Јаго Аспас Хункал (шпански: Iago Aspas Juncal; роден на 1 август 1987, во Моања) — шпански фудбалер, напаѓач на Селта Виго и на шпанската репрезентација.

Тој го поминал поголемиот дел од својата кариера во Селта Виго, играјќи во 493 службени натпревари во текот на 15 сезони и постигнувајќи 204 голови. Тој го направил своето деби во Примера Дивисион токму со Селта во 2012 година, за потоа да се пресели во Ливерпул следната година, враќајќи се во Селта во 2015 година, после една сезона на позајмица во Севиља.

Дебитирал за шпанската репрезентација во 2016 година. Аспас ја претстававувал својата земја на Светското првенство 2018 во Русија.

Биографија Тој има постар брат, Хонатан, кој исто така е фудбалер и исто никнал во младинскиот сектор на Селта. Нивните братучеди, Аитор Аспас, Раул Бланко и Адријан Крус се занимаваат со истиот спорт.

Аспас има три деца со својата сопруга Џенифер Руеда, со која се оженил во јуни 2019 година.

Клупска кариера Селта

Аспас е роден во Моања, Провинцијата Понтеведра, Галисија. Никнат во младинските редови на локалниот клуб Селта Виго, тој го направил своето деби за првиот тим во сезоната 2007–2008 во Сегунда Дивисион. Година дена подоцна, на 6 јуни 2009, Аспас го одиграл својот втор натпревар за клубот, влегувајќи од клупата за резерви во 59-тата минута против Алавес, тој ги постигнал двата гола за неговата екипа во победата со 2–1 на домашен терен, што била од есенцијално значење за да може клубот да избегне испаѓање во понизок ранг на крајот од сезоната.

Аспас бил дефинитивно промовиран во првиот тим за време на сезоната 2009–2010, играјќи 36 натпревари во второто ниво на кој постигнал и пет гола. Во сезоната 2011–2012, тој постигнал рекордни во кариерата 23 гола, завршувајќи како втор најдобар стрелец во првенството зад напаѓачот на Алмерија на Леонардо Улоа и придонесувајќи обилно за Селта да може да се врати во Примера Дивисион по петгодишно отсуство. Како награда за неговите настапи, тој бил избран за најдобар напаѓач и добитник на Трофејот Зара.

Своето деби во елитната шпанска дивизија Аспас го направил на 18 август 2012 година, започнувајќи во поразот на домашен терен од Малага 0-1. Својот прв гол во Примера го постигнал следниот месец, придонесувајќи за победата со 2-0 над Осасуна на Балаидос, додавајќи уште 11 во текот на сезоната за да му помогне на тимот да избегне испаѓање во последното коло од првенството, во кое тој обезбедил асистенција за голот на Начо Инса во победата со 1-0 над Еспањол.

На 15 март 2013, за време на поразот од 3–1 во Галисиското дерби против Депортиво Ла Коруња, Аспас бил исклучен по половина час поради удирање на Карлос Марчена.

Ливерпул Во мај 2013 година, нашироко се шпекулирало дека била договорена сума од 7 до 9 милиони фунти за Аспас да му се приклучи на Ливерпул, во очекување на лични услови и медицинските прегледи. На 13 јуни, двата клуба постигнале договор за купување на играчот од страна на црвените, под услов да се комплетира документацијата, но тоа било одложено кога неговиот поранешен агент побарал од Шпанската кралска фудбалска федерација да ја запре меѓународната дозвола поради спор околу неговото застапување; сепак, договорот конечно бил завршен, на 23 јуни, и тој потпишал за Ливерпул земајќи го дресот со број 9.

thumb|right|Менаџерот на Ливерпул, Брендан Роџерс, му дава инструкции на Аспас во август 2013 година Аспас го направил своето деби за Ливерпул на 13 јули 2013 година, постигнувајќи го својот прв гол, како и асистенција за Рахим Стерлинг во претсезонската победа со 4–0 во пријателски натпревар против Престон Норт Енд. Тој го направил своето деби во Премиер лигата на 17 август, обезбедувајќи асистенција за Даниел Стариџ во победата со 1–0 над Стоук Сити на Анфилд.

Својот прв гол во официјален натпревар за Ливерпул, го постигнал на 5 јануари 2014 година, во победата со 2–0 над Олдам Атлетик во ФА Купот. За време на неговиот престој при црвените, тој играл улога на втора виолина за Филипе Коутињо, Стерлинг, Стариџ и Луис Суарес во освојувањето на второто место во првенството; мачејќи се и со своето ограничено познавање на англискиот јазик, Аспас ја завршил сезоната со само 15 настапи за Ливерпул и еден постигнат гол.

