Фридрих фон Хајек (германски: Friedrich von Hayek; Виена, Фрајбург, 8 мај 1899 — 23 март 1992) — австриско-британски политички филозоф и економист, добитник на Нобеловата награда за економија во 1974 година.

Животопис Фридрих фон Хајек е роден на 8 мај 1899 година во Виена. Татко му бил доктор по медицина и професор по ботаника на Универзитетот во Виена, дедо му по таткова страна предавал зоологија на истиот универзитет, додека дедо му по мајчина страна бил професор по јавно право на Универзитетот во Инсбрук. На 16-годишна возраст, Фридрих фон Хајек се запишал на Универзитетот во Виена, каде се стекнал со докторат по право (во 1921 год.) и по политички науки (во 1923 год. според едни, а во 1925 год. според други извори). Тој посебно се интересирла за економијата и за психологијата и во младоста се колебал за која област да се определи. Предавања по економија слушал кај професорите Фридрих фон Визер и Ојген фон Бем-Бавер, а посебно се интересирал за теоријата на вредноста и за Визеровата теорија на импутација. исто така, го посетувал и курсот по филозофија, а големо влијание врз него извршил Ернст Мах. Исто така, тој го посетувал и семинарот на Фридрих фон Мизес кој, исто така, извршил големо влијание врз него. Во текот на 1923-1924 бил на студиско усовршување во САД каде, по препорака на Јозеф Шумпетер, бил примен на истражувачка работа на Универзитетот во Њујорк. Во меѓувреме, тој слушал предавања и кај Весли Мичел на Универзитетот Колумбија при што се спријателил со група познати институционалисти, како и со Џон Б. Кларк. Во САД, фон Хајек се заинтересирал за монетарните проблеми и за цикличните флуктуации, а почнал да работи на нова докторска теза за монетарната стабилност, но не ја завршил. Во мај 1924 година се вратил во Виена, каде ги објавил своите први статии. Во 1926 година се оженил со Хела Фритш. Во 1927 година, фон Хајек и фон Мизес го основале Австрискиот институт за економски истражувања при што, со поддршка на фон Мизес, за директор бил избран фон Хајек кој на тоа место останал до 1931 година. Во 1928 година престојувал во Лондон, каде се запознал со Џон Мајнард Кејнс. Во 1929 година, фон Хајек хабилитирал по што започнал да предава на Виенскиот универзитет.Методија Стојков, Фридрих фон Хајек. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје 2025, стр. 11-13.

Во почетокот на 1931 година, на покана од Лајонел Робинс, фон Хајек дошол во Лондон за да одржи четири предавања на Лондонската школа за економија (London School of Economics) од областа на монетарната теорија. Врз основа на предавањата, тој станал гостин-професор во есенскиот семестар, а една година подоцна добил професорско место на катедрата по економска наука и статистика, како првиот странец кој станал професор на таа школа. Таму, тој останал 18 години (до 1950 год.), а во 1938 година добил британско државјанство.Методија Стојков, Фридрих фон Хајек. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје 2025, стр. 13-14. На 1 март 1933 година, тој го одржал своето предавање по повод стекнувањето на професорското звање во кое го критикувал социјализмот, поради што предавањето не било добро прифатено од англиската интелигенција.Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 3-5. Една недела по започнувањето на Вторта светска војна, Хајек испратил писмо до генералниот директор на британското министерство за информации нудејќи ги своите услуги во пропагандната кампања насочена кон земјите од германското говорно подрачје. Тој дури и посочил конкретни мерки, но министерството ги одбило неговите услуги и не бил ангажиран од британската влада, за разлика од сите негови колеги кои добиле различни служби во државната администрација. Така, тој ја поминал војната извршувајќи ја професорската работа на Лондонската школа за економија.Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 9-10.

Во април 1945 година, Хајек заминал на петнеделна турнеја во САД, каде одржал голем број предавања. Притоа, на неговиот прв настап во Њујорк присуствувале 3 000 слушатели, а предавањето било пренесувано на радио. За време на престојот во САД, Хајек се запознал со стопанственикот Харолд Лахноу (Harold Luhnow) кој бил заинтересиран за студија посветена на конкуренцијата. Иако договорениот проект никогаш не се реализирал, тој придонел за создавање на „Чикашката економска школа“ (Chicago School of Economics) и на друштвото Mont Pèlerin во 1947 година. Во друштвото „Мон Пелерин“ биле собрани повеќе мислители, приврзаници на либералните идеи и критичари на државната интервенција, како: Милтон Фридман, Морис Але, Френк Најт, Лудвиг фон Мизес итн. Хајек бил претседател на друштвото од 1947 до 1960 година, а потоа бил доживотен почесен претседател. Во 1949 година, тој се преселил во САД. Во тоа време, тој се развел од сопругата и се оженил за Хелен Битерлих. Пролетта 1950 година, тој предавал на Универзитетот на Арканзас, а во октомври истата година се вработил на Универзитетот во Чикаго, како дел од Комитетот за општествена мисла. На овој универзитет работел до 1962 година, кога преминал на Универзитетот во Фрајбург, каде останал до пензионирањето во 1968 година. Притоа, во 1964 година добил почесен докторат од Универзитетот во Токио. По пензионирањето, фон Хајек работел како хонорарен професор на Универзитетот во Салцбург, каде останал девет години (1969-1977), а на 78-годишна возраст ја напуштил академската работа. Во 1974 година ја добил Нобеловата награда за економија, а во 1976 година добил почесен докторат од Универзитетот во Салцбург. Во 1977 година се вратил во Фрајбург, каде починал на 23 март 1992 година.Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 19-21. Методија Стојков, Фридрих фон Хајек. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје 2025, стр. 14-16.

