Централна банка на Црна Гора или, скратено, ЦБЦГ (Централна банка Црне Горе) - централна банка на Република Црна Гора.

Историја Во 1905 година, во Цетиње била основана Црногорската банка која била организирана како акционерско друштво со задача да прима пари на чување и да ги кредитира производството, занаетчиството и трговијата. Меѓутоа, по наредба на кнезот Никола од 11 април 1906 година, било овластено министерството за финансии, а не Црногорската банка, да искова пари од никел и бронза во вредност од 200 000 круни. На почетокот на мај 1909 година, кнезот Никола донел указ за емисијата на сребрени пари. Во указот за прв пат било нагласено името на црногорската валута – перпер. Така, во 1909 година, за прв пат во Црна Гора се појавиле сребрени пари, а во 1910 година биле изработени златни пари. Со приклучувањето на Црна Гора кон Кралството СХС во 1918 година, наместо перперот, на територијата на Црна Гора циркулирала новата државна валута – динарот. Со промената на уставот во 1931г. Народната банка на СХС станува Народна банка на Кралството на Југославија, која до почетокот на Втората светска војна, имала 24 филијалии. По основањето на Народната банка на Федеративната република Југославија во 1946 година, во Титоград (денешна Подгорица) била основана филијала под името Народна банка на Југославија – Централа во Титоград. Со уставните промени од 1972 година, филијалата на централната банка во Титоград продолжила да работи како посебно правно лице - Народна банка на Црна Гора, а со уставните реформи во 1977 година бил донесен законот за Народната банка на Црна Гора која функционирала до 1993 година, кога повторно станала дел од Народната банка на Југославија. Притоа, во Подгорица била задржана главната републичка филијала, но таа немала својство на правно лице. На 2 ноември 1999 година, Црна Гора вовела двовалутен систем во кој кофункционирале германската марка и динарот, а на 1 јануари 2001 година марката продолжила да функционира како единствена валута. Подоцна, од март 2002 година, еврото станало единствено средство за плаќање. Во меѓувреме, во март 2001 година била основана Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ), како самостојна институција на Република Црна Гора. Со измената и дополнувањето на Законот за Централната банка на Црна Гора, во 2017 година било извршено приспособување на регулативната рамка со онаа на Европскиот систем на централни банки.Централна банка на Црна Гора, официјално мрежно место - Историја (12.7.2020)

Цели на ЦБЦГ Според законот за ЦБЦГ, до влезот на Црна Гора во ЕУ, основните цели на банката се: поттикнување и одржување стабилен финансиски систем, поттик и одржување на здрав банкарски систем, сигурен и ефикасен платен промет и одржување стабилност на цените. Исто така, без да го доведе во прашање исполнувањето на основните цели, централната банка го поддржува остварувањето на економските политики на владата на Црна Гора, постапувајќи во согласност со принципите на слободен и отворен пазар и слобода на претприемништвото и конкуренцијата. По пристапувањето на Црна Гора во Европската унија, главната цел на централната банка ќе биде одржувањето на стабилноста на цените, во согласност со одредбите на членовите 127 (1) и 282 (2) од Договорот за функционирање на Европската унија и членот 2 од Статутот на Европскиот систем на централни банки и на Европската централна банка. ЦБЦГ ќе ги поддржува општите цели на економската политика на Европската унија и ќе делува во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција, фаворизирајќи ефикасно распределување на ресурсите, во согласност со принципите утврдени во Договорот за функционирање на Европската унија.Централна банка на Црна Гора, официјално мрежно место - Цели (12.7.2020)

Функции на ЦБЦГ Во склад со законот за Централната банка на Црна Гора, до влезот на Црна Гора во Европска унија, функциите на ЦБЦГ се:Централна банка на Црна Гора, официјално мрежно место - Цели и функции (12.7.2020) надгледување и одржување на финансискиот систем во целина, донесување регулативи и мерки во оваа област и врши идентификација, анализа и проценка на влијанието на одредени фактори врз стабилност на финансискиот систем во целина. ја регулира деловната активност на кредитните институции, даватели на услуги за плаќање и издавање електронски пари, издава лиценци и дозволи за нивно работење и врши контрола над работењето. регулира и врши работи поврзани со санација на банките, стечај и ликвидација. го уредува и врши платниот промет согласно законот. може да биде сопственик и оператор на платен систем и учесник во друг платен систем, да издава лиценца за работа на платен систем различен од операторот и да врши контрола и надзор на работењето на платните системи. управува со меѓународните резерви. врши макроекономски анализи, вклучително монетарни, фискални, финансиски и платнобилансни анализи и може да и дава на Владата препораки во областа на економската политика. собира и статистички обработува и објавува податоци и информации релевантни за постигнување на целите и извршување на функциите на централната банка, кои се во согласност со законот за статистика и системот за статистика. се занимава со заштита на правата и интересите на корисниците на кредити, платни услуги и имателите на електронски пари, во согласност со законот. делува како платен или фискален агент на одредени меѓународни финансиски институции и може да биде претставник на Црна Гора во меѓународните финансиски институции. отвора и води сметки и прима депозити на кредитните институции, државни органи и организации и други субјекти. врши и други работи утврдени со законот.

