Татјана Улчар-Ставрова (, ) – универзитетски професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии во пензија.
Животопис Татјана Улчар-Ставрова е родена во Крушево во 1944 година. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Електротехничкиот факултет во Љубљана, Словенија, во 1968, 1973 и 1979 година, соодветно. На Факултетот била вработена во 1968 година, како асистент. Во својата професионална кариера напредувала во звањата доцент (1974), вонреден професор (1980) и редовен професор (1991). Како еден од првите наставници на наставно-научната област телекомуникации држела повеќе, главно фундаментални предмети од областа на телекомуникациите, како на додипломски така и на постдипломски студии. Во периодот 1979-1987 држела настава на Техничкиот факултет во Приштина. Била член на Извршниот одбор на факултетот, член на Советот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, долгогодишен координатор на последипломските студии, продекан за настава во два мандата (1986-1987 и 1991-1992), а од 2000 година до пензионирањето била раководител на Институтот за телекомуникации.
Била автор/соавтор на над педесет научно-истражувачки трудови, објавени на меѓународни и домашни конференции и списанија. Учествувала во повеќе и раководела со два домашни и меѓународни научно-истражувачки, развојни и апликативни проекти, поддржани од МОН, јавни претпријатија („Македонски Телеком“, „Електростопанство“, „Македонски железници“), како и истражувачкиот центар Watson на компанијата IBM. Области на нејзин потесен научен интерес се теорија на информации и теорија на кодирање.
Наводи
Категорија:Професори на ФЕИТ