Библиотекарство — наука за обработка и давање на користење на информативни ресурси. Воедно е и севкупната дејност на библиотеките и библиотечните работници http://www.makedonski.info/show/%D0%B1%D0%B8%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BE%D1%82%D0%B5%D0%BA%D0%B0%D1%80%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE/%D1%81%D1%80.

„Библиотекарството е збир на сознанија и знаења за принципите на селекција, набавка, организација и користење на печатените информации, во согласност со информациските барања и потребите на одредена група корисници“. http://old.nuub.mk/dmdocuments/PriracnikMladiBibliotekari.pdf.

Библиотека - поим и дефиниција

Поимот Библиотека доаѓа од грчкиот збор bibliotheke што значи збирка книги. Меѓутоа, низ историскиот развој на библиотеките и библиотечната дејност, особено со нејзиното институционализирање, доаѓа до измени и дополнувања на оваа дефиниција . И покрај тоа што денес може да се сретнат повеќе дефиниции за поимот библиотека, заедничко за сите нив е дека библиотеката е институција што собира, стручно обработува, чува и дава на користење библиотечен материјал.

За надминување на разликите во толкувањето и дефинирањето на поимот библиотека, UNESCO има донесено единствена дефиниција што е прифатена во голем број држави во светот. Според оваа дефиниција, под библиотека се подразбира работна организација што обезбедува трајно и организирано комплетирање на библиотечни фондови, нивна стручна обработка и откривање на нивните содржини, со цел за пренесување информации и задоволување на потребите на образованието, науката и научно-истражувачката работа, културата и другите сфери на општественото живеење.

Основни функции на библиотеката се:

·        планско комплетирање и одржување библиотечна граѓа;

·        обработка според прифатени правила и стандарди;

·        чување со примена на соодветни заштитни мерки,

·        информативна дејност,

·        достапност до фондовите и др.

Според карактерот на фондовите, начинот на обработката и видот на корисниците, библиотеките може да бидат:

·        научни (национални и универзитетски),

·        народни,

·        специјализирани,

·        високошколски

·        и училишни.

Задачите и функциите на национална библиотека на Република Македонија ги остварува Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Историски развој на библиотеките во светот и во Македонија

Библиотеките во почетокот на новата ера

Формирањето библиотеки на западните простори е тесно поврзано со периодот кога почнува замената на пергаментот со папирусот. Имено, во периодот од III-V век од новата ера, со примената на папирусот значајно се олеснува создавањето на книгата. Меѓутоа, со распаѓањето на Римското царство, доаѓа до општа декаденција и културна криза. Јавните и личните библиотеки се затвораат, а се отвораат библиотеки во црквите и во манастирите. За време на големата преселба на народите од IV-IX век од новата ера, уништени се многу културни текови. Во тешки времиња за културата не се поштедени ни библиотеките.

Библиотеките во среден век

Во средниот век повторно имаме обнова на културниот живот. Од IX-XIII век од н.е. се случуваат низа значајни општествени, политички и културни настани. Општествено-економските услови ја наложуваат потребата од што поголем број писмени луѓе, односно доаѓа до ширење на писменоста. Се отвораат училишта, факултети и универзитети. Меѓу попознатите ќе ги одбележиме универзитетите во Париз, Оксфорд, Кембриџ, Прага, Краков, Виена, Хајделберг, Климентовиот универзитет во Охрид и др. При овие образовни институции се отвораат библиотеки за потребите на студентите и наставниот кадар. Овие библиотеки се разликуваат од манастирските и од црковните библиотеки пред сè во однос на содржините на книжните фондови.

