Андрос Таунсенд (роден на 16 јули 1991 во Лејтонстоун) е англиски фудбалер, крило на Канчанабури Пауер.

Биографија Таунсенд е роден во Лејтонстоун, Голем Лондон. Тој е син на Трој Таунсенд, раководител на организацијата Kick It Out. Андрос има јамајканско по таткова и кипарско-грчко потекло по мајчина страна. Тој израснал во Чингфорд и е доживотен навивач на Тотенхем. Кога имал 10 години, неговиот полубрат Куртис загинал во сообраќајна несреќа, на 18-годишна возраст.

Во едно интервју во декември 2019 година, Таунсенд рекол дека има големи проблеми со коцкање, и дека компулсивно се обложувал онлајн на фудбал. Тој загубил 46.000 фунти на еден облог во 2012 година, ноќта пред натпреварот од плејофот за промоција на неговиот Бирмингем Сити. Откако бил фатен поради кршење на правилата на ФА против обложување, тој отишол на советување.

Клупска кариера Тотенхем Почетоци и заемот во Јовил Таун Таунсенд се приклучил на академијата на Тотенхем на возраст од осум години. Во март 2009 година, тој заминал на позајмица во Јовил Таун, правејќи го своето деби како професионалец во фудбалската лига против Милтон Кинс Донс излегувајќи на теренот заедно со соиграчот од академијата на Спарс Џонатан Обика. Тој забележал десет настапи и постигнал еден гол за Јеовил помагајќи му на клубот да избегне испаѓање.

Заемите во Лејтон Ориент, Милтон Кинс Донс и Ипсвич Таун Таунсенд влегол во сениорскиот тим на Тотенхем под менаџерот Хари Реднап. Во август 2009 година, тој бил пратен на едномесечна позајмица во клубот од Лига Еден Лејтон Ориент, која подоцна на крајот на месецот била продолжена до крајот на декември, по што тој се вратил во Тотенхем. Во 26 настапи за Ориент, Таунсенд постигнал два гола, вклучително и „одличен гол“ во ремито 3–3 против Јовил, поминувајќи покрај тројца противнички играчи со продор којшто започнал уште од половината која припаѓала на неговата екипа.

Откако сè уште не дебитирал за Тотенхем, на 14 јануари 2010 година, Таунсенд повторно бил испратен на заем во клуб од Лига Еден, овојпат во Милтон Кинс Донс до крајот на сезоната, иако бил отповикан назад по само два месеци поради повреди. Во девет натпревари за Донс тој постигнал два гола. Сезоната заврши без Таунсенд да може да дебитира за Тотенхем.

На 12 август 2010 година, Таунсенд потпишал уште еден договор на сезонска позајмица, искачувајќи се овојпат едно скалило по горе во нивото на англискиот фудбал, откако му се приклучил на Ипсвич Таун, членот на Чемпионшип. Сепак, оваа зделка била прекината предвреме на 20 декември, бидејќи Реднап верувал дека таму Таунсенд не играл доволно редовно. Тој забележал 16 настапи, и погодил еднаш.

Дебито за Тотенхем и нови заеми

На 9 јануари 2011 година, Таунсенд го направил своето деби за првиот тим на Тотенхем во третото коло на ФА Купот на Вајт Харт Лејн против Чарлтон Атлетик; тој го постигнал првиот гол и бил избран за Играч на натпреварот. Ова се покажал како неговиот единствен настап за Тотенхем во остатокот од сезоната, во која тој одработил уште две позајмици. Тој му се приклучи на клубот од Чемпионшип, Вотфорд, на 20 јануари 2011 година на позајмица до крајот на сезоната. Сепак заемот во овој клуб бил прекинат предвреме, на 23 февруари, при што Таунсенд имал само три настапи за стршлените.

На 7 март, Таунсенд повторно отишол на позајмица во клуб од Чемпионшип до крајот на сезоната, овојпат во Милвол. Во април, тој изјавил дека би бил среќен да остане во клубот и по завршувањето на неговата позајмица. Во 11 настапи за Милвол, тој постигнал два гола.

Во првата половина од сезоната 2011–12, Таунсенд играл редовно за Тотенхем во натпреварите од Лигата на Европа, со шест настапи во натпреварувањето. Тој го постигнал својот втор гол за Спарс во нивниот последен натпревар во натпреварувањето, против Шамрок Роверс на 15 декември 2011 година, со удар со многу ефе надвор од шеснаесетникот. На 23 декември, тој потпишал продолжување на договорот со Тотенхем до крајот на сезоната 2015-2016.

