Кафеава детелина () — повеќегодишен вид на детелина од семејството на бобови. Се среќава во поголемиот дел од континентална Европа, Кавказ, Турција, Ирак и Иран. Тоа е локално важна фуражна култура во субалпските пасишта.
Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение, високо 10–25 см. Стеблото е исправено или приподигнато, најчесто неразгрането, во долниот дел покриено со ретки, а во горниот дел со погусти прилегнати влакна насочени нагоре. Базалните листови имаат дршки до двапати подолги од листната плочка, кај горните листови дршките се покуси, а најгорните листови се речиси приседнати и спротивно поставени. Долните листови се обратнојајцевидни, приближно една и пол до двапати подолги отколку широки, со тап или плитко всечен врв. Горните листови се долгнавесто-обратнојајцевидни до елиптични или копјести, со клиновидна основа, заоблен или плитко всечен врв и заострени запци по работ. Листовите се голи или со ретки прилегнати влакна по работ и по средната жила на долната страна. Прилисниците се голи, копјести и завршуваат со долг заострен врв.
Соцветијата се топчести или издолжени, широкојајцевидни, со пречник од 12–20 мм и составени од 20–50 цветови. Се развиваат поединечно, поретко по две, на врвот на стеблото или во пазувите на најгорните листови. Дршката на соцветието е исправена и долга 5–6 см, а цветовите имаат многу куси дршки.
Чашката е долга околу 4 мм, гола, белузлава и има пет жили. Нејзиниот трубест дел е долг околу 1 мм. Запците се зелени, линејно-шиловидни и по работ покриени со ретки долги влакна. Венчето е долго 5–8 мм, златножолто и по прецветувањето станува кафеаво. Барјачето е два до три пати подолго од лаѓичката и по површината има јасно изразени надолжни бразди. Плодот е мешунка која е два до три пати подолга од столпчето.
Подвидови Прифатени се следниве подвидови:
Trifolium badium subsp. badium – цел опсег, освен Турција Trifolium badium subsp. rytidosemium – Турција, Ирак
Распространетост во Македонија Кафеавата детелина расте на високопланински пасишта и камењари од 1500 до 2700 метри надморска височина, се среќава на планините Шар Планина, Кораб, Јабланица и Горна Радика.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Статии со микроформати за вид Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија Категорија:Фуражни култури Категорија:Флора на Иран Категорија:Флора на Ирак Категорија:Флора на Турција Категорија:Флора на Украина Категорија:Флора на Франција Категорија:Флора на Шпанија