Рикардо Мануел Силва Са Пинто (роден на 10 октомври 1972, во Порто) — португалски фудбалски тренер, и поранешен фудбалер, напаѓач. Во моментов ја води екипата на АПОЕЛ.

Најголемиот дел од својата играчка кариера го поминал играјќи за Спортинг Лисабон, со кој ги освоил сите натпреварувања во Португалија. Бил познат по неговиот борбен дух, поради кој бил наречен Лавовско срце од страна на навивачите. Освен во својата татковина, тој играл и за Реал Сосиедад во Шпанија, како и за белгискиот Стандард во кој ја завршил кариерата во 2007 година.

Бил и репрезентативец на Португалија во периодот 1994-2001, претставувавјќи ја на две Европски првенства, во 1996 и 2000.

По завршувањето на играчката кариера, тој станал тренер, а првиот клуб кој го водел бил токму Спортинг во 2012 година. Потоа тој водел уште многу екипи, работејќи во 11 различни земји: Португалија, Србија, Грција, Саудиска Арабија, Белгија, Полска, Бразил, Турција, Иран, Кипар и Мароко.

Биографија На 15 јуни 1995 година, Са Пинто се оженил со Фредерика Тавареш да Роча, со која е во брак и денес. Двојката има две деца, ќерките Леонор (родена 1997) и Констанса (2002).

Клупска кариера Салгеирош Роден во Порто, Са Пинто ја започнал својата кариера во истоимениот клуб на возраст од 10 години. Сепак, пет години подоцна, тој се преселил во помалиот локален клуб, Салгеирош, каде во сезоната 1992-1993 под водството на тренерот Зоран Филиповиќ го направил своето деби во португалското првенство во натпреварот против Фаренсе. Својот прв погодок во кариерата го постигнал на 19 септември 1992 година, во поразот со 4-1 од Порто, клубот во кој ја започнал фудбалската кариера и чиј навивач бил како дете. Неколку месеци подоцна, тој постигнал погодок против уште еден од гигантите во португалскиот фудбал, Спортинг Лисабон, гол со кој го шокирал целиот Жозе Алваладе во изненадувачката победа на Салгеирош со 1-0 на 30 јануари 1993 година.

Следната сезона, под водството на новиот тренер Марио Реис, Са Пинто се докажал како врвен стрелец постигнувајќи 11 голови во Примеира Дивисао 1993-1994. Сепак, посебно ќе остане запаметен оној над подоцнежниот шампион Бенфика, во победата на Салегирош со 1-0, нанесувајќи и на Бенфика само еден од трите порази таа сезона. Подоцна, самиот Са Пинто признал дека во тој натпревар играл со посебна мотивација, бидејќи веќе имал потпишано договор со Спортинг Лисабон за наредната сезона и сакал да му помогне на својот иден клуб во борбата за титулата против нивните градски ривали. Со добрите игри во Салгеирош, тој станал дел од португалската репрезентација под 21 година, со која стигнал до финалето на Европското првенство 1994.

Спортинг Лисабон Пред почетокот на сезоната 1994-1995, Са Пинто се преселил во Спортинг Лисабон, заедно со соиграчот од Салгеирош, Луис Педроса, со кој како блиски пријатели си помагаат меѓусебно брзо да се адаптираат во Лисабон. Дебитирал за лавовите на 20 август 1994, постигнувајќи го вториот гол за Спортинг во победата со 2-0 над Фаренсе. На 27 септември 1994, постигнал гол во победата со 2-1 над Реал Мадрид во Купот на УЕФА, во неговиот втор настап во европските натпреварувања (првиот, бил против истиот противник во првиот натпревар во Мадрид). Првата сезона, ја завршил со 27 настапи и 5 гола во првенството. Покрај тоа ги одиграл сите шест натпревари во Купот на Португалија, помагајќи им на лавовите да ја освојат титулата во ова натпреварување после 13 години.