Со само уште еден настап за Тотенхем, во Лига купот, на 1 јануари 2012 година, Таунсенд му се приклучил на Лидс Јунајтед во Чемпионшип, на позајмица до крајот на сезоната. Сепак, после само седум настапи - вклучувајќи го и оној што го опишал како „деби од соништата“ - и еден гол за Лидс, неговата позајмица во клубот била прекината и тој се префрлил во друг клуб од истата лига, Бирмингем Сити, откако неговиот агент тврдел дека Таунсенд не е задоволен во клубот од Западен Јоркшир. За Бирмингем, тој забележал петнаесет првенствени настапи и еден настап во реваншот од полуфиналето на плејофот за промоција против Блекпул, во кој неговиот клуб бил елиминиран.

Дебито во Премиер лигата за Тотенхем, заемот во КПР и последните сезони во дресот на Спарс Таунсенд останал во Тотенхем во првата половина од сезоната 2012–2013, откако клубот добил нов менаџер, Андре Вилаш-Боаш, кој го заменил Реднап во текот на летото. Тој го направил своето деби во Премиер лигата влегувајќи како доцна замена на 16 септември. Иако се појавил уште четири пати во Премиер лигата, сите негови настапи биле влегувања од клупата како доцна замена. Надвор од лигата тој имал уште пет настапи, по еднаш во Лига купот и ФА купот, и трипати во Лига Европа. Тој го постигнал својот трет гол за Тотенхем со прекрасен удар со левата нога надвор од шеснаесеттникот во победата од 3–0 против Карлајл Јунајтед во третото коло од Лига купот.

На 31 јануари 2013 година, Таунсенд се соединил со неговиот поранешен менаџер Реднап во Квинс Парк Ренџерс, приклучувајќи му се на клубот на позајмица до крајот на сезоната. Неговата мисија била да му помогне на лонодонскиот клуб да избегне испаѓање од Премиер лигата, откако за време на неговото доаѓање тие веќе биле закотвени на дното со само две победи во првите 24 натпревари. Тој забележал дванаесет настапи за Квинс Парк Ренџерс, постигнувајќи притоа и два гола. Првиот гол го постигнал со удар од волеј надвор од шеснаесетникот во победата со 3-1 на домашен терен против Сандерленд, а потоа се запишал во листата на стрелците и во поразот на гости со 3–2 од Астон Вила. КПР на крајот испаднал од Премиер лигата завршувајќи на последното место, а Таунсенд се вратил во својот матичен клуб.

По враќањето во Тотенхем, Таунсенд конечно добил повеќе шанса за игра во дресот на Спарс за време на сезоната 2013–2014, во која настапил вкупно во 33 натпревари, вклучувајќи 25 настапи во Премиер лигата. Тој постигнал два гола, во победата од 5–0 на гостувањето кај Динамо Тбилиси во Лига Европа, додека неговиот прв во Премиер лигата го постигнал во победата од 2–0 на гостувањето кај Астон Вила на 20 октомври 2013 година. Во средината на сезоната, Таунсенд се нашол под раководството на трет тренер за време на неговиот престој во Тотенхем, откако Вилаш-Боаш бил заменет со Тим Шервуд.

Договорот на Шервуд бил раскинат на крајот на сезоната, па Таунсенд и соиграчите сезоната 2014–2015 ја започнале со новиот менаџер Маурисио Почетино. Тој одиграл вкупно 35 натпревари, постигнувајќи 5 гола, но само 17 од нив биле во првенството, бидејќи не можел да го задржи своето место во почетниот тим во втората половина од сезоната. На 1 март 2015, на Вембли тој го започнал за Тотенхем финалето на Лига купот на Англија кое неговиот клуб го загубил на крајот со 2–0 од Челси.

На 4 ноември 2015 година, откако не започнал во ниту еден првенствен натпревар од сезоната 2015–2016, Таунсенд бил исфрлен од тимот по расправија со фитнес тренерот на клубот. Тој подоцна се извинил, а менаџерот Почетино му дозволил да се врати во тимот од 17 ноември, изјавувајќи дека работата е завршена и тој е повторно достапен за избор. Тој бил неискористена замена трипати по инцидентот, од кои последниот бил на 10 декември, но повеќе не настапил ниту еднаш за првиот тим за Тотенхем.