Ако направиме споредба помеѓу универзитетските и црковните - манастирските библиотеки, ќе забележиме значаен чекор напред во целокупното работење кај првите. Но и покрај тоа, универзитетските библиотеки се мошне далеку зад библиотеките од стариот век, кои имале јавен карактер и за нивната целокупна дејност се грижела државната власт. Вакви библиотеки човештвото ќе воведе дури во новиот век, со појавата на хуманизмот и ренесансата (средина на XIV и почеток на XVI век)

Библиотеките по појавата на печатената книга во XV век

Значајна улога во развојот на библиотеките одигрува и појавата на печатената книга. Љубовта кон неа добива невидени размери. Се формираат приватни збирки на книги, а се отвораат и првите јавни библиотеки. Периодот од XVIII, XIX и XX век го карактеризираат значајни општествени промени. Во овој период е изведена и Француската револуција, за која може да се каже дека од темел го разниша човештвото, како на политички така и на образовен и културен план. Создавањето услови за развој на образовни и научни институции придонесува за побрз развој на научната мисла, која од своја страна изврши силно влијание врз забрзувањето на чекорите на општествениот развој. Овие состојби позитивно се одразуваат и врз развојот на разните видови библиотеки и на библиотечната дејност воопшто. Според категоризацијата на УНЕСКО, дефинирани се главно следниве видови библиотеки: национални, општонаучни, народни, високошколски, специјализирани и училишни.

Појава и развој на библиотеките во Македонија

Појавата и развојот на библиотекарството на почвата на Македонија се тесно поврзани со епохалното дело на солунските браќа Кирил и Методиј. Тие на словенскиот род му ги дадоа првата писменост и првите книги а со тоа ги најавија и почетоците на библиотекарското дело на овие простори. Првите богослужбени книги, кои ги превеле од грчки на словенски јазик, истовремено ги претставуваат првите словенски книги во книжевните фондови на црковните и на манастирските библиотеки. Најистакнат продолжувач на нивното дело е нивниот најистакнат ученик Климент Охридски. Тој по смртта на Кирил и Методиј (Кирил умрел во 869 г. во Рим, а Методиј во Моравија во 885 година) развил богата културно-просветна и книжевна дејност во Македонија. За Климент Охридски може да се каже дека е првиот народен учител и основоположник на библиотекарското дело во Македонија.

Манастирските библиотеки во Македонија

Како прва и најстара манастирска библиотека во Македонија се споменува библиотеката во Климентовиот манастир „Св.Пантелејмон“ во Охрид. За манастирските библиотеки во Македонија поконкретни податоци имаме од средината на 19 век па наваму. Имено, овие манастири биле посетени од преродбенскиот учител, писател и новинар Јордан Хаџи Константинов - Џинот. Тој кажува дека во манастирот „Св.Климент“ имало многу книги “една полна соба“. Освен во охридскиот крај, со богати манастирски библиотеки располагале и манастирите од другите краишта на Македонија. Меѓу позначајните ќе ги одбележиме: манастирската библиотека во Лесновскиот манастир, која е меѓу првите формирани и која во текот на повеќевековното постоење прераснала во голем книжевен центар; манастирската библиотека при манастирот „Св. Пантелејмон“ во скопското село Нерези; библиотеката при Марковиот манастир „Св.Димитрија“ во околината на Скопје, библиотеката при манастирот во Трескавец “Св.Богородица“ - Прилепско, библиотеката при манастирот „Св. Јован Претеча“ - Слепче, библиотеката при Бигорскиот манастир “Св.Јован“, библиотеката при манастирот „Св.Прохор Пчински“ и др.

Библиотекарството во Македонија во 19 век

Првата македонска печатена книга

За првите печатени книги во Македонија во 19 век најзаслужни се македонските трговци, занаетчии и интелектуалци. Печатењето на првите македонски книги почнува во 1814 година. Во таа година е отпечатена книгата “Слово исказаное заради умирание“ од првиот македонски претставник на новата македонска книжевна генерација Јоаким Крчовски. Книгата е отпечатена во Будимската универзитетска печатница.

