Ришарлисон де Андраде (роден на 10 мај 1997, во Нова Венесија), познат и само како Ришарлисон е бразилски фудбалер, напаѓач на и на бразилската репрезентација.

Својата професионална кариера ја започнал во екипата на Америка Минеиро во 2015 година, освојувајќи промоција од бразилската Серија Б во Серија А во неговата единствена сезона пред да се пресели во Флуминенсе. Тој одиграл 67 натпревари и постигнал 19 голови во неговите две години таму, и бил избран во тимот на сезоната кога клубот завршил како вицешампион во Кампеонато Кариока. Во 2017 година ја започнал својата авантура во европскиот фудбал потпишувајќи најпрво за Вотфорд, а една година подоцна се преселил во Евертон.

Кога е во прашање неговата репрезентативна кариера, Ришарлисон дебитирал за сениорската репрезентација на Бразил во 2018 година. Тој бил во составот на репрезентацијата победник на Копа Америка 2019, и вицешампион на Копа Америка 2021. Тој, исто така, играл и за олимписката репрезентација во 2021 година со која освоил златен медал на Олимпискиот турнир 2020 во Токио.

Технички одлики Како напаѓачко крило со посилна десна нога, Ришарлисон е надарен со технички и атлетски квалитети, а особено со одличниот дриблинг кој му е најсилната страна во играта. Главно се користи како лево крило, но може да ги покрие сите улоги на офанзивниот дел на екипата.Calciomercato: chi è Richarlison, il colpo dell'Everton da 56 milioni foxsports.it

Клупска кариера Почетоци и Америка Минеиро Ришарлисон де Андраде е роден на 10 мај 1997 во Нова Венесија. Својата кариера ја започнал во екипата на Реал Нороесте, од каде дошол во младинскиот сектор на Америка Минеиро во декември 2014. Во еден момент тој бил блиску до откажување од фудбалската кариера, откако бил одбиен од неколку екипи и ги потрошил сите пари за билет од 600 километри во еден правец до Бело Хоризонте за да дојде на проба во еден од клубовите.

Во јуни 2015 година, тој бил промовиран во првиот тим на Америка Минеиро од страна на тренерот Џиванилдо Оливеира. Ришарлисон го направил своето професионално деби на 4 јули 2015 година во победата со 3-1 на домашен терен против Моџи Мирим. Откако влегол како доцна замена на местото на Кристијано, тој го постигнал последниот гол на натпреварот. Седумнаесет дена подоцна, тој го продолжил договорот со клубот до 2018 година.

На 21 ноември 2015 година, кога Америка заработила промоција во Кампеонато Бразилеиро Серија А со реми 1-1 на домашен терен против Сеара, Ришарлисон бил исклучен на крајот од натпреварот поради прекршок над Шарлс. Вкупно за Америка Минеиро одиграл 24 натпревари и постигнал 9 голови.

Флуминенсе На 29 декември 2015, Ришарлисон потпишал петгодишен договор со Серија А клубот Флуминенсе. Своето деби го имал на 13 мај 2016 година во реваншот од второто коло на Купот на Бразил, придонесувајќи за сите голови на неговиот тим во ремито 3–3 на домашен терен (вкупно 6–3) против Феровиарија.

Тој го направил своето деби во лигата два дена подоцна, започнувајќи во победата од 1-0 на гости против поранешниот свој клуб Америка. Неговиот прв гол во дивизијата бил постигнат на 26 јуни, победнички во успехот од 2–1 против Фламенго, натпревар во кој влегол како доцна замена, но и самиот тој подоцна бил заменет поради повреда.

Во Кампеонато Кариока 2017, Ришарлисон постигнал 8 гола на 12 натпревари и бил избран во тимот на сезоната бидејќи неговиот клуб заврши како вицешампион зад Фламенго. Во оваа статистика е вклучен и голот кој тој го постигнал на 22 април во полуфиналната победа со 3–0 над Васко да Гама на Стадионот Маракана.

Истата година, Ришарлисон учествувал и во неговото прво континентално натпреварување, Копа Судамерикана 2017. Тој одиграл четири натпревари на патот на клубот од Рио де Жанеиро до четвртфиналето и постигнал гол во победите над Ливерпул Монтевидео и Универсидад Католика (Еквадор) во првите две фази.

Вотфорд

На 8 август 2017 година, Ришарлисон се преселил во англиската Премиер лига потпишувајќи петгодишен договор со екипата на Вотфорд, во трансфер вреден околу 12 милиони евра. Своето деби за клубот го направил влегувајќи како замена во ремито 3–3 против Ливерпул во првото коло од сезоната 2017-2018. Во неговиот следен натпревар, на 19 август против Борнмут, тој го постигнал својот прв гол за стршлените во победата со 2–0.

Сезоната ја завршил со 41 настап и 5 гола во сите натпреварувања. Тој, исто така, бил единствениот играч на Вотфорд кој ги одиграл сите 38 натпревари во лигата и со 5 постигнати гола бил вториот најдобар стрелец на клубот (изедначен со Роберто Переира, Трој Дини и Андре Греј) со два гола помалку од Абдулаје Дукуре.

Евертон На 24 јули 2018 година, Евертон го купил Ришарлисон за почетна сума од 35 милиони фунти која потенцијално се зголемила до 50 милиони фунти. Така, тој му се приклучил на својот менаџер од Вотфорд Марко Силва, кој неколку месеци пред тоа се преселил на Гудисон Парк. Ришарлисон постигнал два гола на своето деби на 11 август, во ремито 2–2 против Вулверхемптон Вондерерс. Две недели подоцна, тој бил исклучен во првото полувреме од натпреварот кои завршил со истиот резултат на гостувањето кај Борнмут поради судир со главите со Адам Смит.

