Свети Никола и Ѓорѓи (наречена и Двојна црква) — главна селска црква во кумановското село Орах, Македонија.
Прогласена е за културно наследство на Македонија, но градбата на црквата е во лоша состојба и истата треба да се конзервира и реставрира со консолидација на пукнатините, замена на нефункционалната дрвена греда, остранување на вегетацијата од покривот и прередување на камените плочи на покривот.
Местоположба
Црквата се наоѓа во маалото Балијци, во непосредна близина на Каменитичко Маало. Околу црквата се наоѓаат селските гробишта. До нејзе води земјен пат.
Историја
мини|300п|лево|Поглед на црквата во 2005 година
Народното предание кажува дека црквата е постара од Карпинскиот манастир и дека потекнува од средниот век. Храмот датира од крајот на XVI или почетокот на XVII век.
Во 2009-2010 година биле извршени некои интервенции на црквата, како препокривање со камени плочи и фасадни интервенции.
Архитектура
Градбата на црквата е двокорабна. Црквата е во лоша состојба и видливи се вертикални пукнатини над јужниот влез во црквата, изразена пукнатина во северозападниот агол на северниот кораб со изразен процеп меѓу двата ѕида; во јужниот кораб лоша е состојбата на дрвената затега и вградената хоризонтана греда во јужниот ѕид; во јужната апсида однадвор изразени се неколку пукнатини со различна должина и насока; на покривот на црквата има висок степен на деградација на кровот од камени плочи со израснати растенија и дрво, ронење на плочите и нивно поместување од своите лежишта и истиот пропушта вода.
Црквата била изградена од камен и била покриена со плочи. Претставува уникатна двојна црква посветена на двајца светци со два одделни влеза и две апсиди на исток. Двата кораба се засводени со полукружни сводови.
Фрескоживопис
На северниот ѕид се насликани сцени од страданијата на Христос, а на јужниот се сцени од големите празници. Фреските во северниот кораб се постари, од времето на изградбата на црквата, а во јужниот се од 1873 година.
Живописот е во задоволителна состојба, освен тој во наосот, но целото ѕидно сликарство е загрозено од атмосферската влага.
Икони и иконостас
Црквата има висок дрвен иконостас од 1893 година. Вратите на јужниот кораб се од втората половина на XVI век, дело на скопско-призренско ателје и се единствениот зачуван дел од првичниот иконостас. Изработени се од оревово дрво и се хармонично копаничарско дело.
Галерија
Поврзано Кумановско-кратовско архијерејско намесништво Карпинско-жегљанска парохија Орах
Наводи
Надворешни врски
Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Орах Орах