Сандра Крету (германски: Sandra Cretu), родена како Сандра Ан Лауер (германски: Sandra Ann Lauer) на 18 мај 1962 година, во Сарбрикен, Германија, популарно позната како „Сандра“, е популарна германска пејачка и текстописец, која моментално живее на Ибица, Шпанија. По уживањето во успехот како водечки вокал во диско триото Arabesque, Сандра почнува да пее соло под тоа име во 1984. Таа може да се слушне во проектот на нејзиниот поранешен сопруг Михаел Крету (изворно романско име: Михај Крецу, Mihai Crețu), Енигма. Сандра и Михаел се развеле во ноември 2007 година, поради „лични и професионални разлики“.

Други членови во нејзиниот тим се: Хуберт Кемлер - пејач и текстописец, познат и како Хуберт Ка, Маркус Лер, Клаус Хиршбургер, Арманд Фолкер, Франк Петерсон, Анди Јонас - пејач, како и Јенс Гад - текстописец и копродуцент.

Младост и почетоци Сандра Ан Лауер е родена на 18 мај 1962 година во германскиот град Сарбрикен, во близина на француската граница. Таткото на Сандра, Роберт Лауер бил Французин, а нејзината мајка, Карин Лауер, била Германка. Сандра имала постар брат, Гастон кој починал во 1995 година, (бил параплегичар). Нејзиниот татко поседувал продавница за вино во Сарбрикен, а нејзината мајка работела во продавница за чевли. Сандра покажала интерес за музика и играње уште на најрана возраст. Таа почнала да учи класичен балет кога имала 5 години и продолжила во наредните 10 години. На 10 годишна возраст, таа добила гитара и почнала да зема часови од нејзината учителка која живеела на истата улица.

Во 1975 на 13 години, Сандра го посетила натпреварот во Сарбрикен, наречен „Фестивал на млади ѕвезди“, каде што се откривале млади таленти за музичката индустрија. Таа всушност не била натпреварувачка, таа била во публиката. Кога сите номинирани завршиле со нивните претставувања и кога жирито дискутирало за резултатите, таа ѝ кажала на нејзината мајка дека сака да оди во тоалет, се пресоблекла, се качила на сцената, му дала на ди-џејот да ја пушти германската верзија на една песна од Оливија Њутн Џон, го грабнала микрофонот и почнала да пее. Таа го издава синглот „Енди, мојот пријател“ (Andy mein Freund), песна за кучето миленик. Синглот имал сосема мал успех на топ листите и таа се повлекла од музичката сцена на неколку години.

Арабеска „Арабеска“ била диско група составена од Михаела Роуз и Џасмин Ветер. Сандра ѝ се придружила на групата и тие го снимиле нивниот втор албум со Сандра како водечки вокал во Europasound Studios во Офенбах, во близина на Франкфурт. Студиото било сопственост на познатиот продуцент Франк Фаријан, создавачот на Бони М, и подоцна на Мили Ванили. Еден од музичарите бил клавијатуристот Михаел Крету. Сандра и Михаел дознале дека делат ист роденден, со пет години разлика, и станале добри пријатели.

Со групата Арабеска, почнува нов период во животот на Сандра. За првпат, таа е далеку од своето семејство, појавувајќи се на сцени и на ТВ во странски држави, давајќи интервјуа и пеејќи на концерти. Арабеска станува успешна група, а Сандра до нејзиниот шеснаесетти роденден станува ѕвезда.

Арабеска била посебно популарна во Јапонија, а нивните скандалозни, понекогаш смели костуми, играта и веселата музика потсетувале на АББА и на Бони М. Имале голем успех и во неколку други држави и го освоиле 10-то место на топ листата во Германија со „Marigot Bay“ во 1981. По девет студиски албуми, разликите во музичкиот интерес и крајот на популарноста на диското, го сигнализира крајот на групата.

Влијание на Михаел Крету Сандра и Михаел, сега во романтична врска, се селат во Минхен, каде што Михаел наскоро купува свое студио, наречено „Data-Alpha“ (Data-Alpha), според песна од неговиот соло албум "Legionäre". Нивниот прв заеднички сингл во 1984 бил „Japan ist weit“ верзија на песната „Big in Japan“ од групата Alphaville, пригоден начин да ја зголеми популарноста на Сандра. За жал песната не успева да постигне успех на топ листите.

Но со нејзиниот тим, сега познати едноставно како Сандра, таа била упорна и на крај станала успешна.