Политиката за постигнување на целите и извршување на функциите на ЦБЦГ ги дефинира насоките за основните активности кои произлегуваат од обврските утврдени со законот. Политиката на ЦБЦГ која се однесува на следната година се носи на крајот на тековната година и содржи деловни цели и мерки на нивна реализација.

Управување, раководење и организација Со банката управува Советот на Централната банка на Црна Гора, кој го сочинуваат осум члена: гувернер, три вицегувернери и четири членови кои не се вработени во централната банка. Прописите кои ги донесува Советот се објавуваат во Службениот весник на Црна Гора. За работите на своја надлежност, Советот одлучува на седници кои ги свикува гувернерот, по правило еднаш месечно, но не помалку од десетпати во текот на годината. Во рамките на остварување на своите управувачки функции, Советот:Централна банка на Црна Гора, официјално мрежно место - Управување (12.7.2020) утврдува политика за утврдување на целите и извршување на функциите на централната банка; одлучува за употреба на инструменти и други мерки на монетарната политика; донесува прописи и други акти за остварување на целите и извршување на функциите на централната банка врз основа на овластувањата утврдени со законите; одлучува за членството и работата на централната банка во меѓународните финансиски институции; го донесува статутот на централната банка; одлучува за издавање и одземање дозволи за работа на кредитните институции, даватели на финансиски услуги и платни системи, како и за издавање и одземање на одобренија на даватели на платни услуги и издавачите на електронски пари, во склад со законот и прописите донесени врз основа на законите; одлучува за воведување заштитни и други мерки поради одржување на стабилноста на финансискиот систем; утврдува план за управување со финансиска криза во областите во надлежност на централната банка; усвојува извештаи и препораки кои се доставуваат до собранието и владата; одредува инвестициона стратегија за управување со меѓународните резерви.

Со централната банка раководи гувернерот кој ги извршува следниве задачи:Централна банка на Црна Гора, официјално мрежно место - Раководење (12.7.2020) ја претставува и застапува центалната банка; го организира работењето на централната банка; се грижи за извршување на политиката на централната банка и одлуките на советот; донесува инструкции за единствена примена на прописите кои ги донесува советот; поднесува извештаи на советот за макроекономските движења и монетарните, фискалните, финансиските и платнобилансните анализи и може да предложи препораки во областа на економската политика; донесува решенија и други акти во постапка за контрола на кредитните институции, институциите за плаќање, институциите за електронски пари и платни системи, како и постапки за контрола на вршење финансиски лизинг, факторинг, откуп на побарувања, микрокредитирање и кредитно-гарантни работи и други решенија и акти од надлежност на централната банка кои не ги донесува советот; донесува општи акти кои се однесуваат на внатрешното работење на централната банка и одлучува за други прашања за кои е овластен со закон и статутот на централната банка

Меѓународна соработка Во областа на соработката со бројни меѓународни институции и организации, ЦБЦГ има најинтензивна соработка со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка. Црна Гора станала 185-та членка на Меѓународниот монетарен фонд на 18 јануари 2007 година. Квотата на Црна Гора на ММФ изнесува 60,5 милиони СДР. Гласачката моќ на Црна Гора е 0,04% од вкупното право на глас на Фондот. Во ММФ, Црна Гора ја застапува ЦБЦГ која делува како фискален агент на Црна Гора и депозитар во ММФ. Црна Гора членува во белгиско-холандската конституенца.Централна банка на Црна Гора, официјално мрежно место - ММФ (12.7.2020)

По членството во ММФ, Црна Гора станала и полноправна членка на Светската банка. Одредбите за членство на Црна Гора во ММФ го прават министерството за финансии на Црна Гора надлежен орган за соработка со Групацијата на Светската банка, додека ЦБЦГ ја извршува функцијата депозитар на средствата, т.е. водење на сите депозитни сметки во овие меѓународни финансиски организации.Централна банка на Црна Гора, официјално мрежно место - Светска банка (12.7.2020)

ЦБЦГ активно учествува во процесот на преговори за членство на Црна Гора во ЕУ и интензивно соработува со министерството за европски прашања, како и со други релевантни институции. ЦБЦГ учествува во 14 работни групи за поглавјата од преговорите. Од петте поглавја на преговори кои директно се однесуваат на нејзините надлежности, ЦБЦГ управува со три поглавја (4. Слободно движење на капиталот, 9. Финансиски услуги, 17. Економски и монетарен сојуз) и активно учествува во работата на работните групи за Поглавјата 18. Статистика и 32. Финансиски надзор.

Монетарна политика Основните инструменти на монетарната политика на ЦБЦГ се:Централна банка на Црна Гора, официјално мрежно место - Инструменти (12.7.2020) Операции на отворен пазар. Тие се индиректен инструмент за монетарната политика со кој централната банка купува и продава хартии од вредност со цел регулирање на ликвидноста на банкарскиот систем. Операциите на отворен пазар се исто така под влијание на големината и структурата на каматните стапки, кредитниот потенцијал на банките, нивната кредитна активност и целокупната економска активност во земјата.Централна банка на Црна Гора, официјално мрежно место - Операции на отворен пазар (12.7.2020)