Севиља На 14 јули 2014 година, Аспас се вратил во својата татковина, приклучувајќи и се на Севиља на позајмица од крајот на сезоната 2014-2015, со последователен задолжителен откуп на крајот на сезоната кој би требало да му осигури договор со клубот на три години. Своето деби го направил на 12 август во натпреварот од Суперкупот на УЕФА 2014 на Стадионот Кардиф Сити, заменувајќи го другиот "новајлија" Алеиш Видал по 66 минути во поразот со 0–2 од Реал Мадрид.

На 14 септември 2014 година, Аспас се појавил за првпат во дресот на Севиља во првенствен натпревар, влегувајќи на местото на Карлос Бака во последните седум минути од победата на домашен терен со 2-0 против Хетафе. Неговиот прв гол за новиот клуб дошол на 2 октомври, кога го отворил резултатот во ремито 2-2 против ХНК Риека во групната фаза на Лига Европа. Кон крајот на тој месец тој ги одиграл сите 90 минути и постигнал хет-трик во победата со 6-1 против Сабадел во Купот на Шпанија, додавајќи уште еден за само четири минути во победата со 5-1 во реваншот; последователно, тој заедно со Нејмар, завршиле како најдобри стрелци на турнирот, со по седум гола.

Првиот првенствен гол на Аспас за Севиља тој го постигнал на 1 февруари 2015 година, победничкиот во успехот со 3–2 над Еспањол. Претходно во натпреварот, тој упатил удар по кој противничкиот голман Кико Касиља интервенирал со рака надвор од шеснаесетникот, што резултирало со исклучување на голманот.

Враќање во Селта На 12 јуни 2015 година, Севиља го потпишала Аспас од Ливерпул како дел од договорот меѓу двата клуба склопен претходното лето, за потоа истиот ден да го продаде во Селта. Висината на трансферот изнесувала 5 милиони евра, а играчот потпишал петгодишен договор со клубот во кој ја започнал својата кариера. На 23 септември, тој постигнал два гола во победата со 4-1 на домашен терен над Барселона.

Аспас бил избран за Играч на месецот во Ла Лига за октомври 2016 година, откако постигнал пет гола, вклучително и погодоци во победата со 4–1 против Депортиво и ремито 3–3 со Лас Палмас, за како шлаг на тортата да додаде и гол и асистенција во победата со 4–3 над актуелниот шампион Барселона. На 23 февруари, тој постигнал гол од пенал во последените моменти на реваншот од шеснаесеттина финалето на Лига Европа против Шахтјор Донецк за да го одведе двомечот во продолженија, по што шпанците излегле како победници.

На 21 мај 2017 година, во последниот натпревар за сезоната, Аспас постигнал гол од пенал во ремито 2–2 на домашен терен против Реал Сосиедад, достигнувајќи до 19 гола (негов личен рекорд), кои му овозможиле да го освои Трофејот Зара. Следната сезона, тој повторно бил најдобриот шпански стрелец во лигата со 22 гола, заостанувајќи единствено само зад Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Луис Суарес. Тој постигнал хет-трик во победата од 5–2 над Лас Палмас на 16 октомври 2017, и во победата со 4–0 над неговиот поранешен тим Севиља на 7 април, како и два гола во победата со 3–1 во дербито против на крајот испаднатиот Депортиво; на 5 ноември 2017 година, со уште два гола во поразот на домашен терен со 3–1 од Атлетик Билбао, тој дошол до 100 гола за својата Селта, избивајќи на шесттото место на клупската листа на стрелци на сите времиња.

Во сезоната 2018–2019, Аспас отсуствувал поради повреда на потколеницата три месеци од крајот на декември, при што Селта паднала од 9-тото на 18-тото место на табелата. Тој постигнал два гола во победата со 3–2 над Виљареал по враќањето на терен на 30 март 2019 година, во натпреварот што бил и неговиот 300-ти за тимот. Аспас потпишал нов договор со клубот до 2023 година, кога била и стогодишнината на клубот.

