Јагодестата детелина () — тревест повеќегодишен вид на детелина од фамилијата на бобови опишан од Карл Линеј. Пронајден е во Европа, Азија и делови од Африка. Присутен е на други места, како што се делови од Северна Америка, како доведен вид. Се одгледува и како покривна култура и за сено и силажа, како зелено ѓубриво и како медоносно растение.
Опис Јагодестата детелина е повеќегодишно тревесто растение, високо 5–30 см, голо или со ретки разгранети влакна. Стебленцата се исправени или полегнати, најчесто неразгранети или разгранети уште од основата, а понекогаш се разгрануваат и од јазлите. Листовите имаат многу долги дршки, особено кај базалните листови. Листовите се јајцевидни или обратнојајцевидно-елиптични, долги 5–20 мм, со јајцевидна до речиси кружеста форма, тапо заострен врв и ситно назабен раб. Прилисниците се белузлави, копјести и со долг заострен врв, а кај некои гранчиња поради кусите интернодиуми делумно се преклопуваат.
Соцветијата се речиси топчести или долгнавести, со пречник од 7–14 мм, најчесто поединечни и се развиваат во пазувите на листовите. Дршката на соцветието може да достигне должина до 20 см. Прицветниците обично се долги 3–4 мм, бели, а најдолните прицветници постепено се издолжуваат и формираат една раширена обвивка околу основата на соцветието. Цветовите имаат многу куси цветни дршки, долги околу 0,5 мм.
Чашката е долга 3,5–5 мм, ѕвонеста и има десет жили, поретко повеќе. Таа е гола, а по прецветувањето горната половина се раширува и формира топчесто подуена чашка. Запците се тесно триаголесто-шиловидни, при што двата горни имаат широка триаголна основа и се околу 1 мм подолги од трите долни запци. Венчето е розово, долго 5–7 мм и три до четири пати подолго од трубестиот дел на чашката. Плодот е кружеста, кожеста мешунка со едно семе, сместена во топчесто подуената чашка.
Варијабилност
Trifolium fragiferum subsp. fragiferum — чашката е долга 4 до 4.5 мм. Подуената чашка кај плодовите е 8 до 10 мм долга. Од подуената чашка венчето се појавува најмногу 1 мм. Trifolium fragiferum subsp. bonannii — чашката е долга 3.5 до 4 мм. Подуената чашка е долга 10 до 12 мм. Од подуената чашка венчето се појавува на околу 2 мм.
Распространетост во Македонија Јагодестата детелина расте по влажни места, по брдски пасишта и покрај грмушести растенија до надморска височина од 1600 метри. Од нејзините две варијабли, subsp. fragiferum не се среќава во Македонија, но subsp. bonannii се среќава во Гази Баба во Скопје, Женденската Клисура, Таорската Клисура, клисурата на реката Пчиња, клисурата на реката Тополка, селото Дреново во Кавадарци, селото Галичник на планината Бистра, покрај поранешното Струшко Блато во Струга, железничката станица Овче Поле, помеѓу селата Амзабегово и Ерџелија во Свети Николе, Плачковица, Кочани и кај селото Истибања во Виница, селото Нов Истевеник во Делчево, Македонска Каменица и селото Банско во Струмица.
Употреба Јагодестата детелина се одгледува како покривна култура, за сено и силажа, како зелено ѓубриво и како медоносно растение.FAO Crop ProfileSustainable Agriculture Research and Education Program . University of California. Добро е за покривање на поплавени површини или области со соленост на почвата. Во некои области е познат како плевел.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Џепсонов прирачник Вашингтошки музеј Бурк Фотографска галерија
Категорија:Статии со микроформати за вид Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Сточна храна Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија Категорија:Медоносни растенија Категорија:Фуражни култури Категорија:Приземни растенија Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа