Реалниот девизен курс го претставува номиналниот девизен курс коригиран за релативните цени меѓу странските и домашните производи. На тој начин, реалниот девизен курс го претставува девизниот курс изразен во производи.
Поим за реален девизен курс Реален девизен курс е курсот по кој се заменуваат една за друга валута, пресметан како однос на идентичните стоки во домашната земја и странската земја. Номинален девизен курс е цената на домашната валута во однос на странската. Реалниот девизен курс е номиналниот девизен курс коригиран за цените на домашните и странските стоки (ефектот од инфлацијата). Во економијата се користат реалните променливи, бидејќи тие претставуваат еден вид сигнали кои ги поттикнуваат потрошувачите и производителите на приспособување на своето донесување во донос на променливите пазарни услови. Според тоа, при дефинирањето на реалниот девизен курс треба да се направи разлика помеѓу оние стоки и услуги кои се меѓународно тргувани и оние кои се произведени во земјата и кои не се изложени на меѓународна конкуренција и реалниот девизен курс да се сумира како однос меѓу цените во земјата и цените во странство изразени во заедничка валута.
Ако со симболот S го означиме номиналниот девизен курс (на пример долари за евра), а со P* цената на странските стоки изразени во странска валута (на пример, долар), тогаш домашната цена на странските стоки ќе биде P*/S (изразена во евра). Обратно, ако со симболот P ја означиме цената на домашните стоки во домашна валута, тогаш нивната цена во странска валута ќе биде S*P (во овој случај, изразена во долари). Реалниот девизен курс, т.е релативната цена на домашните стоки во однос на странските е односот помеѓу овие две ценовни нивоа:
σ = P /P*/S = SP/P*
Сè додека ги споредуваме цените на стоките во иста валута, дефиницијата не се менува. Реалниот девизен курс може да се смета за двојно дефлациониран номинален девизен курс, односно курс дефлациониран и со домашните и со странските цени. Како и за номиналниот, и за реалниот девизен курс велиме дека апрецира или депрецира. Сè додека цените на домашните и странските стоки остануваат непроменети или се движат во ист размер, номиналните и реалните курсеви исто така се непроменети. Имено, номиналните и реалните девизни курсеви флуктуираат во тандем на краток рок, бидејќи на краток рок номиналните девизни курсеви по природа се променливи, а цените ригидни. Сепак, на долг рок, номиналните и реалните девизни курсеви се движат независно едни од други.
За да се сфати подобро разликата помеѓу номииналните и реалните девизни курсеви се разгледува кога тие се движат заедно, односно кога ценовните нивоа се менуваат за истиот процентен износ, нивниот однос останува константен, што се случува кога инфлацијата е иста во земјата и во странство. Доколку спротивно на тоа, инфлацијата во странство е побрза отколку во земјата, реалниот девизен курс ќе депрецира, сè додека номиналниот девизен курс не апрецира доволно за да го неутрализира падот на домашните во однос на странските цени. Во случај кога номиналниот девизен курс е фиксен, промените на домашните и странските цени можат да настанат само кога домашните и странските цени се зголемуваат по различни стапки. Исто така, возможно е номиналниот девизен курс да апрецира без воопшто да се промени реалниот девизен курс, што би се случило доколку инфлацијата е пониска во земјата отколку во странство, т.е номиналниот девизен курс апрецира за разликата на стапката на инфлација помеѓу двете земји. Како општа одлика се констатира дека реалните девизни курсеви се постабилни на долг отколку на краток рок.
Мерење на реалниот девизен курс во практиката Мерењето на реалниот девизен курс во практиката наметнува два проблема. Првиот е поврзан со дефиницијата за поимот странство, бидејќи остатокот од светот се состои од голем број земји. Домашната земја има билатерален девизен курс со секоја друга земја. За соединување на сите поединечни девизни курсеви потребно е да се пресмета просечното ниво на странски цени како пондериран просек на голем број трговски партнери и просечниот номинален девизен курс како пондериран просек на сите билатерални номинални девизни курсеви. Со тоа, секоја земја добива пондер, кој го претставува нејзиното значење за домашната земја. При овој начин на пресметка на делотворниот девизен курс се претпоставува дека сите девизни курсеви не се подеднакво важни, а резултатот е индекс, бидејќи веќе не може да се изрази номиналниот девизен курс во пари. Делотворните девизни курсеви се пресметуваат со користење на податоци за размената со голем број на земји-партнери при што секоја земја-партнер добива пондер кој обично ја изразува нејзината трговска важност за домашната земја (нејзиното учество во извозот или увозот на домашната земја или просекот од двете). Овој пристап може да се примени и за други категории на стоки.
Често користена мерка на реалниот девизен курс е односот помеѓу увозните и извозните цени. Тој се разликува од односот на тргуваните и нетргуваните стоки на два начина: најнапред, овде се игнорира постоењето на нетргувани стоки, а се прави разлика меѓу оние тргувани стоки кои се произведени во земјата и извезени надвор и тргувани стоки кои се произведени во странство и увезени во земјата. Според овој пристап, домашните стоки ќе бидат претставени со извозните, а странските стоки со увозните наместо сите тргувани стоки. Изборот помеѓу една од двете мерки ќе зависи од одликите на земјата која се анализира и од прашањата за интерес на анализата.
Друг проблем при мерењето е одредувањето на цените кои треба да се споредат. Реалниот девизен курс е однос помеѓу цените на две потрошувачки кошници на стоки и услуги кои треба да се споредат. Следствено, бидејќи е возможно да се формираат многу кошници не постои еден реален девизен курс кој ќе одговори на сите можни прашања од интерес на сите можни анализи, па според тоа, можни се повеќе дефиниции на реалниот девизен курс во однос на: Надворешните услови на размената - однос помеѓу домашните извозни цени и странските увозни цени Внатрешните услови на размената - однос помеќу цените на нетргуваните стоки и цените на тргуваните стоки.
