Наоми Осака (родена на 16 октомври 1997 г. во Осака, Јапонија) — јапонска професионална тенисерка.
Таа е поранешен светски бр. 1 играч и прв азиски играч кој се нашол на првото место на ВТА листата во поединечна конкуренција, како и првиот играч од Јапонија — маж или жена — кој бил рангиран како светски бр. 1 играч. Таа е четирикратна гренд слем шампионка во поединечна конкуренција, со освоени две титули на Отвореното првенство на Австралија (2019, 2021) и две титули на Отвореното првенство на САД (2018, 2020). Таа е првата тенисерка која успеала да освои два гренд слем турнири едноподруго по Серена Вилијамс во 2015 година.
Родена во Јапонија во семејство на татко хаиќанец и мајка јапонка, Осака живеела и тренирала во САД од својата тригодишна возраст. Таа дошла до израз на 16-годишна возраст кога ја победила поранешната гренд слем шампионка Саманта Стосур на нејзиниот прв настап на ВТА турнирите. Две години подоцна, во 2016 година, таа за прв пат се пласирала во финале на ВТА турнир, и тоа на Отвореното првенство на Токио и за прв пат била рангирана во првите 50 играчи на ВТА листата. Осака се пробила во горниот ешалон на женскиот тенис во 2018 година кога ја освоила својата прва ВТА титула на отвореното првенство на Индијан Велс. Подоцна во годината, таа ја победила 23-кратната гренд слем шампионка Серена Вилијамс на Отвореното првенство на САД, станувајќи првата јапонска тенисерка која освоила гренд слем титула во поединечна конкуренција. На терен, Осака се одликува со агресивен стил на игра диктиран од основната линија, со силни форхенд удари и сервиси кои може да достигнат брзина до 201 км/ч.
Осака е една од најдобро платените спортисти во светот, и се нашла на 8. место на списокот на спортисти со највисока заработка за 2020 година. Таа исто така била именувана како спортистка со највисока заработка на сите времиња според годишниот приход остварен таа година. Осака се стекнала со значително признание како активист, покажувајќи поддршка за движењето Black Lives Matter (Црните животи се важни) во текот на натпреварите. Таа била именувана во списокот 100 највлијателни луѓе во светот кој го објавува списанието Тајм во 2019 и 2020 година. Покрај тоа, таа ја добила наградата Лауреус за најдобра светска спортистка во 2021 година. На летните олимписки игри 2020 одржани во Токио, таа ја добила честа да го запали олимпискиот оган на свеченото отворање на игрите, со што станала првата тенисерка во историјата со таков подвиг.
Ран живот и потекло Наоми Осака е родена на 16 октомври 1997 година во Осака, Јапонија во семејството на Тамаки Осака и Ленард Франсоа. Нејзината мајка е од Немуро, Хокаидо, Јапонија, а нејзиниот татко е од Жакмел, Хаити. Таа има постара сестра, Мари, која е поранешна професионална тенисерка. Двете девојки го добиле презимето на нивната мајка поради практични причини кога семејството живеело во Јапонија. Родителите на Осака се запознале кога нејзиниот татко Ленард бил на патување на Хокаидо додека бил студент на колеџ во Њујорк.
Кога Осака имала три години, нејзиното семејство се преселило во Елмонт, Њујорк на Лонг Ајленд, за да живее со семејството на нејзиниот татко. Татко ѝ бил инспириран да ги учи неговите ќерки како да играат тенис гледајќи ги Серена Вилијамс и Венус Вилијамс на Отвореното првенство на Франција во 1999 година. Имајќи мало искуство како тенисер, тој се угледал на Ричард Вилијамс кој од неговите ќерки направил едни од најдобрите играчи во светот, и покрај тоа што не го играл спортот. Тој започнал да ги тренира Наоми и Мари веднаш штом тие се преселиле во САД. Во 2006 година, нејзиното семејство се преселило на Флорида за тие да имаат подобри можности за тренинг. Таа тренирала на терените во Пембрук Пајнс во текот на денот и била школувана дома навечер. Кога таа имала 15 години, таа започнала да работи со Патрик Таума во Академијата ИСП. Во 2014 година, таа се префрлила во тениската академија на Харолд Соломон. Таа подоцна тренирала и во академијата ProWorld.
