мини Ернест Теодор Амадеус Хофман ( - ) — германски писател, композитор, цртач, судија и професор по музика. Во своите фантастични раскази, тој го сликал животот на соништата, хипнозата, телепатијата и стравот. Неговите дела влијаеле врз многу писатели, како што се: Балзак, Едгар Алан По, Франц Кафка и други.

Животопис Хофман е роден во Кенингсберг, во Источна Прусија, како син на судски службеник. Неговите родители се развеле, кога тој бил на возраст од само три години.Branimir Živojinović, „Hofman - novelista na prekretnici“, во: E. T. A. Hofman, Gospođica Skideri - Majorat. Beograd: Rad, 1963, стр. 151. На крштевката, Хофман ги добил имињата Ернст Теодор Вилхелм, но подоцна, како голем љубител на музиката, тој самиот го заменил името Вилхелм со Амадеус во знак на почит кон Волфганг Амадеус Моцарт. По завршените студии по право, Хофман работел како судски службеник во Полска (Познањ, Плоцк и Варшава), во областите што тогаш биле под власт на Прусија. Растргнат меѓу службеничката и уметничката кариера, Хофман водел двоен живот: дење, водел обичен, прозаичен, па дури и малограѓански живот како совесен и вреден службеник и татко на семејството; ноќе, во кафеаните каде што се собирале уметниците, со своето луле и со чаша вино, тој водел бесконечни дискусии за уметноста.Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 178. По победата на Наполеон над Прусите, во 1807 година, Хофман бил отпуштен од службата, а од 1806 до 1813 година живеел како наставник по музика, како музички директор на театар и како капелник во Бамберг, во Дрезден и во Лајпциг. По поразот на Наполеон, тој повторно се вратил во државната служба и од 1814 година па до смртта живеел во Берлин, каде работел како правен советник.

Книжевно творештво Хофман почнал да пишува книжевни дела дури на возраст од 32 години. Неговиот прв расказ, „Благородникот Глук“ (напишан во 1808, а објавен во 1809 година), не само што има тема од областа на музиката, туку бил објавен во едно музичко списание. Со овој расказ, Хофман се појавил како основач на фантастичниот расказ како книжевен поджанр. Всушност, преку внесување на реалноста во натприродното, тој го одделил фантастичниот расказ од авторската сказна којашто веќе била омилен жанр во германскиот романтизам. По успехот на ова дело, Хофман ја напуштил музиката и се префрлил во книжевноста создавајќи голем број куси и долги раскази во следните 12 години. Негов издавач станал трговецот со вино Карл Фридрих Кунц, кој често му плаќал со бочви вино наместо со пари. Првата книга раскази на Хофман е „Фантазии во стилот на Кало“, инспирирана од делата на францускиот графичар Жак Кало. Потоа, тој ја објавил збирката „Ноќни случки“, а по неа „Серапионови браќа“ во која шестмина луѓе се собираат и раскажуваат приказни. Покрај раскази, Хофман објавил и неколку романи, од кои најуспешен е „Ѓаволските еликсири“, напишан под влијание на англискиот „готски“ роман. Други поважни негови романи се „Мачорот Мур“ и „Принцезата Брамбила“ со поднаслов „Капричо во стилот на Кало“.Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 179-183. Од сите претставници на германскиот романтизам, Хофман извршил најголемо влијание врз развојот на книжевноста во Европа во 19 век. Неговото влијание особено било големо во Франција, каде неговите дела била повеќе читани и ценети отколку во Германија, но исто така, тој бил многу влијателен и во Русија и во Скандинавија. Уште повеќе, тој ја определил идната насока во развојот на фантастичниот расказ.Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 187-188.

Расказите на Хофман Денес, Хофман е најпознат по своите фантастични раскази. Уште со својот прв расказ „Благородникот Глук“, тој се јавил како основач на фантастичниот расказ. Дејството на расказот се одвива во Берлин, во почетокот на 19 век. Во таа потполно реална средина се случува нешто невозможно - се појавува германскиот композитор Христоф Вилибалд Глук кој починал во 1787 година, т.е. 22 години пред објавувањето на расказот. На тој начин, за првпат, Хофман фантастиката ја поврзува не со измислени суштества, туку со обични луѓе во секојдневна средина и опишува настани што не можат да се објаснат со логиката и со рационалниот пристап. Во својата прва збирка „Фантазии во стилот на Кало“, деталите од реалниот свет Хофман ги доведува до апсурдот, гротеската, бизарното.Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 179-180.

