Кир Велики (староперсиски: 𐎤𐎢𐎽𐎢𐏁, Куруш), познат и како Кир II (576 или 590 — август 529 п.н.е.) — персиски цар од иранската династија Ахемениди, војсководец, законодавец и основоположник на персиското царство. За време на своето владеење го проширил царството на поголем дел од Југозападна и Средна Азија, од Египет и Босфор на запад до реката Инд на исток, и го создал првото и најголемо царство на стариот век. Во текот на своето владеење, кое траело три децении, Кир ги освоил некои од најголемите кралства на тоа време, како Лидија, Медија и Вавилон, и водел воени експедиции во Средна Азија, каде ги покорил сите народи. Но тој не отишол во поход против Египет, ниту против европска Грција, како што тоа го направиле неговите следбеници Камбиз II и Дариј I Велики. Според Херодот, Кир загинал во битката против Скитите, во летото 530 или 529 година п.н.е. Него го наследил синот Камбиз II, кој го освоил Египет во текот на своето релативно кратко владеење. Кир бил следбеник на зороастриската религија. Освен силното влијание врз персиската историја, Кир влијаел и врз јудаизмот, човековите права, политиката и воената стратегија и врз вкупната источна и западна цивилизација.
Вовед
Потекло на поимот Името Кир е хеленизиран збор од староперсиското име Куруш. Античките историчари Ктезиј и Плутарх наведуваат дека Кир го добил своето име од зборот Курос, што значи „Сонце“ или „Сличен на Сонце“, т.е. со персиската именка за Сонце — Хор, стои и наставката — ваш, што значи сличност. Модерните историчари, како Карл Хофман и Ридигер Шмит, во Енциклопедија Ираника, сметаат дека името Кир значи „вербален победник“.
Во модерна Персија, Кир секогаш бил именуван како Куроше Кабир или Куроше Бозорг, што значи Кир Велики. Во Библијата тој се споменува како Кореш, а можно е да во Куранот се споменува како Дул-Карнаин, оној кој ги покорил источните и западните земји.
Историја на династијата мини|340x340px| Детството на Кир Велики, слика на Себастијано Ричи (1706 — 1708 г.) Слично на хероите од другите култури и основоположниците на големите царства, така и за Кир Велики постојат бројни легенди за неговото потекло и семејството. Според Херодот, Кир бил внук на медискиот крал Астијаг и бил одгледан во скромно овчарско семејство. Според друга легенда, тој потекувал од сиромашно семејство и работел на медискиот двор. Легендите се сосема противречни на сопствените сведочења на Кир, според кој, тој го наследил престолот на својот татко, дедо и прадедо.
Кир потекнува од династијата Ахемениди, од околината на градот Пасаргад. Бидејќи потекнувал од кралска лоза, тој имал право на престолот на кралството Аншан, кое било вазално кралство во рамките на Медиското Царство и се простирало на територијата на денешната провинција Фарс во југозападен Иран. Во ова подрачје, тој го основал градот Пасаргад, кој подоцна станал престолнина на Персиското Царство.
Според несигурни извори, династијата најверојатно ја основал Ахемен, околу 700 г. п.н.е. а него го наследил неговиот син Теисп. Според натписите по смртта на синот на Ахемен, престолот го наследиле двата негови сина, Кир I од Аншан и Аријарамн од Персија. Нив ги наследиле нивните синови Камбиз I од Аншан и Арсам од Персија.
Според Херодот, Камбиз I не бил крал, туку благородник, кој се оженил за принцезата Мандана, ќерка на Астијаг, владетелот на Медиското Царство и лидиската принцеза Аријена. Од нивниот брак е роден само еден син, Кир II, познат како Кир Велики, кој името го добил по дедо му.
И податоците за можните жени на Кир II не се сигурни. Според Херодот и Бехистунските записи, првата жена на Кир II била Касандана, која му родила два сина, Камбиз II и Смердис, кои и двајцата владееле кратко со Персија. Кир II имал и три ќерки, Артистона, Атоса и Роксана. Атоса се омажила за Дариј Велики и го родила Ксеркс I, наследникот на Дариј.
Младост Кир II е роден меѓу 600 — 599 година п.н.е. Татко му бил Камбиз I, кралот на Аншан, а мајка му Мандана, била ќерка на Астијаг, кралот на Медија.
