„Бегство од слободата“ (англиски: Escape from Freedom) — книга на германскиот психоаналитичар Ерих Фром од 1941 година.

Содржина Прва глава. Слободата — психолошки проблем? Главниот стремеж во поновата европска и американска економија е ослободувањето на луѓето од економските, политичките и духовните стеги. Меѓутоа, подемот на фашизмот покажува дека борбата за слободата не е добиена. Фром наведува дека основната цел на оваа книга е испитување на факторите во карактерната структура на современиот човек кои ја раѓаат неговата желба да побегне од слободата. Притоа, Фром се обидува да одговори на следниве прашања: Што е слободата како човечко доживување? Дали е желбата за слобода својствена на човековата природа? Дали таа е иста во сите култури или се разликува според степенот на индувидуалноста во општеството? Дали е слободата само отсуство на надворешен притисок или е и присуство на нешто? Кои економски и општетсвени фактори влијаат врз стремежот кон слобода? Дали слободата може да постане товар од кој човекот сака да побегне? Дали, покрај вродената желба за слобода, постои и инстинктивна желба за потчинетост? Во тој поглед, Фром најпрвин ја проучува улогата на психолошките, економските и идеолошките фактори во општеството при што ја нагласува улогата на психолошките фактори. Оттука, тој ги нагласува сличностите и разликите меѓу неговиот пристап и основните Фројдови поими. Спротивно на Фројд, според кого меѓучовечките односи служат за задоволување на биолошките потреби, Фром смета дека клучниот проблем во психологијата е поврзувањето на човекот со светот, а не задоволувањето или потиснувањето на инстинктивните потреби. Фром го негира Фројдовото толкување на историјата само врз основа на психолошките сили, туку истакнува дека тие се општествено условени. Исто така, тој им се спротивставува на теориите кои го негираат човекот како активен учесник во историските процеси. Својата анализа, Фром ја започнува со објаснување на поимот „приспособување“ при што разликува статично и динамично приспособување: првото означува усвојување на некои навики при што карактерната структура останува непроменета, додека второто означува приспособување на надворешните околности во кои се создава нешто ново во човекот. Според Фром, животот на човекот кој е определен од економскиот систем е првиот фактор во определувањето на неговата карактерна структура. Физиолошките потреби не се единствениот дел од човековата природа, туку тој има вродена потреба за поврзување со надворешниот свет и потреба за избегнување на осаменоста. Човековата природа не е биолошки збир на нагони, ниту механичка сенка на културата, туку таа е производ на човеката еволуција, но и самата има свои закони. Општествените околности влијаат врз нагоните и потребите на човекот, но психолошките фактори исто така се силен фактор што влијае врз општествениот процес.Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 25-40.

Втора глава. Процесот на индивидуација и двосмисленоста на слободата Свеста на човекот за себе се развивала постепено низ историјата, а тој процес на индивидуација го доживела врвот во модерната историја, односно во периодот по Реформацијата. Истиот процес се случува и во животниот развој на поединецот кој е врзан за надворешниот свет со врски кои Фром ги нарекува примарни. Кога поединецот ќе постигне целосна индивидуација, тој се ослободува од примарните врски, а процесот на индивидуација се поттикнува низ образованието. Една страна на процесот на индивидуација е порастот на силите на личното „јас“. Притоа, развојот на личноста делумно зависи од поединецот, но во основа го определуваат општествените услови, зашто на секое општество му е својствено некое ниво на индивидуација кое поединецот не може да ја надмине. Меѓутоа, другата страна на процесот на индивидуације е сѐ поголемата осаменост, а тоа води кон страв и несигурност. Тогаш, кај човекот се јавуваат импулси да с еоткаже од индивидуацијата и да го совлада чувството на осаменост и немоќ низ претопување во надворешниот свет. Меѓутоа, ова потчинување е само едно решение, а другото е спонтаниот однос кон човекот и природата, т.е. односот кој не ја исклучува индивидуацијата, туку го поврзува поединецот со светот. Додека процесот на индивидуација се остварува автоматски, развојот на личноста го попречуваат многубројни поединечни и општетсвени фактори, а тоа води кон создавање психички механизми кои Фром ги нарекува механизми на бегството. Фром истакнува дека човечкото постоење и слободата се неразделни од самиот почеток при што поимот „слобода“ не го употребува во позитивна смисла, како „слобода за“, туку во негативна смисла, како „слобода од“, т.е. како слобода на човекот од инстинктивната одреденост на неговите активности. Со одвојувањето од природата, човекот го направил првиот чекор кон очовечувањето така што станал поединец и тоа е првиот чин на слободата. Процесот на човековото ослободување означува сѐ поголема интеграција, совладување на природата, засилување на моќта на разумот и солидарност со другите луѓе, но истовремено, индивидуацијата значи и издвојување, несигурност и чувство на немоќ и безначајност. Според Фром, постои само едно можно решение на овој судир: човековата активна солидарност со сите луѓе и неговата спонтана активност, работа и љубов кои го соединуваат со светот не врз основа на примарните врски, туку како слободен и независен поединец. Меѓутоа, ако економските и општествените услови не го овозможуваат остварувањето на овој вид поединечност, слободата станува неиздржлив товар за човекот.Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 41-52.

