Маркиф Морис (роден на 2 септември 1989 година) е американски кошаркар, крилен центар на Лос Анџелес Лејкерс во НБА.
Животопис Морис е роден во Филаделфија, Пенсилванија. Тој има четири браќа Донте, Блејк, Дејвид и близнакот Маркус, кој исто така е кошаркар и моментално игра за Лос Анџелес Клиперс.
Колеџ Морис се запишал на Универзитетот во Канзас, каде што завршил американски студии. За време на студиите тој играл колеџ кошарка за Канзас Џејхокс, станувајќи член на почетната постава дури во неговата трета сезона која му била и најдобрата на колеџот со просек од 13.6 бода и 8.3 скока по натпревар.
Тој и неговиот брат Маркус потпишале договор со спортски агент од Лос Анџелес и најавиле дека ќе конкурираат на НБА драфтот во 2011 година.
Професионална кариера Финикс Санс
Морис бил избран од Финикс Санс како 13-ти пик на НБА драфтот 2011, додека неговиот брат Маркус бил избран од Хјустон Рокетс како 14-ти пик само 5 минути подоцна. Своето НБА деби го имал на 26 декември 2011, на возраст од 22 години, во натпреварот на домашен терен против Њу Орлеанс Хорнетс кој сонцата го загубиле со 84-85; Морис играл безмалку 25 минути, забележувајќи 7 бода, 9 скока, 2 асистенции, 2 украдени топки и 1 загубена топка. На 18 јануари 2012, го имал својот прв старт во НБА во натпреварот против Њујорк Никс, но поради стомачен вирус одиграл само 5 минути во кои постигнал 3 бода. Во февруари 2012, тој учествувал на НБА натпреварот на ѕвездите во подем, што го направило првиот играч на Санс кој учествувал во овој натпревар од Амаре Стадемаер. Морис забележал 12 бода и 6 скокови за тимот на Шек. На 25 март, Морис ги постигнал највисоките за својата руки сезона 22 бода во победата со 108-83 над Кливленд Кавалирс.
Во февруари 2013, неговиот брат Маркус бил трејдуван во Финикс Санс, каде повторно бил обединет со Маркиф по две години играње за одделни тимови. Со тоа тие станале само вторите браќа кои играле за Санс по Дик и Том ван Арсдејл. Исто така, тие станале првите браќа кои започнале за ист тим во еден НБА натпревар.
Својата најдобра сезона во дресот на Финикс Морис ја имал за време на сезоната 2014-2015. Пред почетокот на оваа сезона тој потпишал продолжување на својот договор со клубот. На 17 ноември 2014 година, тој го имал својот прв натпревар во НБА со 30+ бодови, забележувајќи 30 бода во победата над Бостон Селтикс од 118-114. Интересен момент се случил на 2 јануари 2015, кога тој и Маркус, заедно со соиграчите Горан и Зоран Драгиќ, сите четворица накратко играле заедно за „сонцата“ во текот на четвртата четвртина од победата со 112–96 над Филаделфија Севентисиксерс. Тоа било прв пат во историјата на НБА лигата два различни парови на браќа да играат заедно за ист тим истовремено. На 13 јануари 2015 година, тој постигнал 35 бода во кариерата, со шут од игра 15 од 21, во победата над Кливленд Кавалирс од 107-100. Тој ги започнал и одиграл сите 82 натпревари на Финикс во регуларниот дел од сезоната, забележувајќи просек од 15.3 бода, 6.2 скока и 2.3 асистенции по натпревар.
Неговата последна сезона во Финикс била облелжена со скандали, поради што била многу послаба од претходната. Тој најпрво бил казнет со 10.000 американски долари за штетно однесување на лигата со јавно барање за трејд еден месец порано. Подоцна тој го загубил местото во почетната петорка на Санс, поради што влегол во кавга со тренерот Џеф Хорначек, па бил казнет со два натпревари суспензија од клубот. Конечно, за време на неговиот последен натпревар со Санс на 10 февруари против Голден Стејт Вориорс, Морис и неговиот соиграч Арчи Гудвин влегле во физичка расправија на клупата и биле снимени како се расправаат за време на тајмаут. Расправијата ескалирала во туркање меѓу двајцата играчи, поради што соиграчите морале брзо да интервенираат и да ги разделат Морис и Гудвин.
Вашингтон Визардс
На 18 февруари 2016 година, Морис бил трејдуван во Вашингтон Визардс во замена за ДеХуан Блер, Крис Хамфрис и заштитен топ 9 пик на НБА драфтот 2016. Следниот ден, тој дебитирал за Визардси во победата со 98–86 над тимот на неговиот брат, Детроит Пистонс, запишувајќи шест бода и два скока за 22 минути. На 29 февруари 2016 година, тој го забележа својот прв дабл-дабл како играч на Визардс со 16 бода и 13 скока во победата над Филаделфија Севентисиксерс од 116-108.
Следната сезона, Морис одиграл 76 натпревари со просек од 14 бода и 6.5 скокови по натпревар помагајќи им на Визардс со скор од 49-33 да се пласираат во плејофот како четврти носители на истокот. Тие исто така ја освоиле својата прва титула во Југоисотчната дивизија од сезоната 1978-1979. Во своето НБА плејоф деби, Морис забележал 21 бод во поразот со 114-107 од Атланта Хокс.
На 7 февруари 2019 година, Морис бил трејдуван со избор од вториот круг на драфтот во 2023 година во Њу Орлеанс Пеликанс во замена за Весли Џонсон. Следниот ден тој бил отпуштен од Пеликанс.
Оклахома Сити Тандер На 20 февруари 2019 година, Морис потпишал со Оклахома Сити Тандер.
Откако одиграл само 24 натпревари со најниска минутажа дотогаш во кариерата, Морис одлучил да не го продолжи својот договор со Тандер за сезоната 2019-2020.
Детроит Пистонс На 6 јули 2019, Морис потпишал за Детроит Пистонс. Тој бил доведен како замена за почетниот крилен центар на Пистонс, Блејк Грифин, кој сезоната ја започнал повреден. Своето деби го имал против Индијана Пејсерс во победата со 110-119, завршувајќи го натпреварот со 8 бода, 3 скока и 2 асистенции. На 21 февруари 2020 година, Морис и Пистонс се согласиле за раскинување на договорот.
Лос Анџелес Лејкерс Морис беше потпишан од Лос Анџелес Лејкерс на 23 февруари 2020 година. Лејкерси се пласирале во плејофот, каде во полуфиналето на конференцијата играле против Хјустон Рокетс. Во победата во натпреварот број 2, влегувајќи од клупата, ветеранот придонел со 16 бода за 23 минути со шут од поле 6 од 8 и 4 од 5 од зад линијата 6,25. Во втората половина од натпреварот број 3, главниот тренер на Лејкерс Френк Фогел им се спротивставил на ниската постава на Рокетс стартувајќи со Морис на местото на Џавал МекГи и со поместување на Ентони Дејвис на позицијата центар.
Статистика
Титули НБА НБА првенство : 1 (со Лос Анџелес Лејкерс) 2019-2020
Наводи
Надворешни врски Маркиф Морис на rotoworld Маркиф Морис на ESPN Маркиф Морис на basketball-reference Маркиф Морис на basketball.realgm
Категорија:Американски кошаркари Категорија:Живи луѓе Категорија:Играчи во НБА Категорија:Играчи на Финикс Санс Категорија:Играчи на Вашингтон Визардс Категорија:Играчи на Оклахома Сити Тандер Категорија:Играчи на Детроит Пистонс Категорија:Играчи на Лос Анџелес Лејкерс Категорија:Родени во 1989 година