Тејт Роснер Макреј (англ. Tate Rosner McRae; родена на 1 јули 2003) ― канадска пејачка и танчерка. На тринаесетгодишна возраст станала позната како прв финалист од Канада во американското реално шоу „Значи сметаш дека знаеш да танцуваш“ (англ. So You Think You Can Dance). Откако нејзините песни станале популарни на интернет, Макреј во 2019 година потпишала договор со RCA Records и во 2020 година го објавила нејзиниот прв миниалбум (EP) All the Things I Never Said. Во 2021 година, Макреј била најмлад музичар на списокот од Форбс „30 до 30“ (англ. „30 Under 30“).

Нејзиното второ EP, Too Young to Be Sad (2021) било најстримувано ЕР од пејачка на Spotify за 2021 година. Првиот студиски албум од Макреј, I Used to Think I Could Fly (2022) бил добро прифатен од критиката и се пласирал во топ-10 на топ-листите за албуми во неколку земји. Нејзиниот втор студиски албум, Think Later (2023), дебитирал во топ-5 на топ-листите во неколку земји.

Живот и кариера

Детство и образование Тејт Роснер Макреј е родена на 1 јули 2003 година во Калгари, Канада. Татко ѝ имал шкотско потекло, а мајка ѝ германско потекло. На четиригодишна возраст, семејството се преселило во Оман, каде што останале три години. На шестгодишна возраст Макреј започнала со рекреативно танцување. Откако на осумгодишна возраст се вратила во Калгари, таа почнала со поинтензивни часови по танцување. Од 11-годишна возраст, таа почнала да ги тренира сите стилови на танц во YYC Dance Project, танцова компанија во сопственост на нејзината мајка и се запишала на балет во Балетската школа во Алберта. Завршила средно образование во 2022 година.

2013–2018: Танцова кариера Макреј ја добила наградата „Најдобра танчерка“ на Танцовите награди (англ. Dance Awards) во 2013 година. Во 2014 година била финалист на Националната гала организирана од Њујоршката танцова алијанса. Таа, исто така, го позајмила гласот на Спот Сплатер Сплеш во анимираната серија Лалалупси (Lalaloopsy (2013-2015)).

Во 2015 година, откако освоила сребрен медал како солист и бронзен медал во дует на балетското натпреварување „Американско гран-при за млади“, Макреј добила двонеделна стипендија од Берлинскиот државен балет. Во 2015 година Макреј по втор пат ја освоила наградата за најдобра танчерка на Танцовите награди, овој пат во јуниорска конкуренција.

Во јуни 2016 година, настапила на концертот од Џастин Бибер во Калгари. Во јуни 2016 година, Макреј се натпреварувала вотринаесеттата сезона на американското телевизиско шоу „Значи сметаш дека знаеш да танцуваш“ (англ. So You Think You Can Dance). Завршила на трето место.

Во април 2017 година се појавила на насловната страна од списанието <i id="mwoQ">Dance Spirit</i>. Во мај 2017 година, учествувала во па де де во балетот „Наша Канада“ во кореографија на Жан Гран-Маитр. Во ноември 2017 година, откако танцувала на песната од Деми Ловато, Тell Me You Love Me, Ловато ја поканила да вежба со нејзините танчери за настап на Американските музички награди. Во 2018 година по трет пат ја освоила награта за најдобра танчерка на Танцовите награди, овој пат во тинејџерска конкуренција, и станала прва танчерка во историјата на натпреварувањето која победила во сите категории, од мини до тинејџерки.

2017–2019: Почетоци на музичката кариера Макреј на нејзиниот YouTube канал редовно објавувала претежно танцови видеа. Во 2017 година, започнала видео-серијал на кој прикажувала оригинални песни кои самата ги напишала и ги снимала во нејзината спална соба. Првата песна од серијалот „One Day“, која ја напишала на 14-годишна возраст, привлекла над 40 милиони прегледи и Макреј одлучила самостојно да ја објави песната како независен сингл. Во периодот од 2017 до 2019 година, Макреј продолжила да поставува и да издава независни синглови како дел од YouTube серијалот. Таа била прогласена за YouTube музичар во подем.

Песната „One Day“ го привлекла вниманието на 11 издавачки куќи. Во август 2019 година Макреј потпишала со RCA Records, затоа што тие покрај музичката кариера ја поддржале и во нејзината танцова кариера. Макреј на 24 јануари 2020 година го издала првото EP, под наслов „All the Things I Never Said“ и ја најавила нејзината прва турнеја низ Европа и Северна Америка.

Котекстописци на водечкиот сингл од ЕР-то, „Tear Myself Apart“, биле Били Ајлиш и Финијас Оконел.