Иако Осака израснала во САД, нејзините родители одлучиле нивните ќерки да играат под знамето на Јапонија. Тие рекле, „Одлучивме Наоми да игра за Јапонија уште на нејзина најрана возраст. Таа е родена во Осака и воспитана во домаќинство на јапонска и хаитска култура. Едноставно, Наоми и Мари отсекогаш се чувствувале како јапонки, па тоа ни беше нашето единствено образложение. Одлуката никогаш не била финансиски мотивирана ниту под влијание на било која национална федерација.“ Тениската федерација на САД ѝ понудила можност на Осака да тренира во нивниот национален тренинг центар во Бока Ратон кога таа имала 16 години, но таа ја одбила понудата.
Професионална кариера 2011–2015: Почетоци и пласман во Топ 150
Осака не играла на јуниорски турнири на ИТФ, и единствено играла на неколку јуниорски турнири на која било возраст. Таа веднаш започнала да игра на ИТФ турнири и го одиграла својот прв квалификациски натпревар во октомври 2011 година на својот 14. роденден. Таа потоа за прв пат се нашла во главен жреб во двојки на следниот турнир во март со нејзината сестра Мари. Во меѓувреме, таа не успевала да се квалификува во главен жреб во поединечна конкуренција сè до јули, во нејзиниот седми обид. Во 2012 година, нејзин најдобар резултат бил полуфинале на турнир вреден 10 илјади долари во Амелија Ајленд, каде била поразена во полуфиналето од нејзината сестра. Осака никогаш не успеала да освои титула на ИТФ нивото, и покрај тоа што четири пати играла финале на овие турнири во периодот 2013–2015 година.
Во септември 2013 година, Осака станала професионална тенисерка непосредно пред да наполни 16 години. Таа за прв пат играла квалификации на ВТА турнејата истиот месец на турнири во Квебек и Токио. Турнирот во Токио бил можност за Осака за прв пат да се натпреварува професионално во Јапонија. Следното лето, таа се квалификувала за прв пат во главен жреб, на ВТА турнирот во Станфорд. На својот деби натпревар, Осака ја изненадила светскиот бр. 19, и поранешен гренд слем шампион, Саманта Стосур. Таа се уште имала 16 години и била рангирана како 406. во тој момент. Осака исто така победила на натпревар на отвореното првенство на Јапонија, каде во главниот жреб влегла со вајлд карта. Овие победи и помогнале на Осака да се пробие во најдобрите 250 тенисерки на ВТА листата пред крајот на сезоната.
И покрај тоа што не извдојувала ниту една победа на ВТА турнир во 2015 година, Осака продолжила да го подобрува својот ранкинг. Таа играла две финалиња на ИТФ турнири, првиот со вредност од 75 илјади долари во Гифу, Јапонија и вториот со вредност од 50 илјади долари во Сербитон, Обединетото Кралство. По овие резултати, Осака била доволно рангирана за да игра во квалификациите на последните два гренд слем турнири во годината, Вимблдон и Отвореното првенство на САД. Таа победила на својот прв натпревар во квалификациите во Њујорк, но не успеала да се квалификува за главниот жреб. Сепак, Осака ја завршила сезоната со одлични игри. Во октомври за време на завршиот ВТА турнир, таа победила на егзибицискиот турнир за играчи во подем, победувајќи ја тогаш светскиот бр. 35, Каролин Гарсија во финалето. Таа продолжила да игра во ноември, и се пласирала во своето најголемо финале до тогаш, на турнирот во Хуа Хин, Тајланд, во рамки на серијата ВТА 125, каде загубила од Јарослава Шведова. Таа ја завршила 2015 година рангирана на 144. место на ВТА листата.
2016: Прво ВТА финале, најдобар нов играч
Осака ја започнала сезоната играјќи три турнири во Австралија. Нејзините резултати во овој дел од сезоната биле доволно добри за да ја доведат блиску до најдобрите 100, што и овозможило да игра на турнири од ВТА турнејата во текот на цела година. Најзначајно, таа се квалификувала за својот прв гренд слем главен ждреб на Отвореното првенство на Австралија и стигнала до третото коло. Конкретно, таа ја изненадила свтскиот бр. 21, Елина Свитолина, со победа во два сета во второто коло пред да биде поразена од светскиот бр. 16, Викторија Азаренка. Назад во САД, Осака добила вајлд карта за учество на Отвореното првенство на Мајами, што било нејзино прво учество на турнир од категоријата ВТА Премиер. На турнирот, таа победила на два натпревари, вклучително победувајќи ја светскиот бр. 18, Сара Ерани. Со овој успех, таа за прв пат напредувала во првите 100 тенисерки на ВТА листата.
