мини|230п|Моделот на понудата и побарувачката покажува како цените се променуваат како резултат на рамнотежа помеѓу достапноста на производот (понуда) и волјата на оние со куповна моќ на различни цени (побарувачка). Графиконот покажува поместување на побарувачката вдесно од Пб1 до Пб2 заедно со последично зголемување на цената и количината која се побарува, односно воспоставување на нов пазарна рамнотежа. Понуда и побарувачка — економски поими кои ги опишуваат пазарните врски меѓу продавачите и купувачите на добро или услуга. Моделот на понудата и побарувачката ја одредува количината и цената продадена на пазарот. Овој модел е фундаментален микроекономски модел и служи како основа за други економски модели и теории. Моделот предвидува, дека во конкурентен пазар цената ќе работи на изедначување на побаруваната количина од страна на купувачите со понудената од страна на производителите, резултирајќи со пазарна рамнотежа на количината и цената. Цената по која се еднакви понудата и побарувачката на некој производ се вика рамнотежна цена, додека количеството што се купува и продава по таа цена се вика рамнотежно количество.Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 26. Моделот покрај цената ги вклучува и другите фактори кои влијаат на воспоставувањето на пазарната рамнотежа, опишувајќи го нивното влијание како поместувања на понудата и побарувачката.

Историја

Фразата „понуда и побарувачка“ првпат се среќава во делото „Иследување на принципите на политичката економија“ од Џејмс Стујарт објавено во 1767 година. Адам Смит ја користел истата фраза во своето дело „Истражување на природата и причините за богатството на народите“ (познато и по скратениот наслов Богатството на народите) од 1776 година. Дејвид Рикардо во неговото дело од 1817 година, Принципи на политичката економија и оданочувањето, една глава насловил „За влијанието на понудата и побарувачката на цената“. Централна банка на Ричмонд.

Во „Богатството на народите“, Смит претпоставува дека цената на понудените стоки е фиксна, но нејзината значајност (вредност) би се намалила доколку се зголеми реткоста, всушност го втемелува она што подоцна ќе се вика закон на побарувачката. Дејвид Рикардо, во „Принципи на политичката економија и оданочувањето“, поригорозно ги поставува претпоставките кои подоцна станале темел на неговите идеи за понудата и побарувачката. Антоан Огистен Курно прв го развил математичкиот модел на понудата и побарувачката, во делото „Истражување на математичките принципи за теоријата на богатството“ од 1838 година.

Во 19 век се појавува маргиналистичката школа на економската мисла. Поважни основоположници на оваа школа се: Стенли Џевонс, Карл Менгер и Леон Валрас. Клучната теорија на маргиналистите е дека цената е одредена од „најскапата цена“, односно од последната маргинална цена. Ова претставува значајна промена во однос на теоријата на Адам Смит за одредување на фиксните понудени цени.

Флеминг Џенкин, во неговиот есеј од 1870 година, „Графичко претставување на понудата и побарувачката“, за првпат графички го претставил односот меѓу понудата и побарувачката, кој со време преку Алфред Маршал станал најпопуларниот графикон во економијата.

Моделот бил доразвиен и популаризиран од Алфред Маршал во неговото дело од 1890 година, „Принципи на политичката економија“. Заедно со Леон Валрас, Маршал го одредил рамнотежното ниво во пресекот на двете криви. Тие исто така ги испитуваат последиците кои ги предизвикуваат пазарите еден врз друг.

Пазарна рамнотежа мини|220п|right|Пресекот на кривите на понудата (Пн) и побарувачка (Пб) ги одредуваат пазарната цена (Ц0) и количина (К0). Моделот на понуда и побарувачка е замислен да функционира точно во услови на совршена конкуренција, каде што влијанието на ниту еден учесник на пазарот не може значајно да ја промени цената или количината на пазарот. Друга претпоставка на моделот е дека цените им се познати на сите учесници на пазарот. Понудената количина од производителите како и побаруваната количина од потрошувачите зависи од пазарната цена на производот.

Законот на понудата гласи дека понудената количина е во врска со цената, односно во правопропорционална врска: повисока цена - поголема понуда, и обратно: пониска цена - помала понуда.

Законот на побарувачката е обратен, односно обратнопропорционален: повисока цена - помала побарувачка, или пониска цена - поголема побарувачка. Законите важат под претпоставка дека е исполнет принципот ceteris paribus („при други непроменети фактори“), односно промената е само во цената. Овие закони претставени графички ги отсликуваат кривата на побарувачката и кривата на понудата или претставени на ист графикон, односот меѓу понудата и побарувачката.

Моделот на понуда и побарувачка (или законот на понуда и побарувачка) вели дека пазарот тежнее кон еквилибриум, односно рамнотежа на цената и количината во точката на пресекот на кривите на побарувачката и понудата. Во таа точка се понудува онолку количина колку и што се побарува (прикажано на графиконот). Ако цената е под рамнотежното ниво, тогаш потрошувачите побаруваат повеќе добра отколку што производителите се подготвени да произведат. Со тоа се дефинира недостиг на доброто. Недостигот ги стимулира производителите да ја подигнат цената сè додека не се постигне рамнотежата. Ако цената е над рамнотежното ниво, постои вишок на доброто. Производителите се мотивирани да ја намалуваат цената сè додека не се ослободат од вишокот, односно не се постигне рамнотежа.