Според сведочењето на самиот Кир II, кое денес е прифатено како точно, тој бил наследник на престолот на неговиот татко Камбиз I, неговиот дедо кралот Кир I (чие име го наследил) и неговиот прадедо. Кир се оженил за персиската благородничка Касандана, ќерката на Фарнаспес, која му родила два сина, Камбиз II и Смердис (Бардиј) и три ќерки, Атоса, Артистона и Роксана. Меѓу Кир и Касандана постоела голема љубов, а самата Касандана велела дека потешко би ја доживеала разделбата од Кир отколку губењето на сопствениот живот. По нејзината смрт, Кир наредил јавна жалост низ целото царство и, според Набонаидовата хроника, Вавилонија ја оплакувала царицата шест дена, од 21 до 26 март 538 година п.н.е. По смртта на својот татко, Кир II го наследил персискиот престол во ахеменидската престолнина Пасаргад. Според старогрчкиот историчар Страбон, првото име на Кир било Аградатес, дадено од неговите посвоени родители, но подоцна откако се вратил на првобитното семејство, според обичаите на именување, татко му Камбиз I, го нарекол Кир, според дедо му Кир I.
Постои митска приказна од Херодот за детството на Кир, која е слична на другите митски легенди за напуштените деца, како што се легендите за Едип, Мојсеј и приказната за Ромул и Рем. Според легендата, по раѓањето на Кир, неговиот дедо Астијаг сонувал сон, кој бил протолкуван од свештениците дека неговиот внук ќе го симне од престолот. Затоа тој му наредил на својот потчинет Харпаг да го убие детето. Харпаг од морални причини не можел да го убие детето и го дал на овчарот Митрадат, да го остави во планина да умре. Но овчарот и неговата жена, Цина, се сожалиле и го посвоиле детето, а своето мртвороденче му го покажале на Харпаг како Кир.
Кога Кир наполнил 10 години станало очигледно дека тој не е нивно родено дете, бидејќи имал „благородничко однесување“. Откако во детска игра, Кир го искамшикувал благородничкиот син, кралот Астијаг го испитал момчето и открил дека многу личат меѓусебе. Тој му дозволил на Кир да им се врати на своите биолошки родители, Камбиз и Мандана, а Харпаг бил сурово казнет за неизвршената должност, така што му го погубиле синот и неговото месо го послужиле на приредениот банкет.
Доаѓање на престол и воени походи
Медиско Кралство мини|350x350пкс| Медиското, Лидиското и Вавилонското Кралство пред Кировите освојувања. Кога татко му починал, во 552 година п.н.е. Кир станал крал на Аншан, но не бил независен владетел, бидејќи, како и неговите претходници, морал да ја признае врховната власт на Медија. За време на владеењето на Астијаг, Медиското Царство се протегало од малоазиската држава Лидија на запад, до племето Парти и Персија на исток, и го заземало најголемиот дел од древниот исток.
Според Херодот, Харпаг, поттикнат од желба за одмазда, го убедил Кир да ги побуни Персијците против Медиското Царство, иако е поверојатно да и двајцата се побуниле против Астијаг, со чија политика не се согласувале. Персиското востание почнало во летото 553/552 година п.н.е. а првите битки, во 552 година п.н.е. Кир ги водел заедно со Харпаг. Главниот град на Медијците, Екбатан, бил освоен 549 година п.н.е. и со тоа конечно било освоено Медиското Царство.
Кир ја презел медиската круна, а во 546 година п.н.е. се прогласил и за крал на Персија. Арсам, кој бил владетел на Персија под Медијците, морал да отстапи, а неговиот син Хистапс, кој бил втор братучед на Кир, бил прогласен за сатрап на Партија и Фригија. Арсам живеел долго и дочекал да го види својот внук Дариј I Велики како шах на Персија, по смртта на Кир Велики и неговите два сина.
Покорувањето на Медија довело до низа на нови војни на Кир. Тој го поштедил животот на Астијаг и се оженил за неговата ќерка Амитис и на тој начин склопил мир со неколку вазални држави: Бактрија, Партија и Сака. Но некои од сојузниците на Астијаг, како на пример, кнезот Крез од Лидија, Набонаид — последниот крал на Вавилон, и египетскиот крал Амазис II ги здружиле силите против Кир.