Во сезоната на земја пред Отвореното првенство на Франција 2016, Осака успеала да се квалификува во главен жреб само на турнирот на Отвореното првенство на Чарлстон, каде била веднаш поразена во првото коло. Сепак, Осака била доволно високо рангирана за да игра во главниот жреб на турнирот во Париз. На првиот настап во Париз, таа забележала победи над Јелена Остапенко и Мирјана Лучиќ-Барони, но загубила од светскиот бр. 6 Симона Халеп, иако го добила првиот сет на натпреварот. Таа потоа не играла на сезоната на трева откако се здобила со повреда набргу по настапот во Париз.
Осака се вратила на тенисот кон средината на јули. На Отвореното првенство на САД 2016 во август, таа по трет пат стигнала до трето коло на гренд слем турнир во годината, но овој пат била поразена од светскиот бр. 9, Медисон Кис во три сета. Следно, Осака играла на два турнири во Токио, забележувајќи пораз во второто коло на Отвореното првенство на Јапонија. Откако веќе стигнала до своите први две четвртфиналиња на ВТА во кариерата на почетокот на годината, таа земала учество со вајлд карта на Отвореното првенство на Токио, турнир од Премиер категорија. Таа ги победила светскиот бр. 12, Доминика Цибулкова и светскиот бр. 20 Свитолина, на патот до своето прво ВТА финале, на само 18. годишна возраст. Дополнително, таа била првиот домашен играч кој стигнал во финалето на турнирот по Кимико Дате во 1995 година. Во финалето, Осака била поразена од Каролина Возњацки. Сепак, таа за прв пат влегла во најдобрите 50 на ВТА листата. На крајот на годината, таа ја добила наградата на ВТА за најдобар нов играч.
2017: Пад во формата, две Топ 10 победи По нејзиниот огромен напредок претходната сезона, Осака не била во можност да напредува во рангирањето во 2017 година. Сепак, таа одржала стабилен пласман во текот на целата сезона, не се искачила повисоко од бр. 44, и не паднала пониско од бр. 68 на ВТА листата. Во годината, таа не успеала да сврзе повеќе од две победи на било кој турнир во главен жреб.
Најдобар резултат во сезоната, Осака остварила на Отвореното првенство на Канада, каде стигнала до осминафиналето како квалификант. На турнирот, таа ја изненадила светскиот бр. 16, Анастасија Севастова, но потоа била принудена да се повлече во натпреварот против светскиот бр. 1, Каролина Плишкова, поради абдоминална повреда. Таа го освоила вториот сет против Плишкова. Нејзините следни најдобри резултати во годината биле на последните два гренд слем турнири, каде стигнала до третото коло на Вимблдон и на Отвореното првенство на САД. Таа имала одлично деби на Вимблдон, победувајќи ја светскиот бр. 23, Барбора Стрицова, пред да биде поразена од светскиот бр.11, Венус Вилијамс. Во Њујорк, таа ја изненадила бранителот на титулата и светскиот бр. 6, Анџелик Кербер, забележувајќи ја првата победа над топ 10 играч во кариерата. Сепак, таа била поразена во третото коло од Каја Канепи.
Осака конкретно се напрегала на турнирите на Земјина подлога. По победата на нејзините први два натпревари на Отвореното првенство на Чарлстон, таа не победила на ниту еден друг натпревар во главен жреб на земја до крајот на сезоната. Осака одиграла добро на сезоната на трева, забележувајќи 4 победи и 4 порази. Нејзините најголеми победи во сезоната се случиле на тврда подлога. Покрај резултатите на отворените првенства на Канада и САД, таа ја остварила својата втора топ 10 победа над светскиот бр. 5, Венус Вилијамс, на Отвореното првенство на Хонк Конг, што бил нејзин последен турнир во годината. Таа ја завршила сезоната како светски бр. 68, со уназадување од 28 места во споредба со претходната сезона.
2018: Првак на Отвореното првенство на САД