Ивица Милевски (р. во ) — универзитетски професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет на Скопскиот универзитет.

Животопис Образование

Основно и средно училиште завршил во Куманово. Во 1995 година дипломирал на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ). Следната година, на истиот институт се запишал на постдипломските студии - насока просторно планирање, на што и магистрирал во 2001 година. Докторирал на ПМФ во 2006 година на тема „Геоморфологија на Осоговскиот планински масив“, со што се стекнал со титула доктор на географски науки.

Кариера

Во 1996 година е примен како стручен соработник на Институтот за географија при ПМФ. Во 1999 година е избран во звањето помлад асистент, а во 2002 година, по магистрирањето, е избран во звањето асистент. Во овој период изведува вежби од повеќе предмети, главно од доменот на физичката географија. Во 2006 година бил избран за доцент, во 2011 година за вонреден професор, а во 2016 година за редовен професор на Институтот за географија при ПМФ.

Од изборот за доцент, изведува предавања од предметите: математичка географија, земјата и вселената, педогеографија, ерозија на почвата, далечинска детекција, геоинформатика и туристички информациски системи. Исто така, предава на вториот и третиот циклус студии на Институтот за географија. До сега, бил ментор на 2 докторанти, член на комисии на 4 докторски дисертации, како и ментор на повеќе магистранти. Има издадено еден универзитетски учебник, 3 предметни скрипти, еден учебник по географија за основно образование за дијаспората (во соавторство) и една научно-популарна книга „Вселена“ (во соавторство).

Научна дејност

Неговата научна дејност е главно од областа на физичка географија и ГИС. Во таа смисла, до сега има објавено 145 научни трудови, од кои 62 во меѓународни списанија и 30 во списанија со фактор на влијание. Исто така има објавено 5 поглавја во реномирани меѓународни монографии.

Автор е на околу 70 публикувани карти и ГИС производи, како и на Географски атлас на Светот во издание на Просветно Дело од Скопје. Исто така бил клучен национален ГИС експерт за изработка на Педолошка карта на Република Македонија во размер 1:200 000 и 1:50 000. До сега учествувал во преку 100 домашни и меѓународни, научни и апликативни проекти и стратегии, од кои во 34 како раководител на експертски тим и уште во 21 како клучен експерт за дадена специјалност. Учествувал на над 50 научни конференции, од кои 24 меѓународни и 2 светски конференции (IAG Geomorphology, Paris-2013; Geomorphometry, Poznan-2015). Бил член на научниот и организацискиот одбор на повеќе домашни и меѓународни конференции. Исто така, бил гостувачки уредник, член на уредувачки одбор и рецензент на повеќе престижни меѓународни научни списанија, како Frontiers in Environmental Sciences, Sustainability, Applied Sciences и други.

Издаваштво

Ивица Милевски е главен уредник на стручно-научното географско списание Географски Разгледи. Во 2011 година го покренува првиот географски портал во Република Македонија ИГЕО (со околу половина милион прегледи), во кој до сега има објавено околу 280 авторизирани статии (од вкупно 1100). Бил рецензент во повеќе меѓународни списанија.

Наводи

Категорија:Македонски универзитетски професори