Предноста на првата дефиниција е тоа што може попрецизно да укаже каде се произведени трговските стоки, додека предноста на втората е тоа што ги раздвојува секторите кои се изложени на странска конкуренција (кои произведуваат тргувани стоки) од оние кои се заштитени (и кои произведуваат нетргувани стоки). Реалните девизни курсеви дефинирани во поширока смисла ги споредуваат индексите на потрошувачки цени или дефлаторите на БДП. Исто така, постојат и други индекси кои ја мерат конкурентноста на земјата на тој начин што ќе го стават акцентот на производствените трошоци, пред сè на трошоците за работна сила.
Реалниот девизен курс како релативна цена на нетргуваните стоки Случај на урамнотежена примарна тековна сметка Реалниот девизен курс го определува оптималниот производствен микс, но прашањето е: што го одредува реалниот девизен курс? Одговорот е дека тоа го прави пазарот. Технологијата, ресурсите и вкусовите на потрошувачите се среќаваат на пазарот. Технологијата и ресурсите се збирно претставени со границата на производствени можности. Штом ги знаеме вкусовите и буџетските ограничувања на потрошувачите, можеме да го утврдиме оној реален девизен курс кој истовремено обезбедува рамнотежа помеѓу побарувачката и понудата на тргувани и нетргувани стоки. Овој рамнотежен реален девизен курс е релативен за долгиот рок, кога сите ресурси се искористени и кога сите пазари се во рамнотежа.
Слично како и кога ги опишуваме преференциите помеѓу потрошувачката денес и потрошувачката утре, преференциите помеѓу тргувани и нетргувани стоки може да се претстават со кривите на индиференција, кои ќе имаат ист облик. И како и обично, со поместување нагоре се достигнуваат повисоки нивоа на полза.
Слободниот избор на пазарот им овозможува на потрошувачите да постигнат највисока можна корисност, при дадена технологија и дадена расположливост на производствени ресурси. При рамнотежна релативна цена, производителите ја максимизираат додадената вредност, а потрошувачите сакаат да ја купат токму онаа количина од двете стоки која е произведена. Границата на производствената можност игра слична улога како и буџетската линија: таа ги опишува расположливите ресурси на земјата, со исклучок на тоа што недостасува релативна цена за да се одреди вредноста на тие ресурси. Преку заемното дејство на технологијата (границата на производствени можности) и вкусовите (кривите на индифиренција) на пазарот се утврдува рамнотежната релативна цена.
Случај на примарна тековна сметка различна од нула: улога на реалниот девизен курс Во реалноста, тековната сметка не е секогаш во рамнотежа, всушност, таа речиси и никогаш не е во рамнотежа! Како би требало да размислуваме за дебалансите на примарната сметка? Накратко, суфицитите и дефицитите ја прекинуваат врската помеѓу производството и потрошувачката во секоја точка на времето. Кога земјите реализираат дефицит или суфицит на тековната сметка, тие го искористуваат своето меѓувременско буџетско ограничување.
Прво, концептот на пазарната рамнотежа нема исто значење за тргуваните и нетргуваните стоки. Тргуваните стоки се произведуваат и трошат како во земјата, така и во странство, при што рамнотежата се воспоставува на светско ниво. Така, можно е да има ситуација во земјата каде што, на пример, потрошувачката го надминува производството. Во тој случај, разликата ќе биде покриена со увоз, кој ќе биде финансиран преку зголемување на странскиот долг или намалување на странските средства во сопственост на земјата. Слично на тоа, извозот го апсорбира вишокот на локалната потрошувачка. Од друга страна пак, нетргуваните стоки се произведуваат и трошат само на локално ниво. Пазарот е локален, па така за да се воспостави рамнотежа, потребно е производството да биде еднакво со потрошувачката во земјата. Притоа: Буџетското ограничување налага дефицитот на примарната тековна сметка денес да биде еднаков со суфицитот во наредните периоди, и обратно, Производството и апсорпцијата на нетргувани стоки мораат да бидат еднакви, Наклоните на границата на производствените можности и кривата на индиференцијата мораат да бидат исти, бидејќи реалната цена не се разликува помеѓу произведувачите и купувачите во рамките на земјата.
Промените на реалниот девизен курс ќе ги принудат и производителите и купувачите да го ревидираат своето однесување на соодветен начин. На пример, реалната апрецијација ќе влијае производителите да ги реализираат ресурсите од секторот на тргувани стоки и да го намалат нивното производство, а потрошувачите ќе ја зголемат потрошувачката на тргувани стоки. Резултатот е влошување на примарната тековна сметка. Оттука произлегуваат два заклучока: Прво, функцијата на примарната тековна сметка е опаѓачка. Зголемувањето на реалниот девизен курс, при сè друго исто, го намалува суфицитот или го зголемува дефицитот на примарната тековна сметка. Девизниот курс влијае врз примарната тековна сметка преку преместување на производството и потрошувачката на тргувани нетргувани стоки во спротивни насоки. Второ, ако примарната тековна сметка треба да достигне определена вредност за да се задоволи меѓувременското буџетско ограничување, реалниот девизен курс ќе мора да се промени. На пример, ќе мора да депрецира доволно за да ги наведе производителите и потрошувачите да го променат своето однесување на начин соодветен да се постигне бараното подобрување на тековната сметка.
Национално меѓувременско буџетско ограничување и рамнотежниот реален девизен курс Долгиот рок и примарната тековна сметка