Џозеф Џон Кемпбел (; 26 март 1904 – 30 октомври 1987) — американски митолог, писател и оратор најпознат по неговата работа на полето на компаративната митологија и религија.
Кога како мал го посетува Американскиот музеј за национална историја, Кемпбел толку многу се восхитува од артефактите на американските староседелци што уште тогаш ја развива својата животна опсесија: митот и заедничките обележја на различните култури, особено на оние кои никогаш и не биле во контакт.
Со образование се здобива во САД (на Универзитетот Колумбија) и Европа (каде ги посетува Парискиот и Минхенскиот универзитет). За неколку месеци научува и француски и германски, јазици кои течно ги зборува до крајот на својот живот. Поради несогласувања со раководството на својот матичен универзитет, Кемпбел се откажува од понатамошното школување и обидот да се здобие со докторат.
Големо влијание врз Кемпбеловата филозофија имаат Карл Јунг, Фридрих Ниче, Зигмунд Фројд, Џејмс Џојс, Томас Ман и Артур Шопенхауер. Улогата на херојот и структурата на мономитот се најпознати плодови на неговата работа, творби чие влијание ги надминува границите на компаративната митологија. Впрочем, по излегувањето на првиот филм од серијалот Војна на ѕвездите во 1977 година, режисерот Џорџ Лукас ќе рече дека приказната е обликувана преку идеите обработени во Херојот со илјада лица од страна на Кемпбел.
Живот Детство и образование Џозеф Кемпбел е роден и израснат во Вајт Плејнс, Њујорк во богато семејство со римокатоличка вероисповед. Како дете Кемпбел се воодушевува од културата на американските староседелци откако заедно со својот татко го посетува Американскиот музеј за национална историја во Њујорк и ги здогледува артефактите со индијанско потекло. Наскоро почнува да истражува разни аспекти од нивниот живот и особено станува заинтересиран за северноамериканската митологија. Ова придонесува кај младиот Кемпбел да се развие неговата животна опсесија: интересот за митот и заедничките обележја на различните култури, особено на оние кои никогаш и не биле во контакт. Додека учи на колеџот Дартмут се запишува на биологија и математика, но со време сфаќа дека повеќе ги сака општествените науки. Се префрла на Универзитетот Колумбија каде се здобива со диплома по англиска книжевност во 1925 година; со титула магистер се здобива по две години по средновековна книжевност. Кемпбел се истакнува и како одличен спортист - се закитува со неколку атлетски медали во текот на неговите студии.
Европа Во 1927, Кемпбел добива стипендија за го продолжи своето школување во Европа. Учи стар француски и санскритски јазик на Парискиот универзитет во Франција и на Универзитетот во Минхен, Германија. Набрзина научува да зборува и пишува на француски и германски јазик и само по неколкумесечно ригорозно и посветено учење ги усовршува своите познавање. Течно ги зборува и двата јазици до крајот на својот живот.
Неговите студии во Европа се поистоветуваат со епохата на Изгубената генерација, период на многу новини и иновации во областа на уметноста. Кемпбел објаснува дека токму ова, а особено дејноста на Џејмс Џојс, оставило голем печат врз неговото творештво во Патувањето на херојот: Џозеф Кемпбел за својот живот и работа (издадена 1990 година):
КЕМПБЕЛ: ...И фактот што Џејмс Џојс ме грабна. Го знаете она прекрасно чувство кога сте во домен на фантазија што има некакво значење, кое по потекле е ирско и го има во артурските романси; го има и кај Џојс; го има и во мојот живот. КУЗИНО: Дали се идентификуваше со Стивен Дедалус... во Џојсовата 'Портрет на уметникот како млад човек'? КЕМПБЕЛ: Неговиот проблем, всушност, беше мој проблем... Џојс ми овозможи да го разберам универзалното значење на тие симболи... Џојс се одвои и го напушти лавиринот на, би можеле да речеме, ирската политика и црква за да отиде во Лондон, каде станува еден од највлијателните членови на ова величествено движење што ја опфаќаше Европа во периодот кога јас бев таму, во 20-тите.