Пресметката на пазарната рамнотежа (рамнотежната цена и рамнотежното количество) може да се претстави преку следниов пример:Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 27-28. Да претпоставиме дека функцијата на побарувачката е претставена на следниов начин: Qd = 286 - 20p, додека функцијата на понудата е претставена како: Qs = 88 + 40p. Со изедначување на двете страни се добива: Qd = Qs, односно: 286 - 20p = 88 + 40p. Оттука, се добива: 60p = 198, односно, p = 198 / 60 = 3,30. Ако рамнотежната цена од 3,30 ја ставиме во функцијата на понудата или во функцијата на побарувачката се добива рамнотежното количество. На пример, Qs = 88 + 40 x 3,30 = 220.

Најчесто, пазарната рамнотежа се остварува спонтано, стихијно, односно без никаква соработка меѓу продавачите и купувачите. Тоа се случува така што, ако пазарната цена не е рамнотежна, тогаш на пазарот ќе дојде до вишок на понуда или побарувачка, односно до кусок на понуда или побарувачка, а како последица на тоа, купувачите или продавачите ќе го променат своето однесување и тоа ќе ја доведе цената до рамнотежното ниво. Оттука, рамнотежната цена се нарекува и како цена која го чисти пазарот, зашто таа обезбедува еднаквост на понудата и на побарувачката, т.е. при рамнотежната цена нема ниту кусок ниту вишок на понуда или побарувачка. Пазарната рамнотежа се одржува сè додека некој фактор не ја помести кривата на понудата или кривата на побарувачката.Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 28-29.

Распоред на понудата Распоредот на понудата, прикажан преку кривата на понудата, е врската која постои помеѓу пазарната цена и количината на произведените добра. На краток рок, кога некои фактори се фиксни, позитивниот наклон го отсликува законот за опаѓачки приноси, кој гласи: со додавање на еден вид дополнителни влезни единици во производството (влез), ceteris paribus (при други непроменети услови), ќе имаме сè помалку излезни единици, односно производи (извод или аутпут). На долг рок, кога нема фиксни влезни единици (инпути), позитивно наклонетата крива отсликува економии од обем. мини|десно|250п|Кривата на понуда на трудот покажува како зголемувањето на платите ја зголемува понудата на работна сила до одредена точка (Т2), над таа точка зголемувањето на платите резултира во намалување на понудата на работна сила. За дадена фирма во услови на совршена конкуренција, профитот се максимизира со изедначување на маргиналниот трошок со цената, односно, на фирмата и се исплати да го зголемува производството сè додека маргиналниот трошок не се изедначи со цената.

Понекогаш, кривите на понудата (Supply curve) не се само правопропорционални. (на пр. кривата на понуда на труд, изразена во работни часови). Како што се зголемува платата на работникот, тој има желба да работи повеќе поради тоа што со работата ја зголемува маргиналната корисност од работењето, и опортунитетниот трошок од неработењето. Но кога платата ќе достигне екстремно високо ниво, работникот ќе го почувствува законот за опаѓачка маргинална корисност. Големата сума на пари која ја заработува, ги прави дополнителните пари од прекувремената работа незначајни, оттаму е демотивиран и понатаму да го зголемува своето работно време. Ако се зголемат цените на целиот сектор, тогаш понудата сепак ќе се зголеми поради преквалификацијата на работниците од пониско платените сектори. Зголемениот број на работници ќе компензира за фактот што секој произведува помалку. Обликот на кривата на понуда на трудот може да се забележи и при другите пазарни услови.

Невообичаена е и кривата на понуда на добрата и услугите од јавен интерес. Голем дел од трошоците за овие добра и услуги се фиксни, па оттаму понудата е константна (хоризонтална линија).

Распоред на побарувачката Распоредот на побарувачка, опишан графички како крива на побарувачката ја претставува променливата количина на добра и услуги што купувачите можат и сакаат да ја купат по различни цени, при ceteris paribus (други непроменети фактори). Скоро секогаш кривата на побарувачката е негативно наклонета крива, што значи дека со намалување на цената, потрошувачите ќе купуваат повеќе добра.

Како што кривата на понуда е отсликана од кривата на маргиналниот трошок, така и кривата на побарувачка е отсликана од кривата на маргиналната корисност.

Главни детерминанти на поединечната побарувачка се: цената на доброто, доходот, вкусовите на потрошувачите, населението (бројот на жители), владините политики, цената на супститутите и цената на комплементарите.

Формата на агрегатната побарувачка може да биде конвексна или конкавна, најверојатно во зависност од распоредот на доходот.

Кривата на побарувачката (Demand curve) не секогаш е негативно наклонета. Има ретки исклучоци каде што кривата на побарувачка е позитивно наклонета. Постојат два различни вида на добра со позитивно наклонета побарувачка: Гифинови добра (инфериорни добра, но основни во исхраната) и Вебленови добра (добра кои високата цена ги прави модерни и привлечни за купувачите).

Пазарни промени Практичната употреба на моделот на понудата и побарувачката се фокусира на промената на пазарниот еквилибриум на цената и количината, отсликан преку разните поместувања на кривата на понуда и кривата на побарувачка. Компаративната статика на таквите поместувања укажува на ефектите од почетното рамнотежно ниво до воспоставувањето на новото рамнотежно ниво.

Поместувања на страна на побарувачката