Давид Рикардо (анг. David Ricardo; Лондон, — Лондон, ) — англиски економист, главен претставник на англиската класична школа.

Творештво Во 1809 г. го објавил памфлетот „Цената на златото“. Неговото најпознато дело е „Принципи на политичката економија“.

Значење и влијание Творештвото на Рикардо извршило големо влијание врз Карл Маркс кој ја позајмил Рикардовата трудова теорија на вредноста како основа за неговото социо-политичко учење. Всушност, Фридрих Енгелс тврди дека сите правци на целиот современ (тогашен) социјализам се надоврзуваат, речиси без исклучок, на Рикардовата теорија на вредноста.Фридрих Енгелс, „Предговор“, во: Карл Маркс, Беда филозофије (Одговор на Филозофију беде г. Прудона). Култура, Београд, 1946, стр. 10.

Маркс имал пофални зборови за теоријата на Рикардо за определувањето на вредноста од работното време потрошено во производството, истакнувајќи дека неговото големо историско значење за науката се состои во тоа што неговото учење научно ја објаснува „основата врз која почива внатрешната поврзаност, стварната физиологија на граѓанското општество...“, како и тоа дека „Рикардо ја открил и ја искажал економската спротивност на класите... така што во економијата се открива и се зафаќа во коренот историската борба и процесот на развој.“„Регистар имена“, во: Карл Маркс, Беда филозофије (Одговор на Филозофију беде г. Прудона). Култура, Београд, 1946, стр. 189.

Од друга страна, Маркс го вклучува Рикардо во економистите-фаталисти кои во својата теорија се рамнодушни кон недостатоците на буржоаскиот начин на производството и кои ја застапуваат буржоазијата и кои се трудат да им дадат потстрек на индустријата и на трговијата. Според Маркс, единствената мисија на економистите-фаталисти е односите на буржоаското производство да ги формулираат во категории и закони и да докажат дека тие закони и категории се многу подобри од законите и категориите на феудалното општество при што пролетеријатот трпи само привремени страдања.Карл Маркс, Беда филозофије (Одговор на Филозофију беде г. Прудона). Култура, Београд, 1946, стр. 112.

Според Џон Мејнард Кејнс, класичната економија го достигнала својто врв во творештвото на Рикардо. Според него, Рикардо целосно ја освоил Англија исто како што Светата инквизиција ја освоила Шпанија, зашто неговата теорија била прифатена од финансиските кругови, од бизнисмените и од академскиот свет. Кејнс смета дека целосната победа на Рикардовата теорија претставува нешто што е неверојатно и таинствено, а тоа се случило како последица на неколку фактори: нејзините заклучоци се спротивни на оние што би ги очекувале луѓето кои не се експерти, а тоа ѝ обезбедило интелектуален престиж; нејзиното предавање и примената во практиката било тешко, што ѝ дало углед; нејзиното приспособување ѝ обезбедило доследна логичка надградба, што ѝ дало убавина; таа ја објаснува општествената неправда и суровост како неизбежни последици на напредокот, а тоа ѝ обезбедило авторитет; таа понудила оправдување на слободните активности на поединечните капиталисти, што ја направила привлечна за владеачките општествени сили. Притоа, Кејнс го критикува Рикардо поради неговото занемарување на агрегатната побарувачка.John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Ware, Hertfordshire, UK: Wordsworth Editions, 2017, стр. 32-33.

Наводи

Категорија:Англиски економисти Категорија:Луѓе од Лондон Категорија:Родени во 1772 година Категорија:Починати во 1823 година