Во овој период Кемпбел се запознава и со творештвото на Томас Ман, кој ќе се покаже исто толку влијателен како и Џојс врз неговиот живот. Додека е во Европа, Кемпбел се запознава и со модерната уметност, особено восхитувајќи се од делата на Паул Кле и Пабло Пикасо. Свет на нови и неистражени идеи му се отвора во Европа. Овде се запознава и со делата на Зигмунд Фројд и Карл Јунг. Во овој период, се запознава и спријателува со младиот Џиду Кришнамурти, пријателство од кое ќе се изнедри Кемпбеловиот доживотен интерес за хинду филозофијата и религијата. Затоа по смртта на познатиот индолгист Хајнрих Цимер, токму на Кемпбел ќе му биде доделена задачата да ги уреди и посмртно издаде најзачајните творби на германскиот историчар.
Враќање во САД и периодот на Големата депресија Кога се враќа во 1929 година во родната земја, Кемпбел му соопштува на раководството на неговиот универзитет дека сака да учи санскрит и модерна уметност како додаток на неговиот главен предмет средновековна книжевност. Откако советниците нема да му го дозволат ова, Кемпбел се одлучува да се откаже од понатамошното школување и обидот да се здобие со докторат; разочарувањето од оваа одлука ќе го натера Кемпбел никогаш да не ги дозаврши своите студии.
Неколку недели подоцна, започнува Големата депресија. Следните пет години (1929-1934) Кемпбел ги минува размислувајќи што понатаму да прави во својот живот, посветувајќи се го овој период на интензивно и ригорозно проучување. Во Патувањето на херојот: Џозеф Кемпбел за својот живот и работа, Кемпбел вели дека "секој ден го поделувал на четири четири-часовни периоди, од кои три ги искористувал за читање, а еден за слободни активности... Девет часа дневно поминувал читајќи. Пет години со ред."
Една година минува во Калифорнија (1931-32), каде ја продолжува својата истражувачка дејност а се запознава и со писателот Џон Штајнбек и неговата жена Керол, со кои доста ќе се спријатели.
Кемпбел особено се задржува, при своето истражување, на разработка на идеите на швајцарскиот психолог Карл Јунг, најпрво духовен следбеник на учењето на Зигмунд Фројд, а потоа и негов противник. Уште еден дисидент од Фројдовиот круг на интелектуалци со значајно влијание врз Кемпбел е Вилхелм Стекел (1868 - 1939). Стекел е пионер во областа на проучувањето на соништата, Фантазијата и несвесното како неодвоив елемент од антропологијата и книжевноста.
Колеџот Сара Лоренс Во 1934 година, на Кемпбел му е понудена професорска работа на колеџот Сара Лоренс (по агитацијата на еден од неговите советници на Колумбија - В.В. Лоренс). Кемпбел се венча со една од своите поранешни студентки, танчерката и професорка по танц Џин Ердман во 1938 година. Се пензионира во 1972 година по 38 години поминати како професор во Сара Лоренс.
Смрт Џозеф Кемпбел умира на возраст од 83 години, на 30 октомври 1987, во неговиот дом во Хонолулу, Хаваи, како резултат на компликации предизвикани од рак на хранопроводот само два месеци по комплетирањето на снимањето на интервјуто Моќта на митот со Бил Мојерс.
Избрани дела Раниот период: Џејмс Џојс и друго Како што е наведено погоре, Џејмс Џојс е големо влијание врз творештвото на Кемпбел. Впрочем првото поважно дело на Кемпбел (работено заедно со Хенри Мортон Робинсон), Клуч за Финегановото бдеење (1944) е критичка анализа на последниот Џојсов текст Финеганово бдеење. Џојсовото семинално дело, Херојот со илјада лица, која го обработува она што Џојс ќе го нарече мономит - циклусот на патувањето на еден херој - е идеја што тој му ја припишува токму на ова дело на Џојс (Кемпбел, 1949:30).
