Галерија на икони - Штип — музеј на икони во црквата „Св. Никола“ во градот Штип.

Галеријата е отворена во 1990 г. и во неа се собрани голем дел од иконописните творби од Брегалничкиот регион од XVII до XIX век, како и ретки и стари црковни книги, сребрени крстови и метални путири и други вредни црковни предмети. Во јужниот дел на галеријата има 29 икони од XVIII и XIX век од зографите Џико од Осој, Константин и Петар Новеви од Тресонче, Крсте Зограф од Велес, Адамче Најдов и други. Меѓу тие икони се издвојуваат „Природата на Исус“, „Света Троица“ и „Свети Јован со житие“. Во западното крило на галеријата има 32 икони, од кои повеќето се од XIX век. Меѓу авторите на овие икони се Данило Коцев од Штип и Станислав Доспевски од Самоков, а поважни се „Исус Христос“, „Свети Никола“, „Света Богородица“. Во северниот дел има 31 икона — ремек-дела на Петар Новев, Исаија Џиков и Константин Андонов, а највеќе се издвојуваат „Свети Симеон“, „Свети Мина“ и „Крштевањето на Исус“. На северниот дел од иконостасот има 16 икони.

На главниот иконостас на црквата има 67 икони, од кои повеќето се изработени во 1890 г. од истакнатиот мајстор Димитар Андонов Папрадишки. Освен иконите, изложени се и псалми печатени во XIX век во Москва, минеи и евангелија. Во галеријата се изложени и неколку венчални круни од XIX век и други црковни предмети — сребрени путири, лажици, крстови, кандила и одежди.

Поврзано Галерија на икони (Ново Село) — галерија од истиот вид сместена во црквата „Успение на пресв. Богородица“ во населбата Ново Село

Наводи

Штип Категорија:Музеи во Штип Категорија:Појавено во 1990 година во Македонија