Следната сезона, по заминувањето на Луис Фиго и Красимир Балаков, Са Пинто се пробил во стартната постава како една од ѕвездите на тимот и ги освоил симпатиите на навивачите кои го нарекле Coração de Leão (Лавовско срце). Тој постигнал 13 голови во текот на сезоната, запишувајќи се во листата на стрелците во секое од четирите различни натпреварувања во кои Спортинг се натпреварувале. Меѓу најважните голови кои ги постигнал биле двата за освојувањето на Суперкупот на Португалија во победата со 3-0 над Порто на Паркот на принцовите во Париз, како и голот за победа во судиското продолжение против Ољаненсе во четвртфиналето на Купот на Португалија, кој на лавовите им го отворил патот кон ново финале во натпреварувањето, втора година по ред, но таму овојпат биле поразени од Бенфика со 3-1. На крајот од сезоната ја добил наградата Стромп, за најдобар играч на Спортинг за сезоната.

Сепак, врелата крв во него и неговиот темперамент кој понекогаш во кариерата тешко го контролирал излегле на површината во 1997 година, кога Са Пинто бил учесник во еден инцидент кој ќе му ја оцрни кариерата: нападот на тогашниот селектор на репрезентацијата Артур Жорже, поради што добил суспензија од една година неиграње во сите национални и меѓународни натпреварувања. Поради оваа причина, тој го напуштил Спортинг по три години поминати во клубот во летото 1997 година, селејќи се надвор и од родната Португалија за да ја започне својата прва авантура во странство, но сепак ниту таму не успеал да ја избегне казната.

Реал Сосиедад Во јули 1997 година, Са Пинто потпишал за шпанскиот Реал Сосиедад, кој платил 400 милиони пезети обесштетување за неговиот транфер. Сепак, поради инцидентот со португалскиот селектор, неговата суспензија била потврдена и од страна на ФИФА, така што тој не можел да дебитира до почетокот на сезоната 1998-1999.

Својот прв натпревар за неговиот нов клуб, го имал 30 август 1998 година, притоа постигнувајќи и погодок во ремито 3–3 на домашен терен со Реал Овиедо. Сепак, шпанското првенство ќе се покаже како многу потешко за него, а и годината без фудбал исто така оставила трага, поради што ефикасноста на Са Пинто пред противничките голови започнала да опаѓа: во двете сезони поминати во Реал Сосиедад, тој постигнал само 6 голови во 77 одиграни натпревари.

Враќање во Спортинг Лисабон Во летото 2000 година, Са Пинто ја најавил својата желба за враќање во татковината. Покрај големиот интерес од Порто, тој се одлучил за враќање на стадионот Жозе Алваладе, каде ги поминал најдобрите години во дотогашната кариера и каде бил миленик на навивачите на клубот. Иако ќе остане во Спортинг цели шест години, вториот негов престој во клубот на индивидуален план нема да се покаже ни близу успешен како првиот, главно како резултат на повредите кој константно се појавувале и го измачувале од сезона во сезона. И покрај тоа, тој сепак можел да ужива во неколку успеси и незаборавни моменти со клубот во кој како што самиот рекол "се чувствувал како дома". thumb|225px|right|Са Пинто играјќи за Спортинг Лисабон во 2002 година.

Повратничката сезона во дресот на Спортинг, Са Пинто ја започнал добро соработувајќи одлично во нападот со Алберто Акоста и Жоао Пинто. Во месец септември, тој постигнал гол во секој од првите три натпревари на лавовите во групната фаза на Лигата на шампионите, против екипи како Реал Мадрид, Бајер Леверкузен и Спартак Москва, дополнувајќи го ова со првиот гол во португалското првенство кој го пронашол на 22 септември во победата со 2-0 на гостувањето кај Жил Висенте. Сепак, на 8 декември 2000, во победата над Белененсеш со 2-1 на домашен терен, тој ја доживеал првата потешка повреда од неколкуте кои ќе го снајдат во следните години: кинење на лигаментите на десното колено, повреда која го оддалечила од теренот пет месеци. Сепак, тој се опоравил навреме и се вратил во акција пред крајот на сезоната. На 28 април 2001, одиграл солиден натпревар во убедливата победа со 3-0 над градскиот ривал Бенфика. Исто така, играл во одлучувачкиот трет натпревар од Суперкупот на Португалија, победата со 1-0 над Порто на 16 мај, помагајќи за освојувањето на четвртиот суперкуп во клупската историја на зелено-белите.