Маските на Бог Неговото капитално четири-томно дело Маските на Бог разработува митологии од различни делови на светот, почнувајќи од античките до модерните епохи. Ако Херојот со илјада лица се фокусира на општите места во различните митологии (т.н. “елементарни идеи”), Маските на Господ ги разгледува историските и културни варијации на мономитот (т.е. “народните идеи”). Со други зборови, Херојот со илјада лица повлекува паралела меѓу митологијата и психологијата, Маските на Бог врските ги бара на линија митологија - антропологија - историја. Четирите различни книги кои го комплетираат циклусот Маските на Бог ги носат следниве наслови: Примитивна митологија, Ориентална митологија, Окцидентална митологија и Креативна митологија.
Историски атлас на светската митологија Во времето на својата смрт, Кемпбел работи на огромниот, раскошно илустриран Историски атлас на светската митологија. Овој циклус се развива врз една првобитна идеја, зачната од Кемпбел во Херојот со илјада лица, според која митот еволуира низ четири фази:
• Патот на животинските моќи—митовите на палеолитските ловци кои се фокусираат на шаманизам и зооморфни претстави на тотеми.
• Патот на посеаната земја—митовите на неолитските, аграрни култури изградени околу култот на плодноста и фигурата на Големата Мајка.
• Патот на небесната светлост—митовите на градовите-држави од бронзеното доба чии пантеони секогаш се составени од богови сместени на Небото; врховен бог во овие заедници речиси секогаш е еден омнипотентен машки бог.
• Патот на човекот -- религијата и филозофијата развиена по осното доба (околу 6 век п.н.е.), кога митските слики од претходните епохи се метаморфозираат во симболични претстави на психо-духовни, а не литерарно-историски појави. Оваа транзиција за Кемпбел е особено видлива на Исток, во будизмот, Ведантата и филозофскиот Таоизам; на Запад пак, се забележува кај мистериските култови, платонизмот и гностицизмот.
Само првите две книги се комплетирани пред смртта на Кемпбел. И двете повеќе не се продаваат.
Моќта на митот Најголема популарност Кемпбел добива по соработката со Бил Мојерс и интервјуто на PBS Моќта на митот, за првпат емитувано во 1988 година, една година по смртта на митологот. Во шест-часовното интервју Кемпбел ги изложува своите ставови за митолошките, религиските и филозофските архетипови со таква полетност и занес што милиони гледачи ширум светот остануваат восхитени и оддушевени од неговите зборови. До денес, оваа емисија која ги документира ставовите на Кемпбел нема изгубено ниту малку од актуелноста и убавината. Придружна книга, Моќта на митот, која во главно содржи опширни транскрипции на разговорите на Мојерс и Кемпбел, е издадена малку по оригиналното емитување. Книгата станува бестселер.
Ти си тоа: трансформација на религиските метафори Неодамна издадената книга Ти си тоа: траснсформација на религиските метафори во основа е компилација на ставовите на Кемпбел од различни периоди во неговиот живот. Во неа, Кемпбел пишува:"...често се мисли дека митологијата е религија на другите луѓе, а религијата погрешно разбрана митологија." Со други зборови, Кемпбел не ги чита религиските идеи како историски точни факти, туку како симболи и метафори на многу повиши идеали.
Во интервјуто со Бил Мојерс, Моќта на митот, Кемпбел ја заговара истата идеја:
КЕМПБЕЛ: Тоа би било погрешно читање на симболот. Тоа би значело прозно, а не поетско читање, читање на метафората од денотативен, место од конотативен аспект.
МОЈЕРС: А поезијата стигнува до невидената реалност.
КЕМПБЕЛ: До она што е подалеку од самиот концепт на реалноста, она што трансцендира и зад самиот разум. Митот те остава таму постојано, ти овозможува поврзување со мистеријата која всушност и си (Кемпбел, 1988:57).
Кемпбеловите идеи Кемпбел често се навраќа на ставовите на Карл Јунг и во нив бара појаснување на низа психолошки феномени, искусени низ разни архетипови. Но самиот не се сложува секој пат со мислењата на швајцарскиот психолог, па полемизирајќи со него, развива низа сопствени идеи.