Алергиски ринитис е воспаление на слузницата на носот кое се јавува како последица на прекумерна реакција на имунолошкиот систем на алергените од воздухот. Знаците и симптомите вклучуваат течење на носот или затнат нос, кивање, црвенило, чешање, и солзење на очите, и оток околу очите. Секретот од носот вообичаено е бистар. Симптомите се јавуваат до неколку минути по изложување на алергенот, и може да влијаат врз спиењето и способноста за работа и учење. Некои луѓе може да развијат симптоми само за време на одреден период од годината, како резултат на изложеноста на полен. Голем дел од пациентите со алергиски ринитис исто така имаат астма, алергиски конјуктивитис или атопичен дерматитис.

Алергискиот ринитис вообичаено е поттикнат од алергени од средината како што се полен, влакна од животни, прашина, или мувла. Генетските фактори и изложеноста од средината доведуваат до развој на алергии. Растењето на фарма и имањето на повеќе браќа и сестри го намалува овој ризик. Основниот механизам вклучува врзување на IgE антителата за алергенот, и последователно ослободување на инфламаторни супстанци од страна на маст клетките, како што е хистаминот. Дијагнозата вообичаено се заснова на симптомите комбинирано со кожен прик тест или крвни тестови за алерген-специфични IgE антитела. Резултатите од овие тестови може да бидат лажно позитивни. Симптомите на алергија наликуваат на оние на настинка; сепак, тие често траат и повеќе од две недели и типично не се јавува треска.

Изложеноста на животни рано во животот може да го намали ризикот од развој на овие специфични алергии. Неколку различни видови на лекови ги ублажуваат симптомите, меѓу кои се стероидите, антихистаминиците, како дифенхидрамин, кромолин натриум, и леукотриенските рецепторни антагонисти како монтелукаст. Често пати, со лекови нецелосно се контролираат симптомите, и тие може да имаат несакани ефекти. Изложувањето на поголеми и поголеми количини на алерген, познато како алергенска имунотерапија често е ефикасна. Алергенот може да биде даден како поткожна инјекција или таблета под јазик. Третманот обично трае три до пет години, по што користа може да биде пролонгирана.

Алергискиот ринитис е најзастапена алергија. Во западните земји, помеѓу 10 и 30% од луѓето се засегнати во текот на годината. Најчесто се јавува помеѓу дваесеттите и четириесеттите години од животот. Првиот точен опис го дал лекарот Разес во 10-от век. Во 1859, Чарлс Блекли го идентификувал поленот како причинител. Во 1906, точниот механизам бил определен од Клеменс фон Пирке.

Наводи

Категорија:Нарушувања на имунолошкиот систем Категорија:Алергологија