Албуми The Long Play (1985) Нејзиниот прв албум, The Long Play (1985), стигнува на топ 20 во Германија, додека синглот „Maria Magdalena“ стигнува на топ листите во 21 држава во светот, а на прво место во пет држави. Песната била наменета за континенталниот европски пазар, па затоа не бил снимен спот (во Европа, личното појавување се сметало за најефикасен метод за промоција сè до раните '90-ти години).

И покрај тоа што „Maria Magdalena“ веќе била број еден на топ листите во некои европски држави, ѝ требало повеќе време за да го направи истото и во Германија каде што остана 16 недели на германскиот топ 20.

Следниот сингл се викал „In the Heat of the Night“. Во нејзиниот прв вистински музички спот, Сандра се покажува во зачадена сауна полна со полусоблечени развиени мажи. Иако песната пак стигнува до првото место на листите во Швајцарија, Либан и Израел, таа останува број два во Германија неколку недели, неуспевајќи да ја премине песната „Nikita“ од Елтон Џон (Elton John). Сепак, песната ѝ носи на Сандра второ место на музичкиот фестивал во Токио во 1986.

„Little Girl“ бил третиот сингл со видео спот снимен во Венеција.

Кратко по издавањето на „The Long Play“, Сандра се сели во Лондон на шест месеци. Хелена Шелен (Helena Shelen), терапевт за пејачи која работела со Џорџ Мајкл (George Michael) и Пол Јанг (Paul Young), ја зема под нејзино крило. Таа се приклучува на лондонското училиште за јазици Берлиц, каде што ги подобрува знаењата за англиски јазик и зема драмски лекции за да добие подобро чувство за ритам и време. Преку викендите, таа се враќала во Минхен за да работи на нејзиниот нов албум.

Mirrors (1986) Вториот студиски албум на Сандра, „Mirrors“ (октомври 1986) го одразува континуинарното музичко создавање на Михаел Крету. На овој албум, тој користи повеќе од талентите за пишување и пеење на Хуберт Кемлер (кој веќе бил популарен пејач во Германија, познат како Хуберт Ках). „(Don't Cry) The Breakup of the World“ била прва песна на албумот, напишана како реакција на катастрофата во Чернобил во 1986.

„Innocent Love“ (напишана од Милер (Müller), Хуберт Кемлер, Урлих Хертер (Ulrich Herter) и Клаус Хиршбругер) бил прв од четирите успешни синглови од албумот, влегувајќи на германскиот топ 20 како број 11. Сандра ќе продолжи со успешни хитови.

Ten on One (1987) Две години по нејзиниот деби албум, во 1987, Сандра ја издава компилацијата со најголеми хитови „Ten on One“. Придружена со видео колекцијата на албумот, им дава на нејзините обожаватели можност да го видат нејзиниот приватен живот и какви ѝ се секојдневните активности. Нејзината верзија на „Everlasting Love“, омилената песна од нејзиното детство, стигнува на место број пет на европските листи. Музичкиот спот ја покажува Сандра и во машки модел во сцени како љубовници од разни временски епохи, како Адам и Ева, Бони и Клајд, Клеопатра и Марко Антониј, и како двојка од колоритните панк '80.

Британскиот тим, Сток Аткен Вотермен (Stock Aitken Waterman), ќе проба да заработи на успехот на „Everlasting Love“ со издавање на ремикс на песната во 1988 за британскиот пазар. Песната пропаѓа без да забележи некој позначаен успех на британските листи, но добро се котирала во Шведска, Филипините и Јужна Африка. Вториот сингл од албумот „Stop for a Minute“ бил напишан специјално за германската телевизиска крими серија „Tatort“. Таа ја пее песната во еден клуб во една од епизодите. Музичкиот спот е контроверзен бидејќи вклучува сцена на силување.

Во ова време Сандра веќе била позната како европска кралица на поп-музиката и ѝ конкурирала на Мадона во популарност и во топ 10 хитови.

На 7 јануари, 1988, Сандра се мажи за Михаел Крету и се селат од Минхен на шпанскиот остров Ибица.

Into a Secret Land (1988) Во 1988 Сандра го снима албумот „Into a Secret Land“, движејќи се од електро-поп кон помистериозен звук. Ова придонесува албумот да постигне голем успех и да донесе четири хит-синглови.

