Тони Китановски трио — македонско џез трио.

Гитаристот, аранжер и професор на Џез академијата во Штип, Тони Китановски, бил роден во Скопје во 1964 година. На 15-годишна возраст го започнал приватното музичко образование кај пријателот на неговите родители, генијалниот Драган Ѓаконовски-Шпато, каде што за првпат го слушнал „Berney Kessel Trio“ и самиот на себе си дал збор дека токму тоа ќе го работи цел живот, ќе свири гитара.

Историја Интересно е што по совет на Шпато, Тони никогаш не посетувал музичко училиште ниту, пак, академија, во Македонија. Во тие најрани години, некаде на почетокот на осумдесеттите се обидол, но само за кратко, да биде дел од еден рок-бенд, Тартиф. Но веднаш му било јасно дека тоа не е музиката што го плени, ниту музиката што со часови ја слушале и за која му зборувал Шпато.

Од 1986 до 1990 година бил лидер на Трио Шпато (со Мартин Ѓаконовски-Шпато на контрабас и Оливер Дуев на тапани), со што на симболичен начин му се оддолжува на својот учител. Тоа трио имало бројни концерти на радио- и ТВ-настапи, како и многу соло изведби. Едно од тие важни појавувања на сцена е како гости на една од вечерите во рамките на фестивалот „Omladina ’88“, во Суботица, каде што триото остава извонреден впечаток.

По триото, кога Мартин и Оливер се во војска, Тони оформил и гудачки оркестар со кој, исто така, редовно ќе настапува, но првата композиција што самиот ја создал (и запишал со ноти), Шпато ќе ја отцени како лоша, сугерирајќи му во иднина само да свири, а не и да аранжира. Веројатно ова дополнително го измотивирало Тони да му се докаже на Шпато, па тој уште поангажирано се зафатил со проучување на аранжманите. Во последните две години од осумдесеттите бил хонорарен гитарист во Бигбендот на МРТ, но ветувањето дадено на Шпато и желбата за доедукација ќе го префрлат од другата страна на Атлантикот. Впрочем, одењето надвор од Македонија било една од првите лекции што Шпато му ги дава на Тони. „Ќе те научам сè што знам под услов да заминеш од овде“ – му рекол тој при нивната прва средба. Во 1990 година Тони заминал во Бостон, на престижниот „Berklee School of Music“. Уште како студент ја освојил наградата „Charles Mingus Award“ за извонредни достигнувања во западната музичка традиција. Во Бостон ги посетил и семинарите на Гиорги Лигети во „New England Conservatory“ и предавањата на Лучано Берио на Универзитетот Харвард. Таму ќе се задржи полни шест години, посетувајќи голем дел од програмите што ги нуди „ Berklee School of Music“, паралелно свирејќи и со големиот бенд на Грег Хопкинс, но и често оформувал свои комбо-состави. Една анегдота од неговиот престој во САД вели дека еден негов колега ќе му ја претстави гитаристичката виртуозност на Тони, на својот пријател од Атина, во Џорџија, кој имал мегапопуларен бенд. Тој се заинтересирал за начинот на музицирање на Тони и посакал да излезат на вечера и да поразговараат. Поради приватни обврски, Тони нема да го прифати состанокот и до денешен ден не му е криво поради тоа. Музичарот кој бил во потрага по нов гитарист за својот бенд бил Мајкл Стајп од „R.E.M.“.

Во 1997 година Тони се вратил во Скопје и го формира составот Луна и се појавувил на фестивалот АФЕС со камерниот оркестар на ФМА како композитор и солист. Во наредните неколку години Тони бил на крстосница по однос на тоа каде ќе живее и создава, па годината најчесто му поминувала на релација Америка - Македонија. При еден од тие престои во Македонија, летото 1998 година, во студиото „Тра Ла Ла“, со поддршка од ритам-секцијата што ја сочинуваат Оливер Дуев на тапани и Драган Трајковски (син на Љупчо Трајковски-Фис) на бас и во сопствена продукција, Тони снимил четири џез-стандарди и шест оригинални теми, кои педантно ги спакувал во албумот посветен на својот учител Шпато, One 4 Charlie. Уметничката слика на омотот е дело на неговата сопруга Симонида Филипова, а комплетниот дизајн на изданието е на Милчо Серафимовски. Промотивниот настап на албумот, триото го имало на отворањето на првиот џез-фестивал, „Летен џез фестивал“, од 26 до 29 август 1999 година, во Куманово. Интересен факт за сите педантни колекционери на македонската музика, на двојното цеде, во живо, од фестивалот, двете композиции на триото: One for Charlie и Lonely woman, се снимки од студискиот албум, поради техничките недостатоци од живиот настап.