Црвен кантарион (науч.: Centaurium erythraea) — име на родот Скриеносеменици од фамилијата Lincura, како и на најпознатиот и најраспространет вид на Балканот.

Опис Едногодишно или двегодишно зеленасто растение со розови цветови собрани на врвот на стеблото во штитно соцветие.

Нејзиното стебло е мазно, квадратно, високо до 40 см. Цвета од јуни до август. Цветовите обично се во нијанси од светло до темноцрвена. Може да се најде во шумски ливади или ридови, како и на песочни места.

Употреба Црвен кантарион е растение со широк спектар на лековити дејства. Содржи еритроцентаурин, есенцијално масло, шеќер, восок и друго. Неговото најпознато дејство е како амаро ароматичен (горчлив лек) за поттикнување апетит, лачење на гастрични и цревни сокови. Сличен е, иако помалку ефикасен од линцура. Заедно со питом пелин се користи за намалување на нивото на шеќер во крвта кај постарите лица, потоа при анемија, жолтица, крварење при тешки воспаленија со плакнење. Покрај чај, ова растение може да се користи и во форма на тинктури и лековити вина.

Во Македонија Расте по суви тревести места, брдски пасишта, камењари, покрај патишта, во ливади, во проретчени дабови и букови шуми, на варовничка, силикатна и серпентинска геолошка подлога, и на надморска височина од 60 до 1350 метри.Владо Матевски: Флора на Република Македонија, том II, св. 1, стр. 27-28 издавач: МАНУ, Скопје, 2010

Во флористичката литература за Македонија се среќаваат поголем број податоци (Centaurium erythraea sub Erythraea centaurium, Centaurium umbellatum) за разни локалитети, кои најверојатно се однесуваат на типичниот подвид. Во Македонија виреат подвидовите: Centaurium erythraea subsp. erythraea, Centaurium erythraea subsp. rumelicum, Centaurium erythraea subsp. turcicum кои главно ги има на многу места: Битола, Пелистер, Прилеп, Галичица, Беласица, Крива Паланка, Миравци, Дојран, Богданци, Бигла, Алшар, Скопска Црна Гора, Кавадарци, Кораб, Скопје, Дебар и други места.

Наводи

Надворешни врски Фото галерија, 2024

Категорија:Линцуровидни Категорија:Лековити растенија Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј