Љубомир Гајдов (роден на 3 јануари 1943 година во Скопје) — новинар, долгогодишен уредник и надворешнополитички коментатор на Македонска телевизија и Македонско радио (МРТ), дописник од СССР и САД, известувач од настани што го промениле текот на светската историја (1970-2008).
Животопис Потекнува од интелектуално семејство. Неговиот татко Стефан Гајдов е познатиот македонски композитор. Дедото по мајчина линија, др. Никола Ѓурѓевиќ студирал право во Виена со австроунгарскиот император и дваесет години потоа бил претседател на Саборот на Кралствата на Хрватска, Славонија и Далмација, Загреб. Покрај гимназија десет години учел пијано. Апсолвирал на Градежниот факултет (Скопје). Студирал философија прво во Кембриџ, Обединетото Кралство, а потоа на Филозофскиот факултет во Скопје . По магистерските студии по философија на менаџерството (Скопје) бил на втори магистерски студии кај светскиот експерт по лидерство и менаџерство, академикот Исак Адижес (Лос Анџелес, САД). Студирал и кај „таткото на модерниот менаџмент“ Питер Дракер (Клермонт, САД). Бил на студии и во Американскиот меморијален музеј на холокауст, Вашингтон, САД, како подготовка за изградба на првиот европски Музеј на холокаустот во Скопје по иницијатива на академик Иван Дејанов. Бил претседател на Македонско-израелското друштво за пријателство и соработка и член на Американско-македонскиот комитет за развој, основан од Нобеловецот Ели Визел што до крајот на животот го отвораше престижниот Светски економски форум во Давос. Бил секретар на Шаховскиот сојуз на Македонија, со-организатор на Меѓународниот шаховски турнир „Средби на солидарноста“ (1967-1976) и на Дваесетата шаховска олимпијада (машка и женска) и комесар на Конгресот на Маѓународната шаховска федерација (ФИДЕ), 1972, Скопје. Сега е потпретседател на Македонското филозофско друштво и учествува во национални и меѓународни философски конференции.
Работен век Својата новинарска кариера ја започнал во 1963 во новооснованиот дневник „Вечер“ по катастрофалниот скопски земјотрес. За МРТ (1970-2008) известувал од светски настани, интервјурал редица претседатели, премиери и министри за надворешни работи, нобеловци, светски шаховски прваци. Вршел пренос од приемот на Република Македонија во ООН (8.4.1993). Бил уредник и на Македонско време и Македонски шах. Со-основач, Интердисциплинарни студии по новинарство, УКИМ, 1976/77. Покрај новинарството, професионално сѐ уште е менаџерски консултант за организациски развој и управување со промените, како и предавач по корпоративно управување и корпоративна етика (Јустинијан Први, УКИМ) Скопје и новинарство и меѓународни односи (УГД) Штип. Учесник на меѓународни и национални конференции и семинари за меѓународни односи; новинарство, медиуми, комуникологија и јавно мнение; лидерство и менаџерство; философија и образование; културно наследство и туризам; шах и спорт. Во последните петнаестина години учествува во дебатни емисии на приватните телевизии!
Политичко искуство Во 2002 тој е еден од основачите на политичката партија Движење за обнова на Македонија (ДОМ) при што бил и избран за нејзин прв претседател. Овој потфат е остварен по наговор на поранешниот американски државен секретар Лоренс Иглбергер, пријател од времето по скопскиот земјотрес во 1963, познат и по прекарот „Лоренс од Македонија“, кој предложил и два лозунга за парламентарните избори во 2002 г: „Нови лица“ и „Единствен избор“, поради фактот што, тоа било партија на аматери зашто пред тоа не биле членови на политичка партија! ДОМ за жал добил околу четири илјади гласови и така завршила кратката политичка кариера (од само три месеци), како и партијата ДОМ!
Новинарски награди и менаџерски признанија
Наградата Крсте Петков Мисирков за животно дело, ЗНМ, 2018. Златна значка сертифициран менаџерски консултант, Меѓународен совет на Институти за менаџерки консултанти, 2013. Признание за предавачот, Економски факултет/АИЕСЕК, УКИМ, Скопје, 2012. Сертификат за благодарност, Менаџерска консултантска асоцијација, МЦА – 2000,Скопје,2010. Новинар на годината 1997, наградата Крсте Петков Мисирков, ЗНМ, Скопје, 1998. Годишна награда на Македонското радио, Скопје.1990.
Наводи
↑ [„Код“, Атанасова Точи и Љубомир Гајдов добитници на наградите на ЗНМ (mkd.mk) „Импресум / Редакција“]. Архивирано од изворникот 2018-02-28. Посетено на 2023-11-03.
Категорија:Новинари Категорија:Македонски новинари