Трета глава. Слободата во времето на реформацијата Средновековното наследство и Ренесансата Средновековното и општество се одликувало со недостаток на слобода на поединецот, кој немал можност да премине од една во друга општествена класа. Но, иако не бил слободен во модерната смисла на зборот, средновековниот човек не бил осамен и издвоен, зашто припаѓал на некоја структурализирана целина. Дури во доцниот среден век дошло до промена како на структурата на општеството така и на човековата личност. Единството и централизацијата почнале да слабеат, а започнал подемот на конкуренцијата, капиталот и економската иницијатива. Како последица на уништувањето на средновековната општетсвена структура се појавил поединецот. Во Ренесансата, заедно со индивидуализмот се појавил деспотизмот така што слободата и тиранијата, поединечноста и нередот биле меѓусебно испреплетени. Во борбата за богатство исчезнала човековата солидарност, а човекот станал „објект“ кој треба да се искористи или уништи за остварување на сопствените цели. Економскиот развој на капитализмот бил проследен и со промени во психолошката атмосфера: времето станало драгоцено и се развил нов став кон работата која станала врховна вредност. Така, поединецот бил препуштен сам на себе, неговата состојба зависела од работата, а не од неговата традиционална положба, а другите луѓе ги сфаќал како конкуренти.Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 53-71.

Периодот на Реформацијата Во овој дел, Фром дава психолошка анализа на новите религиски доктрини — лутеранството и калвинизмот кои не само што ги изразувале желбите и чувствата на новата граѓанска класа, туку и ги засилиле, нудејќи решенија на проблемот на осаменоста на поединецот. Така, поединецот добил независност во однос на религиските прашања, а авторитетот на црквата бил нарушен и пренесен на поединецот. Лутеровото учење му понудило решение на поединецот на неговиот стремеж за совладување на сомнежот и за потрага по извесност. Лутеранството нудело извесност во отстранување на изолираното „јас“ на поединецот и претворање на човекот во орудија на некоја огромна сила надвор од него. Лутеровата доктрина ги изразува чувствата на беспомошност и сомневање со кои се соочил човекот кој бил исто толку немоќен во однос на новите економски сили колку што бил немоќен во односот со Бога. Решението кое го понудило лутеранството се состоело во признавање на сопствената безначајност, крајно самопонижување и отфрлање на личната волја, а сето тоа водело кон стравопочит и потчинетост кон авторитетите (родителите, власта итн.). Истите психолошки и теолошки карактеристики се присутни и во калвинизмот кој, исто така проповедал самопонижување и уништување на гордоста. Притоа, еден од темелите на калвинизмот е учењето за предестинацијата според кое Бог однапред ги осудува луѓето на милост или на вечно приклетство така што спасот и проклетството не зависат од добрите и лошите дела направени во текот на животот. Оваа доктрина има големо психолошко значење зашто ги засилува чувствата на немоќ и на безначајност на поединецот. Како непосредна психолошка последица на оваа доктрина, трудот и работата станале потполно ирационални, т.е. цел за себе, служејќи како средство со кое човекот го надминува неподносливото чувство на осаменост и немоќ.Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 71-101.

Четврта глава. Два вида слобода за модерниот човек