Тома Фиданчев или Тома Фиданчевиќ () — југословенски лекар и политичар, градоначалник на Струмица од 1927 до 1931 година, југословенски народен пратеник од Струмичкиот срез од 1931 до 1935 година.
Животопис Роден е во 1896 година во градот Струмица, тогаш во Османлиското Царство. Гимназиско образование завршува во Ќустендил, Царство Бугарија, потоа студира медицина во Виена, а апсолвира во Росток, Германија. По докторирањето се враќа во Струмица, која тогаш се наоѓа во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, и работи како лекар, а се истакнува и како општественик.
Во 1927 година е избран за претседател на општина Струмица како кандидат на Народната радикална партија (НРП), која тогаш е најголемата политичка партија во кралството. По Шестојануарската диктатура од 1929 година, неговиот мандат како претседател на општината е потврден и така тој продолжува да ја извршува оваа функција. Додека е претседател на општина Струмица, во февруари 1930 година е уапсен заедно со Михаил Ефтимов, потпретседател на општината, Григор Самарџиев, втор потпретседател, и Тасо Костов, секретар на општината, обвинети дека издавале лажни легитимации и со тоа ја помагале ВМРО. Со поддршка од полицијата, во 1931 година е избран за народен пратеник од Струмичкиот срез како кандидат на листата на Југословенската национална партија (ЈНП), која тогаш е единствена политичка партија во кралството. Во 1935 година повторно се кандидира на листата на ЈНП, но полицијата го поддржува Јордан Аќимовиќ. Од 1936 година активно ја поддржува Југословенската радикална заедница (ЈРЗ) на тогашниот премиер на Југославија Милан Стојадиновиќ.
По Марсејскиот атентат од 1934 година, во кој е убиен југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ, Фиданчев, кој тогаш е народен пратеник, учествува на тајна панихида за атентаторот Владо Черноземски од ВМРО, која се одржала во домот на Кирил Калкашлиев во Струмица.
Наводи
Категорија:Југословенски политичари Категорија:Градоначалници на Општина Струмица