Задна Река или Грмајте — археолошко наоѓалиште во прилепското село Витолиште. Претставува населба со некропола од доцноантичкото време и некропола од средниот век.

Местоположба

Наоѓалиштето се наоѓа на 1,2 километри северно од селото, на благи терасести падини од двете страни на коритото на Задна Река.

Опис

За ова археолошко наоѓалиште има податоци кај повеќе автори од постаро и поново време. Во периодот од 1983 до 1990 година, од страна на Заводот и Музеј во Прилеп биле вршени истражувања при што биле пронајдени остатоци од доцноантичка населба со некропола, како и средновековна некропола.

Од населбата се откриени темели од ѕидови на поголем станбен објект, ѕидани од камен и кал, со лоша техника на поврзување и големи отстапувања од основниот правец. Објекот бил покриен со дрвена конструкција врз која биле поставени тегули и имбрекси и најверојатно настрадал во пожар. Од доцноантичката некропола се откриени 4 гроба со конструкции од големи лискунови плочи - цисти, и од тегули „на две води“. Според монетите и други наоди населбата и некрополата постоеле од почетокот на II век до првите децении на V век. Подоцна, на просторот од населбата и некрополата била создадена словенска некропола со гробови во редови, која се проширила на двата брега на Задна Река. Со поместувањето на коритото поголем дел од некрополата е уништен. Најзачувани се гробовите на левиот брег на кој се истражени 47 гроба со насоченост исток-запад. Како гробни конструкции се издвојуваат камари од поголеми и помали камења или плочи делумно оградени јами, јами со делумно оградени надолжни страни со штици, и гробови директно вкопани во земјата и без оградување.

Гробниот инвентар го сочинуваат предмети што служеле за лично украсување на покојниците, како што се обетки, наушници, прстени од бронза и белезици од бронза и стакло. Некрополата ѝ припаѓала на селска населба чија локација сè уште не е утврдена. Според гробните наоди, таа се развивала во X до XI век, а згаснала на крајот од XII век. Наодите се чуваат во Завод и Музеј во Прилеп..

Поврзано Бојков Дол — населба од доцноантичкото време; Влајкова Чешма — населба од римското време; Вртко Ливада — населба од доцноантичкото време; Горе Река - Пртева Ливада — населба од римското време; Гробишта Св. Илија — некропола од римското време; Ѓерек — населба од римското време; Заградничка Чука — утврдена населба од доцноантичко време; Каравашчина — населба од доцноантичкото време; Ковачево — населба од доцноантичкото време; Лачникот — некропола од римското време; Лигораса — населба од доцноантичкото време; Моклиште — населба од римското време; Полените — населба од римското време; Пртева Ливада — населба од доцноантичкото време; Св. Петка – Голем Даб — населба од доцноантичкото време и раниот среден век; Св. Харалампија — некропола од римското време; Сињак — населба од доцноантичкото време; Царичина Нива — населба од неолитското и римското време; Црква Св. Атанас — осамен наод од римското време; Црквиште - Урвич — населба од средниот време; Шупливец — населба од римското време; Св. Петка-тумули — некропола од железното време; Витолиште; и Список на археолошки наоѓалишта во Прилепско.

Наводи

Категорија:Витолиште