Сите раскази на Хофман не се чисто фантастични, туку некои од нив се допираат со гротеската и со сатирата. Тоа го забележал уште Теофил Готје, кој напишал дека „волшебното кај Хофман не е волшебното од сказните; тој е секогаш со едната нога во реалниот свет...“ Така, во неговите раскази секогаш е прикажано германското општество од 19 век, и тоа иронично и доведено речиси до карикатура. Во расказите на Хофман доминираат неколку поврзани теми: трагичната љубов, лудилото, сонот, музиката и двојството. Љубовта е постојано присутна во неговите раскази, но таа секогаш е неостварена и остава голема празнина во ликовите од расказите. Темата на лудилото произлегува од интересот на германските романтичари за темната страна на човечката психа. Хофман често се интересирал за менталните нарушувања кај своите пријатели-лекари и така стекнал голема дарба за опишување на бројните нијанси на човековото однесување. За ликовите од неговите раскази, лудилото често претставува излез од судирот меѓу идеалите и стварноста и обид да навлезат во поинаква стварност. Сонот, халуцинациите и мешањето со стварноста се присутни во голем број раскази на Хофман. Музиката како тема е често поврзана со трагичната љубов и на таа им носи среќа на ликовите, но понекогаш ги води во лудило или во смрт. Хофман ја третира музиката како највисока форма на уметноста, суспститут на највисоката духовност и највисокиот врв на стремежот кон отадешното. Конечно, темата на двојството се остварува низ присуството на кукли, маски, автомати и статуи, кои се јавуваат како двојници на човековиот облик. Според некои толкувачи на творештвото на Хофман, овие имитации на човечката фигура се симбол на стегите со кои човекот е окован во општетвото. Оттука, во целото творештво на Хофман се провлекува потребата од верување во ирационалното, во невидливата страна на човекот и на светот и во тајните сили на природата.Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 183-187.

Романите на Хофман Покрај големиот број ракази, Хофман е автор и на неколку романи од кои најуспешен и најпознат е „Ѓаволските еликсири“. Романот е напишан под влијание на англиските „готски“ романи и во него Хофман ја обработува темата на двојството. Имено, калуѓерот Медардо открива во визбата на манастирот шишиња со старо вино кое, според старите преданија, содржи ѓаволски еликсир. Тој не може да издржи и пие од виното, по што запаѓа во низа неволји. Него постојано го следи злосторникот Викторино, кој многу личи на Медардо. Поради таа сличност, сите злосторства што ги прави Викторино му ги припишуваат на Медардо, кој никако не може да се ослободи од таквата судбина. За овој роман, Хофман рекол: „Во него постои стремеж да се покажат... таинствените врски на човечкиот дух со сите оние повисоки правила што се скриени во целата природа и кои само понекогаш ќе блеснат, а тој блесок тогаш го нарекуваме случај.“Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 181.

Кон крајот на животот, Хофман го напишал романот „Мачорот Мур“, но тој останал недовршен. Во него, авторот применил иновативна техника на испреплетување на две дејствија: „Дневникот на учениот мачор Мур, философ и поет“ и „Животот на диригентот Јохан Крајслер“. Притоа, двата тека се необично измешани: авторот постојано ја прекинува историјата на мачорот и внесува фрагменти од биографијата на Крајслер. Во романот, авторот се претставува како посредник меѓу пронаоѓачот на ракописот и издавачот. Притоа, тој го објаснува мешањето на двете приказни на следниов начин: додека пишувал, мачорот Мур бил нестрплив и не можел да чека да се исуши мастилото, па така меѓу напишаните страници вметнувал листови од една книга за доживувањата на диригентот Крајслер. По грешка, тие листови останале во ракописот и издавачот ги отпечатил како дел од книгата. На тој начин, Хофман се претставил како исклучително модерен писател кој бил пред своето време, зашто намерно ја напуштил класичната постапка на раскажување и на романот му дал динамичка структура, полна со изненадувања за читателот. Во тој поглед, романот се одликува со многу сложена фабула, полна со епизоди на преправања и маскирања, со што Хофман уште еднаш ја допира темата на двојството.Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 182.

Кон неговите романи може да се вброи и долгата проза „Принцезата Брамбила“ со поднаслов „Капричо во стилот на Кало“. Дејството се случува за време на карневалот во Рим и зборува за двајца обични луѓе - шивачката Џачинта и пропаднатиот артист Џиљо Фава. Двајцата си создаваат свој свет на илузии со цел да ја замени бедата на нивната реалност, но во еден миг тие навистина влегуваат во измислениот свет.Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 182-183.

Осврт кон творештвото на Хофман