Лидиското Кралство и Мала Азија мини|316x316px| Лидиското Кралство во западниот дел на Мала Азија. Точните дати на освојување на Лидија не се познати, но се смета дека тоа се случило меѓу 550 година п.н.е. кога била освоена Медија и 539 година п.н.е. кога бил освоен Вавилон. Според наводите на Набонаидовите хроники, падот на Лидија бил во 547 година п.н.е. Лидијците први го нападнале персискиот град Птериј во Кападокија. Кралот Крез, по опсадата на градот, го освоил истиот, а сите жители ги однел во ропство. Во меѓувреме, Персијците ги повикале Јонијците кои му припаѓале на Лидиското Кралство да се побунат, а кога тие тоа го одбиле, Кир со голема војска тргнал во воен поход на Лидија. Во Битката кај Птерија се судриле двете војски, и покрај големите загуби од двете страни исходот сепак бил нерешен, а лидискиот крал Крез се повлекол во градот Сард. лево|мини| Лидискиот крал Крез, прикажан на сликата Крезовиот данок, од Клод Вињон, 1629 година. |316x316пкс По повлекувањето во Сард, Крез пратил апел до сите свои сојузници за помош на Лидија, но пред крајот на зимата, пред тие да успеале да се соберат, Кир навлегол длабоко во Лидија и го опколил главниот град Сард. Одлучувачката битка меѓу Кир и Крез била Битката кај Тимбра. Пред да почне битката, Харпаг го посоветувал Кир да пред своите војници ги постави камилите кои требале да ги исплашат лидиските коњи, кои не биле навикнати на мирисот на камили. Стратегијата била успешна, па лидиската коњаница се разбегала, а Кир го поразил и заробил Крез и го освоил Сард, со што пропаднало Лидиското Кралство. За судбината на Крез нема сигурни податоци; според Херодот, Кир го помилувал Крез и го зел за свој советник, а според Набонаидовите хроники кралот Крез бил погубен.
Пред да се врати дома, Кир му наредил на Лидиецот Пактиј да го донесе Крезовото огромно богатство во Персија. Но, по заминувањето на Кир, Пактиј со помош на платеници дигнал побуна во Сард против персискиот сатрап и лидискиот намесник Табал. Кир тогаш го пратил својот војсководец Мазар да ја задуши буната и да го доведе Пактиј жив, но Пактиј избегал во Јонија, од каде со платеничка војска нападнал грчки градови, но бил фатен и пратен во Персија.
Мазар продолжил со освојување на Мала Азија, но починал од непознати причини при експедицијата на Јонија. Кир го пратил Харпаг да го доврши освојувањето на Мала Азија. Тој ја освоил Ликија, Киликија и Феникија, со помош на посебни техники на опсада за пробивање на градски ѕидини кои не им биле познати на Грците. Харпаг завршил со освојувањата околу 542 година п.н.е. и се вратил во Персија. .
Нововавилонско Кралство мини|300x300пкс| Нововавилонското Царство, околу 540 година п.н.е. пред Кировите освојувања. Во 539 година п.н.е. Кир го освоил кралството Елам и неговиот главен град Суза. Истата година, на крајот од месец септември, Кировата војска под водство на Гобријас, гувернерот на Гутеја, го нападнала градот Опис на реката Тигар и ја победила вавилонската војска.
До 10 октомври бил покорен и градот Сипар, чии жители се предале без борба. Веројатно постоел договор меѓу Кир и вавилонските генерали, за да се избегне вооружен судир. Вавилонскиот крал Нибонаид во тој период бил во Сипар и избегал во главниот град Вавилон, во кој веќе долго време не престојувал.
Два дена подоцна, на 12 октомври, Гобријасовита војска влегла во Вавилон, кој се предал без отпор. Според Херодот, Персијците ги надмудриле Вавилонците, така што го пренасочиле текот на реката Еуфрат во соседниот канал, поради што нивото на реката толку опаднало што персиските војници се провлекле по текот на речното корито, под препреките, сѐ до центарот на градот. На 29 октомври, Кир лично влегол во градот Вавилон и го заробил Нибонаид.
Со освојувањето на Вавилонското Кралство, на Кир му припаднале и соседните потчинети кралства на Вавилон, како Сирија и Јудеја.