Мајкл Кремер (англиски: Michael Kremer; 12 ноември 1964) — американски економист, добитник на Нобеловата награда за економија во 2019 година, за придонесот во „разбирањето на процесот на развојот и на ублажувањето на сиромаштијата“, т,е, во методологијата на емпириската анализа на сиромаштијата и во дизајнирањето политики за ублажување на сиромаштијата и за поттикнување на економскиот растеж и развој.Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 28.

Животопис Мајкл Кремер е роден на 12 ноември 1964 година. Тој работи како професор на Универзитетот Харвард.

Творештво Заедно со неговите соработници, Кремер спроведувал теренски експерименти во училиштата во селата на Западна Кенија кои покажале дека ниското знаење на учениците не се резултат на недостигот на ресурси (учебници, бесплатни оброци итн.), туку на нискиот квалитет на наставниците. Понатаму, експериментите на Кремер покажале дека сиромашните луѓе се многу осетливи на цената на лековите: кога апчињата против стомачни паразити биле бесплатни, 75% од родителите им ги давале на своите деца; но, кога родителите требало да платат многу ниска цена од само 0,4 долари, тој процент паднал само на 18%. Понатаму, во соработка со Естер Дифло, Кремер ги испитувал и причините на недоволната мотивација на учителите во Индија при што тие дошле до следниве сознанија: ангажирањето дополнителни учители кои работеле по договор (привремено вработување) значително ги подобрило резултатите на учениците; намалувањето на бројот на учениците по еден учител немало позитивен ефект врз резултатите од учењето.Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 29-30.

Понатаму, Дифло и Кремер го истражувале однесувањето на ситните земјоделци во Потсахарска Африка, особено во врска со употребата на вештачки ѓубрива. Притоа, тие дошле до сознанија дека недоволните информации и недоволното знаење не се главната причина за нивната недоволна употреба. Како дел од експериментите на Дифло и Кремер, на земјоделците им биле понудени два типа на субвенции: субвенција распределена во подолг временски период и субвенција која важи краток период. Нивните експерименти покажале дека употребата на вештачки ѓубрива од страна на земјоделците се зголемила за 50%, кога им била понудена мала субвенција (бесплатна испорака на ѓубривата) со ограничен рок во споредба со втората форма на голема субвенција (50% попуст на ѓубривата плус бесплатна испорака) која би им била исплатена подоцна.Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 30-31.

Истражувањата на Кремер ја наметнале потребата од внимателна процена на програмите за помош на сиромашните. На пример, врз основа на резултатите од неговите истражувања, владата на Обединетото Кралство ја напуштила практиката, во рамките на програмите за помош, на сиромашните луѓе да им бара одреден надоместок за мрежите за заштита од комарци, туку одлучила мрежите да им ги дели бесплатно.Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 31.

Наводи

Категорија:Американски економисти Категорија:Добитници на Нобеловата награда за економија Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1964 година Категорија:Апсолвенти на Харвард Категорија:Професори на Масачусетскиот технолошки институт Категорија:Американски нобеловци Категорија:Еврејски нобеловци Категорија:Членови на Националната академија на науките на САД Категорија:Членови на Американската академија на уметностите и науките