборник на Музејот на Македонија“, „Пелагонитиса“ и други. Раководел и остварил проекти за конзервација и реставрација на: Полошкиот манастир „Св. Ѓорѓи“, Манастирот „Св. Преображение“ во Зрзе, Прилепско, Манастирот „Св. Архангел“ во село Варош, Прилепско, Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, Црквата „Св. Богородица Каменско“ во Охрид и др.Преглед на печатени книги, стручно-научни трудови, сценариј и репортажи на проф. д-р Димитар Ќорнаков, историчар на уметноста од 1956 до 2009 г.

Учествувал на повеќе конгреси и симпозиуми во земјата и странство.

Монографии Автор е на монографските трудови: Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на XVIII век, Македонска резба, Македонски манастири, Резбарски центри во Македонија, Петре Гарката, Од Првиот грев до Страшниот суд, Цркви и манастири во Тиквешијата, Копаничарот Макариј од Галичник, Полошки манастир Св. Ѓорѓи, Сливнички манастир, Царски двери, Копаничарот Димитар Станишев од Крушево, Од Рождество до Распетие и Воскресение и др.

Соавтор е на монографиите: Манастир Свети Наум, Манастир Бигорски, Манастир Света Богородица Пречиста Кичевска, Споменици на културата во Македонија и Цркви и манастири во Јужновардарска Долина.

Награди Ќорнаков е добитник на национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградите: Награда „Св. Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата, и „ Награда „13 Ноември“ на Град Скопје.

Наводи

Категорија:Луѓе од Стојаково Категорија:Починати во Скопје Категорија:Апсолвенти на Филозофскиот факултет - Скопје Категорија:Македонски историчари на уметноста Категорија:Македонски публицисти Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Југословенски историчари на уметноста Категорија:Југословенски публицисти Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Добитници на наградата „13 Ноември“ Категорија:Добитници на наградата „Св. Климент Охридски“