Удвоените согласки во македонскиот јазик се две согласки едноподруго во префиксирани зборови, во членувани именки, како и во формите за суперлатив.
Како удвоени се јавуваат: т, д, с, з, ј, л, м, в и р.
Удвоени т и д Согласките т и д се пишуваат удвоено во префиксирани зборови кога основниот збор почнува со т или д, а пред него стојат претставките од-, под- и над-.
Примери: оттука, оттаму, поттик, поттикнува, оттогаш, оттуши, поттури, наттрча, оттиши, оттурне; одделно, оддели, оддалеку, одделение, оддел, оддава, оддалечен, оддаде, оддене, оддесно, оддивне, оддив, поддава, поддржи, поддршка, поддувне, наддаде, наддава, наддавач, наддели.
Согласката т се пишува удвоено и во членуваната форма кај именките од женски род на -т.
Примери: смртта, потта, пролетта.
Исто така две т се пишуваат и во членуваната форма на простите броеви, како и бројните придавки образувани од броеви што завршуваат на -т.
Примери: деветте, седумнаесетте, деветти, деветтиот, осумнаесеттиот, седумнаесетти.
На истиот начин се пишуваат и бројните форми со значење на дропка.
Примери: една деветтина, една петтина.
Удвоени с и з Согласките с и з се пишуваат удвоено во префиксирани зборови кога основниот збор почнува со с или з, а претставката е: из-, без- или раз-.
Примери: бессонен, бессоница, бессолен, бессочен, бессочност, нессемеен, бессилен, бессемен, рассили, обессили, безземјен, беззаконие, беззаконик, беззабен, раззелени, раззаби, разземе, раззори, иззавитка, иззаклучи, иззабради, иззакрпи, иззапали, иззаврзе, иззавитка.
Удвоено м Удвоено м се пишува во бројните форми за лица.
Примери: осуммина, седуммина, дваесет и осуммина.
Удвоено ј Удвоено ј се пишува во суперлативот од придавки што започнуваат со ј.
Примери: јасен - најјасен, јужен - најјужен, јадар - најјадар, јак - најјак, јуначен - најјуначен, јаростен - најјаростен.
Удвоено в Удвоено в се пишува во случај кога имаме префиксиран збор кој почнува со в, а претставката завршува со в.
Примери: противвредност, противвоздушен, противвоен.
Удвоено л Удвоено л се пишува во зборовите: абдаллак, бакаллак, ѕвездаллија, јамболлија, каллив, овтикаллија, параллија.
Удвоено п Удвоено п се пишува во зборот: супполарен.
Удвоено р Удвоено р се пишува во странски сложени зборови.
Примери: суперревизија, суперрадио.
Извор Круме Кепески, Граматика на македонскиот литературен јазик: за училиштата за средно образование, Просветно дело, Скопје, 1990.
Категорија:Правопис на македонскиот јазик Категорија:Фонетика на македонскиот јазик