Првата македонска печатница

Во 1838 година во Солун, Теодосиј Синаитски ја отвора првата македонска печатница. Оваа печатница работела само 4-5 години. Во неа се испечатени 5 книги на македонски јазик и разни други материјали, како огласи и сл. Првата книга печатена во оваа печатница е книгата “Началное учение со молитви утрение“ од Анатолиј Зографски. Книгата претставува еден вид буквар за почетно учење.  Печатницата на Теодосиј Синаитски одигра значајна улога во македонската преродба од 19. век.

Првото македонско световно училиште

Во 1837 година македонскиот преродбеник, учител и писател Јордан Хаџи Константинов - Џинот го отворил првото световно училиште на македонски јазик во Велес. Во средината на 19. век Џинот отвора вакви училишта во Скопје и во Тетово. Во втората половина на 19. век се отвораат училишта речиси во сите поголеми населени места во Македонија. Македонските книги претставувале основен книжен фонд во библиотеките при овие училишта. Тие биле најбарани и најчитани како од учениците, така и од широките народни маси бидејќи се напишани на мајчин разбирлив јазик за македонскиот човек.

Првите приватни библиотеки во Македонија во 19 век

Со развојот на граѓанската класа и на културно-просветниот живот во Македонија во средината на 19 век, повидните граѓани и културно-просветни дејци формираат свои приватни библиотеки. Така, позната е приватната библиотека на истакнатиот кројачки занаетчија Ѓорѓи Бодлев. Покрај другите книги, во оваа библиотека имало учебници по алгебра, историја, речници, ракописи и старопечатени книги.

Секако највидно место меѓу овие приватни библиотеки зазема библиотеката на истакнатото охридско семејство Робеви. За збогатувањето на книжниот фонд на оваа библиотека голема заслуга има Константин Робев (1818-1900), кој студирал медицина во Атина и Виена. Се претпоставува дека тој е и првиот интелектуалец во Македонија во 19 век. Сопствени библиотеки поседувале и охридските писатели и учители од 19 век, Григор Прличев, Кузман Шапкарев и Јанаки Стрезов. Исто така познати се приватните библиотеки на скопскиот трговец Константин Икономов и на игуменот на Лешочкиот манастир Кирил Пејчиновиќ.

Најзначајна приватна библиотека во 19 век, која е зачувана до денес е библиотеката на велешкиот учител Јордан Хаџи Константинов - Џинот.

Првите македонски читалишта

Првите читалишта во Македонија се појавуваат во средината на 19 век како резултат на созреаните економски, политички и културнопросветни услови. Овие читалишта како организирани културнопросветни институции во почетокот работеле во мошне тешки просторни, финансиски и други услови. Тие најчесто биле сместени во една соба од приватна куќа или дуќан, а во некои места биле сместени во училиштата. Тие биле масовно посетувани затоа што биле единствени места каде што широките народни маси можеле да прочитаат весници и книги. За управители на овие читалишта се избирале видни граѓани од редовите на интелегенцијата, трговијата и еснафот. Вакви читалишта биле отворени во Скопје, Битола, Велес, Солун, Штип, Прилеп, Крива Паланка, Кукуш, Охрид, Ново Село и др. Читалиштето во Битола во весникот “Зорница“ од 25.4.1881 година апелира до населението за отворање народна библиотека на Македонија. Ова е една од првите иницијативи за отворање народни библиотеки во Македонија. Иницијативата за формирање народна библиотека е резултат на нараснатите потреби за образование на широките народни маси.

Првите училишни библиотеки

Значајна улога во развојниот континуитет на библиотекарството во Македонија одиграле училишните библиотеки. Тие претставуваат една преодна фаза во прераснувањето на првите читалишта во народни библиотеки. Во деведесеттите години на 19 век речиси во сите поголеми места во Македонија се отворени училишта. Повеќето од училиштата располагале со училишни библиотеки во кои имало книги за учителите и учениците. Книжните фондови главно се збогатувале од донации на црковните општини, зашто постои пишана документација.

Првите иницијативи за формирање околиски библиотеки во Македонија