Во шампионската кампања на Спортинг во португалското првенство, Са Пинто одиграл само 7 натпревари, и постигнал еден погодок на 26 октомври против Пасош де Фереира во победата со 6-0. Само неколку дена подоцна, тој претрпел нова повреда на десното колено во натпреварот против шведскиот Халмштад, во Купот на УЕФА. И покрај напорите да не оди на нова операција, сепак тоа било неизбежно и откако во март бил опериран во Мадрид морал предвреме да ја заврши сезоната.

Во сезоната 2004-2005, тој бил дел од тимот предводен од тренерот Жозе Песеиро кој играл во финалето на Купот на УЕФА, започнувајќи го натпреварот за титулата против ЦСКА Москва загубен со 3-1. Самиот тој, поразот го опишал како „најтажната ноќ од неговата кариера како играч“. Во сезоната 2005-2006, неговата последна во Спортинг, тој бил назначен за капитен на тимот, по заминувањето на Бето во јануари 2006 година.

Са Пинто го напуштил Спортинг во летото 2006 година, после вкупно 228 настапи и 50 голови за клубот.

Стандард Откако му истекол договорот со Спортинг, во летото 2006, Са Пинто како слободен играч му се приклучил на белгискиот клуб Стандард, каде што играл неговиот сонародник и поранешен колега од репрезентацијата Сержо Консеисао. Дебитирал во белгиското првенство на 4 август 2006, во поразот со 1-2 на домашен терен од Шарлероа, а својот прв гол за клубот го постигнал на 9 септември во победата со 3-1 на гостувањето кај Лирс.

По завршувањето на сезоната 2006-2007, во која одиграл 26 натпревари и постигнал 2 гола, Са Пинто ја завршил својата играчка кариера на возраст од 34 години.

Репрезентативна кариера Са Пинто бил дел од португалската репрезентација под 21 година, која стигнала до финалето на Европското првенство 1994, каде загубиле од Италија со 1-0.

Своето деби за сениорската репрезентација го направил на 7 септември 1994 година, во победата со 2-1 над Северна Ирска во Белфаст во квалификациите за Европското првенство 1996. Откако португалците се пласирале на првенството, Са Пинто бил повикан во составот од 22 играчи кои отпатувале за Англија. Тој ги започнал сите четири натпревари за својата земја на патот до четвртфиналето каде биле елиминирани од Чешка, а постигнал и еден гол против Данска (1-1).

Утрото на 26 март 1997 година, Са Пинто физички го нападнал селекторот на репрезентацијата Артур Жорже, откако ја слушнал веста дека нема да биде повикан за натпреварот на својата земја против Северна Ирска во Белфаст, во рамките на квалификациите за Светското првенство 1998. Селекторот својот потег да го изостави го правдал со наводни дела на недисциплина од страна на играчот за време на пријателските натпревари против и . Тоа го разлутило Са Пинто, кој отпатувал на Националниот стадион во Лисабон каде што репрезентацијата тренирала, и го удрил селекторот со тупаница во лицето притоа навредувајќи го пред новинарите во комплексот што резултирало сликите од инцидентот да станат вирални. Поради оваа своја постапка, тој добил суспензија од португалската фудбалска федерација за една година неиграње во сите национални и меѓународни натпреварувања.

По отслужувањето на казната, Са Пинто се вратил во репрезентацијата откако бил повикан од новиот селектор Умберто Коељо. Тој одиграл одлично во квалификациите за Европско првенство 2000, постигнувајќи вкупно шест гола со кои и помогнал на неговата земја да се квалификува. Постигнал два гола против во победата со 3-1, што бил неговиот прв натпревар за репрезентацијата по суспензијата. Во продолжение, тој постигнал и хет-трик против во победата со 8-0 во Коимбра на 9 јуни 1999. По импресивните настапи во квалификациите, тој бил повикан и за завршниот турнир во Белгија и Холандија каде португалците стигнале до полуфиналето, а тој одиграл три натпревари.

Последниот настап за репрезентацијата го имал на 6 јуни 2001 година, во победата со 6–0 над Кипар во квалификациите за Светското првенство 2002. Поради повреда тој не можел да настапи на мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја.

Вкупно за португалската репрезентација одиграл 45 натпревари (25 како играч на Спортинг и 20 како играч на Реал Сосиедад) и постигнал 10 голови.

Хонологија на репрезентативните настапи

Тренерска кариера