Кралство Црна Гора (српски: Краљевина Црнa Горa) — кралство во Југозападна Европа. Престолнината на кралството била во Цетиње.
Кралството Црна Гора е период во историјата на Црна Гора, кој траел од 1910 – 1918 година. Кралството Црна Гора настанало од Кнежевството Црна Гора и било монархија, чиј денешен наследник е Република Црна Гора. Легално, кралството било уставна монархија, а во пракса владеењето било апсолутистичко. Единствениот крал на Кралството Црна Гора бил Никола Петровиќ.
Историја лево|мини|318x318пкс|Никола I Петровиќ, единствениот крал на Кралството Црна Гора лево|мини|247x247пкс|Српски и црногорски офицери во Ѓаковица, во 1913 година. Принцот Никола Петровиќ ја прогласисл Црна Гора за кралство на 28 август (15 август по стариот календар) 1910 година, со што ја подигнал земјата од тогашниот ранг на кнежевство. Тој се прогласил за крал Никола I, а со земјата владеел од 1861 година како принц. Во текот на своето владеење, посебно на почетокот на XX век, тој иницирал неколку реформи за модернизација на земјата, вовел устав и нова валута наречена црногорски перпер.
Балкански војни На почетокот на 20 век, помеѓу балканските држави бил склопен воено-политички сојуз за војна против Османлиите. Првичниот договор бил меѓу Грција и Бугарија, ни им се приклучила Србија, а по потпишувањето на спогодбата со Србија, во септември 1912 година, на овој сојуз се приклучила и Црна Гора. Според спогодбата, црногорската војска требала со главниот дел од својата војска да дејствува кон Скадар, северна Албанија и Македонија, а со помалиот дел од војската да се насочи кон Нови Пазар и Санџак. Според направената спогодба меѓу членките на сојузот, до 15 октомври 1912 година, требало да се објави војна на Османлиското Царство. Затоа Црна Гора, според таа спогодба, на 26 септември 1912 година им објавила војна на Османлиите. Во времето на објавување на војната, црногорската војска броела нешто повеќе од 35.000 војници. Таа била поделена во три оперативни групи: Приморска, Зетска и Источна. Приморската група броела 8.000 војници, Зетската имала околу 15.000 војници, а Источната околу 13.000 војници. Командант на Приморскиот одред бил бригардирот Митар Мартиновиќ, командант на Зетскиот одред бил престолонаследникот Данило, а командант на Источниот одред бил сердарот Јанко Вукотиќ. Задача на Приморскиот и Зетскиот одред била да го заземат Скадар, кој бил најважната воена цел на Црна Гора, додека Источниот одред имал за задача да го спречи продорот на османлиските сили преку Тара и да го спречи заземањето на Полиње и Метохија.
Воените дејствија започнале истиот ден кога била објавена прокламацијата за објава на војна. Утрото на 26 септември 1912 година, кралскиот син Петар од брдото Горица ги истрелал првите топовски гранати кон турските тврдини. На овој чин бил присутен и кралот Никола. Следел нападот на турските утврдувања во градот Тузи од страна на Зетскиот одред, и тој бил брзо освоен, со што патот кон Скадар бил отворен. Кон крајот на октомври 1912 година, започнала опсадата на Скадар. Скоро истовремено, Приморскиот одред од Бар тргнал кон Бојана и Тарабош и по заземањето на турските утврдувања и овој одред тргнал да го опседнува Скадар и го освоил градот Леска и Свети Јован (Албанија). Додека траеле воените операции на Приморскиот и Зетскиот одред на Скадарскиот фронт, Источниот одред тргнал кон Полимље и Метохија. За помалку од 30 дена (од 26 септември до 22 октомври) биле заземени: Мојковац, Беране, Бијело Поље, Рожаје, Пљевља, Плав, Гусиње, Пеќ и Ѓаковица. До крај на октомври (по новиот календар ноември) во сите освоени територии била воспоставена црногорска власт. По завршените воени дејствија, поголем дел од Источниот одред бил префрлен кај Скадар.
