Платиче, плоска или вардарска горчливка (Rhodeus meridionalis) — вид слатководна зракоперкаста риба од родот Rhodeus. Се среќава во Македонија и Грција, каде што се среќава од реката Вардар до реката Пенеј.

Најзастапено се наоѓа во мирни или бавно течни води со густа водна вегетација. Рибата се храни главно со растенија, а во помала мера со црви, ракови и ларви од инсекти.

Опис и распространетост Платичето има високо и кратко тело, странично сплескано. Лушпите се релативно крупни. Грбната перка е поместена наназад, а аналната е подолга и започнува под средината на грбната. Очите се крупни. Бојата на телото силно варира, во зависност од полот и возраста. Грбот е светлозелен до светлокафеав во зависност од средината каде престојува. Страните се сребренобели со сивкасти преливи, а стомачниот дел е чисто бел. Својствено за платичето е што има синозелена надолжна линија која се протега од средината на телото до средината на опашката. За време на мрестот машките и женските единки добиват поснажни бои. Машките единки се прошарани со бои кои се преливаат во нијансите на виножитото. Добива црвена точка на грбната и аналната перка и на горната половина на окото. Грбната и аналната перка потемнуваат. Женските единки се карактеризираат со јајцеполагалка долга до 5 см која се наоѓа на средината помеѓу стомачните перки и аналната перка. Надвор од раздобјето на мрестење и машките и женските единки се сребренасто обоени. Платичето живее во Западна и Средна Европа. Во Република Македонија покрај во Црна Река го има и во реката Црн Дрим, сливот на Струмичка река и на реката Вардар, како и во Дојранското и Охридското Езеро.

Основни биолошки одлики Живее во чисти води со песокливо и каменито дно во ракавците на реките далеку од главната матица на реката, места каде има водена вегетација. Се движи во мали јата. Полово созрева во втората или третата година од животот. Се мрести во пролет и почетокот на летото. Плодноста на женските единки изнесува од 40 до 100 зрна икра со пречник од околу 3 мм. Платичето има својствен начин ма мрестење. Женските единки со помош на јајцеполагалка полагаат едно до две зрна икри во една школка. Икрата ја сместува во шкржните ливчиња. Машките единки ја изливаат семената течност во близина на школката, таа ја вшмукува и со тоа ја оплодува икрата. Ларвата по излупувањето останува во школката околу еден месец и ја напушта како рипче со должина од 11 мм. Со ваков начин на мрестење платичето успева икрата и личинките да ги заштити од грабливци. Животниот циклус на платичето е доста краток во однос на другите видови риби од водите на Македонија. Достигнува максимална должина од 10 см, а обично оклу 5 - 6 см. Се храни со растителна храна, но и со мали животинки.

Значење Нема никакво значење од аспект на стопански и рекреативен риболов. Заради убавите бои и својот изглед често се чува во аквариуми. Месото на платичето е горчливо. Се користи како мамец за лов на други видови риби.

Наводи

Категорија:Таксони именувани од Станко Караман Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Риби опишани во 1924 година Категорија:Слатководни риби Категорија:Риби на Македонија Категорија:Риби на Грција Категорија:Зборови што ги нема во ТРМЈ