Костадин Поповски (, Зашле - , Скопје) — македонски партизан - првоборец, носител на партизанска споменица 1941.Брошура од 2021 година на Општинскиот одбор на Сојузот на борците на Македонија и продолжувачи - Демир Хисар, стр. 18 - 22

Биографија Роден e во селото Зашле, Демирхисарско на 25.10.1920 година, во фамилија со висока самосвест и традиционално воспитување за поддршка на македонските национални интереси. Уште додека бил дете, неговата фамилија се преселува да живее во блиското село Кочиште. Основното образование го завршил во селото Растојца, по што продолжил да се школува во битолската гимназија, каде се запишал во 1934 година. На тие млади години, како гимназијалец, веднаш се приклучува кон македонските авангардни патриотски движења предводени од СКОЈ.

Уште во периодот на тие гимназиските денови, заедно со други негови врсници, патриотски истомисленици, задоени со македонските национални идеали, често пати бил цел на физичко казнување, малтретирање и тортура од страна на српската кралска жандармерија.

Станува член на СКОЈ во 1935 година. По капитулацијата на Кралството Југославија, во 1941 година, се вклучува во основањето на првите партизански келии. Така, во село Кочиште, била основана првата партизанска келија кон средината на септември 1941 година, во присуство на првоборецот Шула Мина, и за секретар бил поставен токму Костадин Поповски.

Во 1942 година се појавила потребата од формирање на воени комитети по селата. Првиот воен комитет во Демирхисарско бил формиран на 25 мај 1942 година во село Кочиште, во присуство на Наум Наумовски - Борче, во месноста Кошарник, а Костадин Поповски бил поставен за негов политички комесар.

Ноќта на 20 август 1942 година, Костадин Поповски, заедно со уште десетина скоевци од околијата, заминале во партизани со цел да пристапат во редовите на крушевскиот партизански одред "Питу Гули". Но, како резултат на предавство, на нивниот пат на движење кон одредот, била поставена заседа (блокада) од страна на бугарската фашистичка војска и полиција и тие биле заробени.

Истовремено, биле уапсени и неговиот татко Стерјо Поповски, заедно со Соколе Поповски. Сите биле спроведени во затворот во Крушево.

Таму биле мачени и тепани со цел да кажат информации за одредот Питу Гули. Се разбира, бугарските фашисти не добиле никаков одговор. Затоа, од Крушевскиот затвор биле спроведени во затворот Црн Мост во Битола, каде биле прво осудени на смрт со стрелање, а потоа казната им била заменета со доживотен затвор. По изрекување на пресудата без право на жалба, Костадин Поповски бил префрлен во затворот во Идризово - Скопје.

Татко му Стерјо Поповски бил испратен во Бугарија, на доживотна принудна работа. Се вратил после ослободувањето.

Во деновите непосредно пред ослободувањето на Скопје, учествувал во организирање на преговори со директорот на затворот во Идризово и неговите фашистички соработници. Тоа се случувало во текот на месец август, 1944 година. При тоа јасно и ултимативно им било предочено да не извршуваат повеќе мачење, тортура и злосторства врз затворениците, бидејќи веќе јасно се гледале крајот на војната и победата на македонските партизански сили. Тогаш веќе и повеќе денови се слушале детонации и плотуни од партизанското оружје, кое се знаело дека е веќе на неколку километри оддалеченост од затворот.

Бугарските фашисти, во таа нервоза и паника од веќе изгубената војна, биле спремни да направат масакар во затворот, но сепак со овие преговори тие биле предомислени. Така да,бугарските затворски чувари, преку ноќ го имаат целосно напуштено затворот Идризово, односно буквално избегале, поштедувајќи ги затворениците. Тоа практично овозможило нивен безбеден излез од затворот. На тој начин, биле спасени животите на сите до тогаш преживеани уапсени затвореници, комунисти и партизани, кои во тој момент биле во затворот (околу 350). Тоа било ноќта помеѓу 29-ти и 30-ти август. Надвор веќе биле партизаните од III-тата Ударна бригада, кои со веќе договорени светлосни сигнали им укажале дека ситуацијата околу затворот е безбедна и под контрола.

Веднаш по ослободувањето, бил секретар на Околискиот и Окружниот комитет на СКОЈ во Битола, како и шеф на Отсекот за внатрешни работи во Крушево, Демир Хисар и Битола.

Потоа заминува за СССР на факултетско школување, каде во учебната 1946-1947 година, запишува 1-ва година Економски факултет на Ленинградскиот универзитет. Тука ги завршува само 1-та и 2-рата година од студиите, бидејќи поради реперкусиите со Стаљин и Информбирото, лично сакал, но и морал итно да се врати назад во Југославија. Студиите ги довршил на Економскиот факултет во Белград, каде дипомирал во 1950 година.

Веднаш по дипломирањето, бил избран за асистент на Правно-економскиот факултет во Скопје, во период од 1950 до 1953 година. Работел како комерцијален директор на претпријатието Усје, генерален директор на претпријатието Стакларница, шеф на Отсекот за општи и економски анализи во Секретаријатот за општо стопански работи на СРМ. Бил и потпретседател на град Скопје.

Меѓу другите работни места, бил на позициите: в.д. директор и професор на Вишата стопанска школа во Скопје од 1953 до 1960 година, бил избран за предавач во 1960 година, виш предавач од 1968 до 1983 година, продекан и претседател на Советот на Економскиот факултет.

Бил член на Околискиот и на Универзитетскиот комитет на КПМ во Скопје, претседател на Факултетската конференција на СКМ, член на Претседателството на Градскиот и на Републичкиот одбор на СЗБНОВ, потпретседател на Околискиот народен одбор и народен пратеник во општествено-политичкиот собор на Собранието на СРМ.

Носител е на Партизанска споменица 1941.

Починал на 10 август 1994 година во Скопје.

Костадин Поповски е првиот партизан, првоборец, кој во самостојна и независна Република Македонија е погребан со сите највисоки воени почести од страна на АРМ на партизанските гробишта во Бутел - Скопје.

Наводи

Категорија:Луѓе од Зашле Категорија:Починати во Скопје Категорија:Учесници во НОБ Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Затвореници во Бугарија Категорија:Носители на Партизанска споменица од 1941