Опсадата на Скадар Во втората половина на ноември 1912 година, било склучено примирје кое траело до февруари следната година, но опсадата на Скадар не била повлечена. Освојувањето на Скадар било од суштествено значење за Црна Гора. Власта на Црна Гора сметала дека со освојувањето на Скадар, Црна Гора ќе ја има потполната контрола над областа на Скадарското езеро и ќе ја има можноста да пристапи кон регулација на водите на таа област. Со продлабочување на изворот на реката Бојана, кое било во турски раце, би се намалило нивото на езерските води, со што Црна Гора би добила околу милион рала обработлива земја. На тој начин, со еден потег би биле решени неколку големи суштински проблеми на црногорската држава: недостиг на обработлива плодна земја, намалување на иселувањето на црногорското население и зголемување на државниот буџет за околу 20% од собирање на данок на земја. Токму затоа освојувањето на Скадар се сметало за спасоносно решение.
Големите сили, првенствено Австроунгарија, барале од Црна Гора да прекине со опсадата на Скадар, меѓутоа владата на Црна Гора не сакала да се повлече, дури ни кога Австроунгарија и се заканила. Кон крајот на 1912 година, кралот Никола запишал: „Ние сме решение се да испревртиме, ако Скадар ни се оспори. Ние не блефираме, туку сме решиме да за него, ако треба и изгинеме“. Тој сметал дека ако ја изгубат Битката за Скадар, ќе добијат во соседство нова држава Албанија – австроунгарска творба, со што неговата полувековна борба за ослободување од османлискиот обрач ќе заврши со добивање на уште поопасен и посмртоносен сосед. Токму затоа враќањето на Скадар кралот Никола го доживувал не само како личен животен пораз, туку како и пораз на политичката идеја стара два века, позади која стоела династијата Петровиќи, чиј потомок бил и самиот тој. Во февруари 1913 година, на црногорската војска во опсадата на Скадар им се придружиле и српските воени единици. Соработката на двете восјки траела сѐ до април, кога големите сили решиле Скадар да и припадне на Албанија, по што српските трупи ја напуштиле опсадата. Но, црногорската војска и покрај предупредувањата на Австроунгарија и Русија жестоко го нападнала Скадар и во април 1913 година го освоила. Нападот на добро утврдениот Скадар ги чинело Црногорците 2000 загинати војници. Притисокот, посебно на Австроунгарија, по заземањето на градот, бил уште поголем. Таа барајќи повлекување на Црна Гора ја затворила границата со неа и се заканувала дека ќе го нападне и заземе градот Бар. Во ваква тешка ситуација, Црна Гора на крај на април морала да донесе одлука за напуштање на Скадар. На 30 мај 1913 година, во Лондон бил потпишан мировен договор, со кој завршила војната на балканските сојузници против Османлиското Царство. Со одлуките на овој мировен договор, Османлиското Царство, после пет века владеење, се повлекла од Балканот.
Нова Црна Гора По завршувањето на војните, на Меѓународната конференција биле исцртани новите граници на Балканот. Црна Гора, иако не го добила Скадар, добила проширување од околу 5000 км2. Во нејзиниот состав влегле: Малесија, дел од Новопазарскиот Санџак, дел од Метохија сè до Бел Дрим и градовите: Мојковац, Бијело Поље, Беране, Рожаје, Гусиње, Плав, Пеќ и Ѓаковица.
Со новите граници за првапт во новиот век била направена територијална врска меѓу Црна Гора и Србија. Цената за ова била голема – загинале околу 3.100 војници, а околу 6.500 биле ранети.
Со територијалното проширување Кралството Црна Гора добило околу 240.000 нови поданици. Од тој број 180.000 биле неправославни и тоа 160.000 муслимани и 20.000 католици, со што значително била сменета конфесионалната структура во земјата.
