мини|десно|Икона на пресв. Богородица Патеводителка мини|десно|Икона на Петнаесетте тивериополски маченици, крај на XIX век Григориј Пецанов — истакнат македонски иконописец и зограф од времето на Македонската преродба во XIX век Се смета за мошне надарен и школуван мајстор, „голем стилизатор на формата и добар техничар“. Во своето творештво Пецанов претпочита темни, силни и заситени бои. Неговите дела во Струмичко се вклучени меѓу движното културно наследство на Општина Струмица.
Живот и дела Роден е во градот Струмица. Родот на татко му Пецо потекнува од блиското село Дабиље. Творел во многу цркви во Струмичко и на други места.
Од 1863 до 1866 г. изработил серија икони за иконостасот на црквата „Св. Димитриј“ во Драчевица. Во 1873 г. ја насликал црквата „Св. Димитриј“ во Градец, за што сведочи двојазичниот натпис на грчки и црковнословенски на северната страна оаднадвор во композицијата „Страшниот суд“. Датумот на натписот е 28 август 1873 г., а насликаниот простор е долг 11 метри и се протега од левата и десната страна на вратата.
Во 1868 г. ги изработил иконите за „Св. Троица“ во Дабиље — Петар и Павле, Архангел Михаил, Константин и Елена, Троица, Богородица, Христос, Јован Крстител и други. Иконата на Света Троица е натпишана: „Δια χειρος Γρηγοριου ά Ζογραφου υῖου Πετζα του ἐκ Στρωμνιτσης ουαριου, α αωξἠ (=1868)“. Освен иконите, Пецанов ги насликал и таванските фрески на храмот во Дабиље и ги украсил столбовите со растителни и геометриски мотиви на темна позадина, успевајќи да постигне уметничко единство.
Во 1871 г. Пецанов го насликал Свети Ѓорѓи во полн раст над јужната иконостасна врата на „Успение на пресв. Богородица“ во Смојмирово. Потписот гласи „Из рука Григоріа зѡграфа синъ Пецановичъ ѿ Струміца 1871 іаннуаріа 10: ыи“. Свети Ѓорѓи е со долга мантија, со долго копје и крст во десната рака и палмино гранче во левата. Главата е одлично искомопирана и насликана во ориентален изглед — темен, со црна кадрава коса и големи очи.
Пецанов е автор на целивалната икона „Успение на Пресвета Богородица“ во беровскиот манастир „Св. Архангел Михаил“, изработена во 1878 г. Негово дело се и престолните икони во цркватата „Св. Архангел Михаил“ во Драмче.
Иконите во црквата „Успение на пресв. Богородица“ во Делчево се дело на Димитар Андонов Папрадишки, Григориј Пецанов и други автори. Пецанов е автор на икони од XIX век во црквата „Св. Константин и Елена“ (1850) во Разловци заедно со Васил Зограф. Иконите во црквата „Св. Никола“ (1857) во Стар Истевник исто така се дело на Пецанов.
По 1878 г. Григориј се преселил во новонастанатото Кнежевство Бугарија. Негови творби има во црквата „Св. Никола“ во Берковица. На иконата на Успението на Пресвета Богородица има натпис: „іулій 15-ый 1878 из рука Г. П. Струмица“. Негови творби има и во црквата „Воскресение Христово“ во софиското село Челопечене. На иконата на Богородица има потпис: „сіѧ икона ѡбдарисе ѿ Гіор... Петковъ, съ собругомъ, и чедомъ за душевно ихъ спасеніе, и тѣлесно, здравіе. Из рук Григоріа иконопісца Македонецъ от Струміца 1879 март 16-ый“.
Во 1897 г. работел во црквата „Св. Троица“ во Смолари. На западната врата на храмот има натпис: „Изобразисѧ сей бжественій храмъ стыѧ трцы во времето на свѧщникъ Пантелиѧ и на феткио епитропъ дедо Митре Теповъ, купно съ новый епитропъ Келю Теновъ и сосъ настоѧтелите и надзирателите черковни г-да Раггелъ Гѡоргиевъ Геѡрге Стоиловъ, въ лѣто 1897 г. Въ месецъ аѵгустъ 9-ый чресъ руки на зографа Григорїа Пецановічъ ѿ градъ Струмица сос настоѧніето же на кмета Андонъ Манчовъ“.
Григориј Пецанов заедно со зографите Гаврил Атанасов и Димитар Андонов Папрадишки е автор на иконописот во струмичката катедрала „Св. Кирил и Методиј“, изградена во 1911 г.
Наводи
Категорија:Македонски иконописци Категорија:Македонски зографи Категорија:Луѓе од Струмица