2020–2021: Признанија и следни музички изданија мини| Макреј во Берлин во февруари 2020 година Во април 2020 година, Макреј го издала синглот „You Broke Me First“ како главен сингл од нејзиното второ EP насловено Too Young to Be Sad. Песната станала светски хит и се искачила во топ-десет на топ-листите во неколку земји и станал нејзин прв сингл што се пласирал на Billboard Hot 100. Песната се задржала 38 недели на Billboard Hot 100 и со тоа станала песна издадена од пејачка во 2020 година која најдолго се задржала на таа топ-листа. Песната се искачила на прво место на топ-листата од Mediabase и го соборила рекордот за песна од пејачка која најдолго се искачувала до прво место, односно ѝ требале вкупно 28 недели.

Во 2020 година Макреј ги издала сингловите: „Vicious“ во соработка со Лил Моузи (јуни 2020), „Don't Be Sad“ (август 2020), „ Lie to Me “ во соработка со канадскиот пејач Али Гејти (октомври 2020) и „r u ok" (декември 2020). Таа била номинирана за MTV Video Music Award за Push Best New Artist. Во септември 2020 година, таа била на насловната страница на списанието Дорк.

Во 2020 година Макреј добила многу признанија за музичар во подем: била прогласена за музичар во подем на YouTube, за Push изведувач на MTV за јули и за „Откритие на Vevo“ (Vevo DSCVR artist). Таа била вклучена во списокот на Билборд „21 под 21“, а Pandora, The Independent, NME, Amazon Music, и Uproxx ја именувале за изведувач на кој треба да се внимава во 2021 година. Во декември 2020 година, таа била најмлада личност во категоријата музика на списокот од Форбс „30 под 30“. Истиот месец, Ролинг Стоун ја ставил меѓу десетте најдобри музичари за 2020 година и се нашла на списокот „The Come Up: Emerging Artists“ објавен од TikTok како еден од најдобрите музичари во развој на платформата. Кон крајот на годината, таа потпишала светски издавачки договор со Sony/ATV.

На 26 март 2021 година Макреј го објавила нејзиното второ EP под наслов Too Young to Be Sad. Во март 2021 година била номинирана за две Џуно награди. Во мај 2021 година била номинирана за наградата Social Star на IHeartRadio Music Awards. Нејзоното ЕР, Too Young to Be Sad, собрало над 1 милијарда стримови на Spotify, со што станало најстримувано ЕР во 2021 година од пејачка на Spotify. ЕР-то било номинирано за албум на годината и за поп-албум на годината на Џуно наградите во 2022 година.

2022–Денес: Студиски албуми Во јануари 2022 година, таа била номинирана за три iHeart Radio награди. Нејзиниот прв студиски албум, I Used to Think I Could Fly, бил објавен на 27 мај 2022 година. На албумот му претходеле сингловите: „Feel Like Shit“, „She's All I Wanna Be“, „Chaotic“ и „What Would You?“. Во јуни 2022 година таа започнала турнеја за поддршка на албумот. Албумот наишол на позитивни критики и се пласирал во топ-10 на топ-листите во неколку земји, а дебитирал на тринаесетто место на американската топ-листа за албуми Билборд 200.

Во септември 2022 година, Макреј го издала синглот „uh oh“. Во ноември 2022 година, Тејт пеела во песната „10:35“ од Тиесто, промотивен сингл за отворањето на луксузното одморалиште Атлантис Ројал во Дубаи.

Макреј била номинирана за пет Џино награди во 2023 година. На 15 септември 2023 година, го издала „Greedy“ како водечки сингл од нејзиниот втор студиски албум Think Later. Greedy станала нејзина прва песна во топ-10 на глобалната топ-листа на Spotify. Синглот дебитирал на прво место во Норвешка и Данска и се искачил на прво место во неколку земји: Канада, Данска, Австрија и Холандија, како и на глобалната топ-листа од Билборд, Global 200, со што станал нејзин прв официјален сингл на прво место во светот.

Вториот студиски албум на Макреј Think Later бил официјално објавен на 8 декември 2023 година. Албумот добил мешани критики од обожавателите и од критичарите, а Ролинг Стоун го забележал влијанието на М.I.А. и Аријана Гранде во стилот на албумот. Think Later дебитирал во топ-5 на топ-листите во: САД, Велика Британија, Канада, Нов Зеланд, Австралија, Белгија и Норвешка.

По објавувањето на албумот Think Later, Макреј ги објавила сингловите: „Exes“ (17 ноември 2023) и „Run for the Hills“ (8 декември 2023). Во март 2024 година, таа го имала нејзиниот прв настап на Британските музички награди каде ја испеала песната „Greedy“. На Џуно наградите во 2024 година, Макреј освоила Џуно награда за „Музичар на годината“, а за песната „Greedy“ ја освоила наградата „Сингл на годината“.

Дискографија Студиски албуми

I Used to Think I Could Fly (2022) Think Later (2023)

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Родени во 2003 година Категорија:Живи луѓе Категорија:Канадски пејачки Категорија:Канадски поп-пејачки Категорија:Добитници на Џуно награда Категорија:Канадски гласовни глумици Категорија:Канаѓани со германско потекло Категорија:Канаѓани со шкотско потекло Категорија:Канадски танчерки