Поради лошата форма на колегите од нападот на Евертон, Ришарлисон бил поставен во улогата на центарфор на натпреварот на Евертон против Лестер Сити на 6 октомври, постигнувајќи гол во 7-тата минута во победата од 2–1 на гостински терен. Четири недели подоцна, тој постигнал два гола во победата од 3–1 над Брајтон и Хоув Албион. Ричарлисон ја завршил сезоната како најдобар стрелец на Евертон израмнет со Гилфи Сигурдсон откако двајцата постигнале по 13 голови во Премиер лигата, додека и двајцата имале 14 гола во сите натпреварувања.

Во пресрет на сезоната 2019-2020, Ришарлисон го зел дресот со број 7. Тој ја завршил таа сезона како изедначен најдобар стрелец на клубот, овој пат делејќи ја честа со Доминик Калверт-Луин со 13 голови во Премиер лигата, додека и двајцата имале по 15 гола во сите натпреварувања. На 3 декември 2019 година, Ришарлисон потпишал нов петгодишен договор со Евертон.

За време на сезоната 2020-2021, под водството на менаџерот Карло Анчелоти, Ришарлисон играл најчесто како лево крило. На 20 февруари 2021 година, тој го постигнал првиот гол во победата со 2–0 над Ливерпул на Анфилд, што била прва победа на Евертон на гости над нивниот градски ривал од септември 1999 година. Сезоната ја завршил со 40 настапи и 13 голови во сите натпреварувања.

Тотенхем На 1 јули 2022 година, Ришарлисон бил промовиран во нов фудбалер на по трансферот од Евертон вреден 50 милиони фунти плус 10 милиони фунти во бонуси.

Репрезентативна кариера Ришарлисон бил избран во репрезентација на Бразил под 20 години за Јужноамериканското првенство до 20 години. На турнирот забележал осум настапи и постигнал два гола.

На 27 август 2018 година, тој го добил својот прв повик во сениорскиот тим од тренерот Тите, за пријателските натпревари против САД и Ел Салвадор, откако Педро се повлекол поради повреда. Тој го имал своето деби против американците на 7 септември на МетЛајф Стедиум во Њу Џерси, влегувајќи како замена во 75-тата минута за Роберто Фирмино во победата од 2–0, и ги постигнал своите први голови (два) во вториот натпревар четири дена подоцна, во победата од 5-0.

Во мај 2019 година, тој бил вклучен во 23-члениот состав на Бразил за Копа Америка 2019 на домашен терен. Во финалето против Перу на 7 јули, на Маракана, Ришарлисон влегол од клупата за резерви на местото на Фирмино во второто полувреме и го поставил конечниот резултат 3-1 за Бразил со гол од пенал.

Две години подоцна, Ришарлисон настапил на Копа Америка 2021 која повторно се играла во Бразил. Тој ги одиграл сите седум натпревари на кариоките на турнирот, постигнувајќи еден гол повторно против Перу овојпат во групната фаза, но бразилците не успеале да ја одбранат титулата претрпувајќи пораз во финалето од Аргентина.

Истата година, тој добил повик и за Летните олимписки игри 2020. Тој постигнал хет-трик на неговото деби на Олимпијадата на 22 јули, водејќи го Бразил до победа од 4–2 над Германија. Тој ги завршил Олимписките игри како најдобар стрелец со пет гола, и покрај тоа што промашил пенал при победата со 2-1 над Шпанија во финалето.

Хронологија на репрезентативните настапи

Статистика Клупска статистика Статистика е ажурирана на 23 мај 2021.

Сезона Клуб Првенство Национален куп Континентален куп Останати купови Вкупно Лига Наст Гол Лига Наст Гол Лига Наст Гол Лига Наст Гол Наст Гол 2015 Америка Минеиро Б 24 9 КБ 0 0 - - - - - - 24 9 2016 Флуминенсе А 28 4 КБ 3 0 - - - ПЛ 0 0 31 4 јан.-авг. 2017 А+А1/РЖ 14+12 5+8 КБ 6 0 КС 4 2 ПЛ 0 0 36 15Вкупно Флуминенсе 54 17 9 0 4 2 0 0 67 19 2017-2018 Вотфорд ПЛ 38 5 ФАКуп+ЛК 2+1 0 - - - - - - 41 5 2018-2019 Евертон ПЛ 35 13 ФАКуп+ЛК 2+1 1+0 - - - - - - 38 14 2019-2020 ПЛ 36 13 ФАКуп+ЛК 1+4 0+2 - - - - - - 41 15 2020-2021 ПЛ 34 7 ФАКуп+ЛК 3+3 3+3 - - - - - - 40 13 2021-2022 ПЛ 5 2 ФАКуп+ЛК 0 0 - - - - - - 5 2Вкупно Евертон 110 35 14 9 - - - - 124 44Вкупно во кариерата 226 66 26 9 4 2 0 0 256 77

Титули Клупски Тотенхем УЕФА Лига Европа : 1 2024-2025

Репрезентативни Бразил Копа Америка : 1 2019 Летни олимписки игри : 1 20px Златен медал 2020

Поединечни Кампеонато Кариока Тим на сезоната: 2017

Наводи

Надворешни врски

Ришарлисон на soccerway Ришарлисон на transfermarkt Ришарлисон на espn Ришарлисон на whoscored

Категорија:Живи луѓе Категорија:Бразилски фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Вотфорд Категорија:Фудбалери на ФК Евертон Категорија:Фудбалери на ФК Тотенхем Категорија:Фудбалери од Премиер Лига Категорија:Родени во 1997 година