Каталонската декларација за независност е резолуција усвоена од Парламентот на Каталонија на 27 октомври 2017 година со која се прогласува независност на шпанската автономна заедница Каталонија од Шпанија и создавање на независна Каталонска Република. Декларацијата не добива признание од меѓународната заедница.
На 10 октомври 2017 година, по каталонскиот референдум за независност одржан на 1 октомври, декларација со која се утврдува Каталонија како независна република е потпишана од мнозинството членови на Парламентот на Каталонија. Истиот документ е изгласан на 27 октомври со мнозинство од 70 од вкупните 135 пратеници на пленарна седница. Десет пратеници гласале против декларацијата, а 53 одбиле да присуствуваат, сметајќи дека гласањето е нелегално, откако правните совети на Парламентот се изјасниле дека гласањето не може да се случи поради тоа што законот на кој се заснова е суспендиран од Уставниот суд на Шпанија.
Неколку часа по гласањето на декларацијата, шпанскиот премиер Маријано Рахој го разрешил каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон и неговиот кабинет и повикал на нови регионални избори во Каталонија кои се одржале на 21 декември истата година. Потпретседателката на Владата на Шпанија Сораја Саенс де Сантамарија ја презела функцијата на Пуџдемон како вршител на должноста до изборите во декември.
Наводи
Категорија:Шпанија во 2017 година Категорија:Декларации за независност Категорија:Движење за независност на Каталонија Категорија:Историја на Каталонија