Првиот сингл бил „Heaven Can Wait“, придружен со видео спот којшто ја прикажува Сандра како игра и пее на брегот на Ибица во Средоземјето. Песната „Secret Land“ влегува на германската листа како број 12, а број еден во Либан и Израел.

Со правата на животните и зачувување на природата кои биле високо во нејзиниот распоред, таа зема учество во проектот „Уметници обединети за природата“ (Artists United for Nature) во 1989. Во песната „Yes We Can“ учествуваат, покрај другите, Брајан Меј (Brian May), Харолд Фалтермејер (Harold Faltermeyer) и Чака Кан (Chaka Khan).

Сандра ги завршува '80-те како една од најпопуларните пејачки во Европа, и со распродадени концерти во Москва.

Paintings in Yellow (1990) Албумот на Сандра, „Paintings in Yellow“ (1990) ѝ дава уште топ 10 хитови со изненадувачката насловна песна „Hiroshima“ од групата „Wishful Thinking“. Елементи од оваа песна го навестуваат проектот „Енигма“, којшто е повеќе препознатлив во песната „The Journey“. Франк Петерсон (Frank Peterson), кој бил долго време член на групата, зема улога на писател и продуцент на некои песни заедно со Михаел. Франк исто така бил ко-продуцент како „Ф.Грегоријан“ (F. Gregorian) на проектот „Енигма“.

Во 1991, песната „Sadeness“ станува голем хит во многу држави низ светот. Во почетокот никој не знаел кој се крие зад „Енигма“, но обожавателите на Сандра веднаш го идентификувале нејзиниот глас. Сандра го изведува вториот сингл од албумот „(Life May Be) A Big Insanity“ на „Светските музички награди“ во Монте Карло, каде што таа ја добива наградата за најдобра германска изведувачка на крајот на 1990.

Заради големиот успех на „Енигма“, и повеќе од две години пауза по „Paintings in Yellow“, се појавува празнина во кариерата на Сандра, којашто конечно била затворена со албумот „Close to Seven“.

Close to Seven (1992) „Close to Seven“ (1992) продолжува со создавање на повеќе медитативен, а помалку играчко-ориентиран музички стил. Сандра сакала да се ослободи од нејзиниот имиџ на тинејџерка и да се претстави пред позрелата публика. Ова бил нејзиниот прв албум продуциран скоро целосно од Михаел Крету. Машкиот вокал бил Енди Џонас (Andy Jonas), германски пејач, кој го одбрал уметничкото име Енди „Ејнџл“ Харт (Andy "Angel" Hart). Иако првиот сингл „Don't Be Aggressive“ влегува во европскиот топ 20, сингловите не успеваат да постигнат некој успех. Музичкиот спот за „Don't Be Aggressive“ бил продуциран од Хауард Гринхалг (Howard Greenhalgh).

Вториот сингл, „I Need Love“, за Сандра бил прв сингл, по „Japan ist weit“, кој пропаѓа. Без разлика на сѐ, Сандра и Михаел се признаени како наjуспешен брачен пар и биле наградени со „Златната европска награда“ во 1992.

18 Greatest Hits (1992) Компилацијата „18 Greatest Hits“ од 1992 го маркира крајот на успешната соло кариера на Сандра. Таа снима нова верзија на „Johnny Wanna Live“, од албумот „Paintings in Yellow“. Песната, што дел ја напишал Франк Петерсон, и подоцна обновена од неговата сопруга Сара Брајтмен (Sarah Brightman), била химна против злосторствата кон животните.

Музичкиот спот уште еднаш е продуциран од Хауард Гринхалг и покажува шокирачки сцени на злосторства кон животните. Во 1993 таа издава нова техно верзија на „Maria Magdalena“ со футуристички видео спот, но не постигнува успех.

Fading Shades (1995) Во 1995, додека била бремена со близнаци, Сандра го снима и издава албумот „Fading Shades“. На албумот се појавува нов писател и продуцент, Јенс Гад (Jens Gad), кој работи заедно со Михаел. На албумот е претставена моќната насловна верзија на „Nights in White Satin“ од „The Moody Blues“. Песната станува број еден во Израел и влегува во топ 20 во Финска. Музичкиот спот само го покажува одблиску лицето на Сандра, бидејќи таа веќе била во поодмината бременост. Таа морала да седи во текот на снимањето на албумот. Повторно Енди "Ејнџл" Харт ќе ги сними машките вокали во „Fading Shades“. Вториот сингл „Won’t Run Away“ бил прв по долго време без видео спот, но не бил на топ листа.