Винеке 4 (Winnecke 4, WNC 4) или Месје 40 (M40) — двоѕвезда во соѕвездието Голема Мечка.
Откриена е од францускиот астроном Шарл Месје во 1764 г. додека барал маглина спомената во списите на Јан Хавелиј. Не наоѓајќи маглина, Месје ја завел оваа двоѕвезда. Истата е повторно откриена од германскиот астроном Фридрих Август Теодор Винеке во 1863 г. и внесена во неговиот каталог на двоѕвезди под бр. 4. Американскиот астроном Роберт Бернам ја нарекол M40 „една од малкуте вистински грешки во Месјеовиот каталог“, критикувајќи ја Месјеовата одлука да ја стави во неговиот каталог, иако знаел дека не се работи за маглина. Маглина која ја забележал Хавелиј веројатно била блиската спирална галаксија NGC 4290. Со сјајност од 12, галаксијата е доволно голема за да биде видлива со голем телескоп од тоа време, но не доволно сјајна за инструментот на Месје. Во 1991 г. е измерено дека составните делови на Винеке 4 се оддалечени 51,7", што значи дека растојанието меѓу нив во меѓувреме се зголемило. Податоците добиени од астрономите Брајан Скиф (2001) и Ричард Л. Нуџент (2002) укажале на тоа дека се работи за оптички двоец, а не физички поврзан систем. Во 2016 г. направени се паралаксни мерења од леталото „Гаја“, со што е конечно утврдено дека двете ѕвезди од двоецот (HD 238107 и HD 238108) се сосема неврзани, потврдувајќи ги претходните претпоставки. Оддалеченоста на објектите изнесува 350±30 и 140±5 парсеци, од кои подалечниот е двапати подалеку од поблискиот.
Наводи
Надворешни врски
Месјеов објект 40 — SEDS Слика на Месје 40 направена со CCD LRGB при двочасовно изложување
Категорија:Двоѕвезди Категорија:Жолти џуџиња Категорија:Портокалови џинови Категорија:Месјеови објекти Категорија:Голема Мечка (соѕвездие) Категорија:Орионов Крак Категорија:Астрономски тела откриени во 1764 година Категорија:HD-објекти