Њукасл Јунајтед На 26 јануари 2016 година, откако сè уште не започнал во почетниот тим на Спарс ниту еден првенствен натпревар, Тотенхем договорил трансфер со Њукасл Јунајтед за продажба на Таунсенд, за сума од 12 милиони фунти. Пред да се објават деталите од трансферот, Таунсенд веќе објавил порака за збогум на Твитер во која изјавил: „Штом дознав за интересот на Њукасл, тие беа единствениот клуб во кој сакав да се приклучам... Двете најдобри позиции на кои можете да играте во фудбалот се центарфор и лево крило во Њукасл. Јас ја имам таа шанса. Никогаш не би можел да го одбијам тоа. Едвај чекам да го одиграм мојот прв натпревар на Сент Џејмс Парк“. Трансферот бил потврден следниот ден, а Таунсенд потпишал договор на пет и пол години, но клубот одбил да ја открие сумата која ја платил за играчот. По потпишувањето, неговиот нов менаџер, главниот тренер на Њукасл Стив Мекларен, за Таунсенд рекол дека тој е „крилен напаѓач со старомоден стил. Може да игра на десната или левата страна, подеднакво добро се служи со двете нозе, брз, многу директен и сака да ги напаѓа дефанзивците и да ја нафрла топката“. Според Sky Sports, трансферот се преговарал една недела и Њукасл првично го сакал Таунсенд на позајмица, а потоа била одбиена и нивната понуда за трансфер од 10,5 милиони фунти.

И покрај тоа што неговото деби за Њукасл дошло во разочарувачки настап на клубот во поразот на гости од Евертон, во следниот натпревар, неговото домашно деби, тој добил овации по изведбата во која бил прогласен за „играч на натпреварот“ со која Њукасл се искачил надвор од зоната за испаѓање. Неговиот прв гол за клубот го постигна во неговиот трет натпревар, со шут надвор од шеснаесеттникот, но тоа бил само почесен погодок за страчките во 90-тата минута во поразот со 5-1 на гостувањето кај Челси. На 30 април 2016, Таунсенд го постигнал единствениот гол во натпреварот со кој Њукасл на домашен терен го совладал Кристал Палас со 1-0. И покрај позитивната полусезона на индивидуален план, во која Таунсенд на 13 настапи постигнал 4 гола, неговата екипа не успеала да го избегне испаѓањето во Чемпионшип на крајот од сезоната, што отворило многу прашања околу иднината на Таунсенд и многу други играчи на клубот.

Кристал Палас thumb|right|220px|Таунсенд во дресот на Кристал Палас во 2016 На 1 јули 2016 година, Таунсенд му се приклучил на Кристал Палас потпишувајќи со нив петгодишен договор, со што останал да настапува во Премиер лигата по испаѓањето на Њукасл во Чемпионшип. Палас ја активирале неговата ослободителна клаузула од 13 милиони фунти по само шест месеци откако тој дошол во Њукасл од Тотенхем. Откако Јаник Боласие заминал во Евертон, на Таунсенд му бил доделен празниот дрес со број 10 кој претходно го носел имено Боласие. Своето деби за орлите го направил на 13 август 2016 година, играјќи во поразот со 1–0 од Вест Бромвич Албион во Премиер лигата. Својот прв гол за Кристал Палас го постигнал во првенствената победа со 4–1 над Стоук Сити на 18 септември. Во Палас, Таунсенд успеал да се утврди и пронашол простор за игра во континуитет: првата сезона во клубот ја завршил со 36 настапи во Премиер лигата од кои 30 како стартер на кои постигнал 3 гола. Следната сезона, тој забележал ист број настапи како и во претходната сезона и 2 гола.

Својата најдобра сезона во кариерата, Таунсенд ја имал во сезоната 2018-2019 во која на 45 настапи во сите натпреварувања постигнал рекордни во својата кариера 9 гола. Тој ги одиграл сите 38 натпревари на Палас во Премиер лигата, постигнувајќи највисоки во својата кариера 6 голови во рамките на една сезона, вклучувајќи го и оној од преку 25 метри во победата со 3-2 над Манчестер Сити на 22 декември 2018. Неговиот погодок подоцна бил избран за гол на месецот во Премиер лигата за декември. Конечно, неговиот гол подоцна бил избран за Гол на сезоната во Премиер лигата, и се нашол во потесниот избор за Пушкаш наградата за 2019 година.

Неговата делотворност драстично се намалила во последните две сезони во клубот, во кои тој постигнувал само по еден гол. Вкупно за Кристал Палас, Таунсенд одиграл 185 натпревари и постигнал 16 гола.

Евертон Таунсенд потпишал двегодишен договор со Евертон на 20 јули 2021 година, по истекот на неговиот договор со Кристал Палас.