Синот на Хајек, Лоренс (Laurence Hayek) студирал на Kings College при Универзитетот во Кембриџ. Тој починал во својот дом, од срцев удар, на 15 јули 2004 година.F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 268.

Творештво Хајек студирал на Универзитетот во Виена, а на почетокот од кариерата бил припадник на Австриската економска школа. Всушност, уште пред да ја започне академската кариера, во 1920 година го напишал трудот „Придонеси кон теоријата на развојот и знаењето“ кој го објавил дури 30 години подоцна со наслов „Сетилниот ред — изувучање на основите на теоретската психологија“. Посоцна, во 1924 година, по враќањето од студискиот престој во САД, тој ги објавил своите први статии од областа на економијата. Во 1929 година, откако хабилитирал, започнал да предава на Виенскиот универзитет и тоа го претставува почетокот на неговата академска кариера. Подоцна, неговиот хабилитационен труд бил објавен најпрвин во Виена, а во 1933 година бил преведен на англиски јазик со наслов „Монетарната теорија и трговскиот циклус“ (Monetary theory and trade cycle). Во него, тој ги критикува немонетраниет теории на деловните циклуси и ја развива тезата дека причините за деловните циклуси лежат во монетарните интервенции кои предизвикуваат искривување на релативните цени. Методија Стојков, Фридрих фон Хајек. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје 2025, стр. 12-15.

Во 1931 година, во Лондон, Хајек ја објавил книгата „Цените и производството“ (Prices and Production) која настанала од неговите четири предавања на Лондонската школа за економија. Исто така, во август истата година, тој го објавил првиот дел од својата рецензија на книгата на Џон Мајнард Кејнз, „Трактат за парите“ (A Treatise on Money), со што предизвикал голема дискусија во академската јавност, а неколку месеци подоцна Кејнз одговорил на критиката. Притоа, целата академска 1931-1932 година била исполнета со остра дебата меѓу Хајек, од една страна, и Кејнз и Пјеро Срафа, од друга страна. Во 1933 година, Хајек го објавил трудот „Трендот на економското мислење“ (The trend of economic thinking) во кој го разгледувал прашањето на изгубената доверба на јавноста во економистите за време на Големата депресија. Според него, тоа било последица на влијанието на постарите економисти, кои критикувајќи го теоретскиот пристап во општествените науки го поткопале кредибилитетот на економското резонирање, воопшто. Како последица на тоа бил отворен патот кон утописки решенија за економската криза (на пример, социјалистичкото планирање) кои сериозната економска наука би ги отфрлила како неостварливи.Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 3-4. Во април 1938 година, Хајек ја објавил статијата „Слободата и економскиот систем“ (Freedom and the Economic System), која следната година прераснала во памфлет. Во неа, тој за првпат ја изнесол идејата за врската меѓу нацизмот и социјализмот и за невозможноста на социјалистичкото планирање. Идеите изнесени во статијата и памфлетот подоцна биле целосно разработени во книгата „Патот кон кметството“. Потоа, во 1935 година ја објавил книгата „Колективистичко економско планирање: Критички студии за можноста за социјализам“ (Collectivist Economic Planning: Critical Studies on the Possibility of Socialism) кој содржи преводи на туѓу трудови со воведна и завршна статија на Хајек. Во 1940 година, Хајек објавил уште една книга со критика на социјализмот, „Социјализмот и војната“ (Socialism and War). Во меѓувреме, тој работел на неговото главно дело од областа на економската теорија „Чистата теорија на капиталот“ (The Pure Theory of Capital), објавено во 1941 година. Во текот на 1939-1940, Хајек бил ангажиран на проектот „Злоупотреба на разумот“ (Abuse of Reason) од кој произлегле неколку статии, а кој требало да резултира во голема историска книга чиј прв дел би се викал Hubris а вториот дел - Nemesis. Сепак, кон крајот на 1940 година, врз основа на вториот дел од планираната книга, тој започнал да го пишува своето најпознато дело, „Патот кон кметството“ (The Road to Serfdom), објавено во 1944 година.Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 6-11.

За своето творештво, Хајек добил повеќе признанија, меѓу кои најзначајни се Нобеловата награда за економија (1974) и Претседателскиот орден на слободата (1991).F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007.

Економските, политичките и филозофските идеи на фон Хајек Развојот на економското творештво на фон Хајек се одвивал по следнава линија: на почетокот на кариерата ги изучувал прашањата од областа на монетарната теорија и теоријата на деловните циклуси, а потоа породолжил со изучување на бројни методолошки и неекономски прашања, критиката на социјализмот и теоријата на општествениот и економскиот поредок.Методија Стојков, Фридрих фон Хајек. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје 2025, стр. 17.

Методолошките ставови