Зграда на Радио Охрид — стара куќа во градот Охрид, прогласена за културно наследство на Македонија. Позната е како објектот во кој работело Радио Охрид од 1980, па сè до неговото затворање во 2016 г.
Архитектура Градбата е сместена на чаршиската улица „Свети Климент Охридски“ бр. 4, близу плоштадот „Крушевска Република“ со Стариот чинар. Изградена е на почетокот на XX век од непознати мајстори во неокласичен стил. Се состои од приземје, кат и мансарда. Прозорците се поделени на полиња. Во средината на централната источна фасада, на катот има крактеристичен балкон со парапет од ковано железо, потпрен на конструктивни и украсни вути направени од истиот материјал. По целата висина на приземјето има пиластри, на катот има украси околу прозорците и над балконските врати, кои се централно поставени. На аглите на катот има скромни пиластри без капители. Над приземјето и катот на источната фасада има украсни профилирани хоризонтални венци, додека пак на јужната нема венец над приземјето. На мансардата има баџи со скромно украсени триаголни тимпанони.
Изградена е масивно со носечки ѕидови од полна тула, а меѓукатната и покривната конструкција се дрвени. Првобитно на приземјето имало дуќани, а катот и мансардата биле станбени. Од запад има посебен влез за станбениот дел.
Есента 2015 г. со средства на Министерството за култура фасадата на е целосно реставрирана и конзервирана. Во јули 2016 г. Радио Охрид престанало да работи.
Поврзано Културно наследство на Македонија во Општина Охрид
Наводи
Радио Охрид Радио Охрид