На 24 јуни 2020 година, Аспас го постигнал единствениот гол во натпреварот против Реал Сосиедад со што стигнал до бројката од 100 голови во Примера во 209 натпревари; само четворица играчи од шпанската граѓанска војна наваму го сториле тоа побрзо. Три дена подоцна, тој го постигнал 150-тиот гол за Селта во неговиот 339-ти натпревар за клубот, ремито 2-2 со Барселона. На 30 јуни, го постигнал својот 100-ти гол за клубот во Примера во поразот со 5-1 од Мајорка.

Аспас постигнал гол во поразот од 3–1 на домашен терен од Реал Сосиедад на 1 ноември 2020 година, со неговиот 105-ти гол за тимот во првата дивизија, кршејќи 69-годишен рекорд поставен од Хермидита. Тој повторно бил избран за најдобар во лигата за декември, придонесувајќи за осум од 11-те гола на Селта, бидејќи тие биле непоразени во пет натпревари. На крајот на сезоната, тој успеал да постигне барем 14 гола за шестта година по ред; според различни извори, неговиот 160-ти гол го израмнил со Нолете како втор најдобар клупски стрелец, или го надминал основачкиот член Рамон Поло како најдобар стрелец на клубот на сите времиња.

На 6 ноември 2021 година, Аспас постигнал два гола со кои му помогнал на неговиот тим да се врати од 3-0 до 3-3 против Барселона, вклучувајќи го и погодокот во шесттата минута од дополнителното време. Тој постигнал вкупно 17 голови за сезоната за повторно да стане најдобар национален стрелец.

Во ноември 2023, Аспас се нашол на насловните страници на спортските изданија во Шпанија, откако во фрустрација го фрлил ВАР мониторот од теренот на земја по одлуката на Селта да и се ускрати пенал во последните моменти од ремито 1-1 со Севиља. На 17 февруари 2024, тој го постигнал својот 200-ти гол во кариерата во поразот на домашен терен од Барселона со 1-2.

Репрезентативна кариера

Во декември 2012 година, Аспас, заедно со Мичу, бил известен да биде подготвен да добие повик од селекторот Висенте дел Боске за да дебитира за шпанската репрезентација, во пријателски натпревар против Уругвај на 6 февруари 2013 година во Доха, Катар. Сепак, ниту еден од двајцата споменати играчи не учествувал во тој натпревар.

Аспас конечно го добил својот прв повик во репрезентацијата на 15 ноември 2016 година, под водство на новиот тренер Хулен Лопетеги, заменувајќи го Хуан Мата на почетокот од второто полувреме од пријателскиот натпревар против Англија, постигнувајќи го во истиот и својот прв гол за својата земја. На 24 март следната година, тој ги одиграл последните шест минути од домашната победа со 4-1 над Израел во квалификациите за Светското првенство 2018.

После три одиграни натпревари во квалификациите и два постигнати гола, Аспас бил вклучен во составот од 23 играчи за завршницата на Светското првенство 2018 во Русија. Дебитирал на турнирот на 15 јуни, заменувајќи го Диего Кошта, кој постигнал два гола, за последните 14 минути од првиот натпревар од групната фаза против што завршил 3-3; десет дена подоцна, откако го заменил истиот играч, во последните минути тој постигнал гол со пета за да и помогне на својата репрезентација да израмни на 2–2 против Мароко и да се пласира во нокаут-фазата како први во групата.

На 1 јули 2018 година, повторно откако го зазел местото на Кошта, Аспас бил еден од двајцата шпански играчи кои промашиле удар од белата точка во поразот со 4-3 на пенали од Русија во осминафиналето.

Во март 2023 година, по речиси четири години без настап, сега веќе 35-годишниот напаѓач бил повикан од новиот селектор Луис де ла Фуенте за квалификациските натпревари за Европското првенство 2024 против Норвешка и Шкотска. Тој бил стартер во победата со 3-0 над Норвешка, додека во поразот со 2-0 од Шкотска три дена подоцна се појавил во игра од клупата за резерви во 57-мата минута.

Хронологија на репрезентативните настапи

Титули Клупски Севиља Лига Европа : 1 2014-2015

Поединечни Најдобар стрелец на Купот на Шпанија: 1 2014-2015 (7 гола, изедначен со Нејмар)

Трофеј Зара: 4 2016-2017, 2017-2018, 2018-2019, 2021-2022

Наводи

Надворешни врски

Јаго Аспас на soccerway Јаго Аспас на transfermarkt Јаго Аспас на espn Јаго Аспас на whoscored Јаго Аспас на worldfootball

Категорија:Родени во 1987 година Категорија:Живи луѓе