„Новата“ Црна Гора по Балканските војни била потполно и културолошки и општествено и политички различна од традиционалната нахијска, стара Црна Гора, која се протегала меѓу Скадар, Ловќен, Морача и Паштровачка Гора и која била јадрото на независната држава создадена во XVIII век. Гледајќи во целина, воените територијални придобивки во Балканските војни не биле за преголемо радување за Црна Гора. Сиромашната и исцрпена држава добила голем територијален простор, со бројно население, кое, ако сакала да ѝ биде од корист, морала прво административно да го уреди, комуникациски да го поврзе со државното средиште и секако социјално да го култивира. Ниту за еден од овие потфати Црна Гора немала сили. Уште поголем проблем било интегрирањето на новото население кое го сметало Османлиското Царство за своја држава и кај кое големото воено насилство дополнително создало поголем отпор кон интеграцијата. Покрај овие сопствени проблеми, Црна Гора се соочила со друг, можеби и поголем, проблем по Балканските војни. Протерувањето на Османлиското Царство од балканските земји значело губење на важноста и поддршката за Црна Гора од страните земји, првенствено од Русија. Руската политика по 1913 година, јавно и отворено го протежирала својот нов став дека не е потребна заштита на Црна Гора и дека со отстранувањето на Османлиското Царство таа треба да се спои со Србија.
Прва светска војна мини|308x308пкс|Мојковачката битка, 6-7 јануари 1916 година. Првата светска војна започнала 1914 година, а завршила во 1918 година и била првиот воен судир од глобални размери во историјата на човештвото. Во војната учествувале повеќе од 70 милиони војници, а таа се водела помеѓу двата блока: блокот на Централните сили и блокот на Антантата, на која и припаѓала и Црна Гора.
Повод за војната бил атентатот врз австроунгарскиот престолонаследник, надвојводата Франц Фердинанд, во Сараево, на 15/28 јуни 1914 година.
Веста за атентатот стигнала до Цетиње истиот ден некаде околу 17 часот. Во тоа време кралот Никола бил во воз на пат меѓу Салцбург и Трст. Тој се вратил во Црна Гора два дена по атентатот и веднаш испратил телеграма со сочувство до австроунгарскиот цар Франц Јосиф. Истовремено во Црна Гора била прогласена 15-дневна дворска жалост. Бидејќи Австроунгарија за одговорна за атентатот ја сметала владата на Кралството Србија, таа испратила владина нота со барање до српската влада и таа да учествува во истрагата околу атентатот. Бидејќи српската влада тоа го одбила, истото послужило како повод за објавување на војна на 28 јули 1914 година. Истиот ден кога била објавена војната, кралот Никола спровел мобилизација на војската на Црна Гора. После тоа следеле низа на формални потези: црногорското народно собрание побарало од владата да објави војна на Австроунгарија, а кралот и владата на 6 август, согласно со барањето на собранието, донело одлука за објавување на војна. На почетокот од големиот воен судир, во 1914 година, Црна Гора била една од осумте завојувани земји. На една страна биле: Русија, Франција, Велика Британија, Србија, Белгија и Црна Гора; а на другата страна Австроунгарија и Германија. Така судирот помеѓу Србија и Австроунгарија прераснал во светска војна.
Во времето на објавувањето на војната, црногорската војска била поделена во 6 дивизии, со вкупно 35.000 мобилизирани војници. Подоцна, мобилизацијата била проширена и бројот на војниците пораснал прво на 45.000, па на 48.000. Наспроти нив, австроунгарската војска броела 72.000 војници. Имало три главни оперативни региони: околу Пљевља, околу Грахово и на планинскиот масив Ловќен, или т.н. Плеваљски, Херцеговски и Ловќенски фронт.
Во текот на првата година од војната, немало судири од поголеми размери меѓу Црна Гора и Австроунгарија. Херцеговскиот одред на почетокот од август извршил напад и напредување кон Требиње и Билеќа, но во средината на август биле принудени да се повлечат, но Австроунгарија не успеала да го заземе Грахово. Од октомври следело затишје на воените судири.
На фронтот кај Пљевља, првите воени судири се случиле во втората половина од август, кога по нападот Австроунгарија успеала да го заземе градот. На крајот од август имало заедничка акција со српската војска кон југоисточна Босна, при која Црна Гора успеала да го поврати градот. Борбите продолжиле, па во септември биле заземени Горажде и Фоча, а кон крајот на месецот, по заземањето на планината Романија, тие дошле до Сараево. По противнападот на Австроунгарија, црногорската војска се повлекла.