„Господинот претседател“ (шпански: El señor presidente) — роман на гватемалскиот писател Мигел Анхел Астуријас Росалес од 1946 година.

Содржина Прв дел: 22, 23 и 24 април (1-11 глава) Кај божјата порта, во близината на главниот плоштад, се собираат просјаците. Еден од нив е малоумен и секогаш реагира кога некој ќе му подвикне: „Мајко!“. Додека спие, еден полковник го задева и просјакот неочекувано го убива. Утредента, полицијата ги апси сите просјаци, кои ја кажуваат вистината за убиството, но полицијата ги присилува да кажат дека полковникот Паралес Сонриенте го убиле генералот Каналес и адвокатот Карвахал. Во меѓувреме, убиецот бега надвор од градот и заспива на едно буниште, каде го напаѓа јато мршојадци. Тој успева да побегне, но притоа ја крши ногата, а двајца случајни минувачи, еден дрвар и Мигел Ангелоликиот, му помагаат и го враќаат во градот. Ангелоликиот оди кај претседателот, кој му дава задача да го спаси генералот Каналес кого утредента треба да го уапси војската како божемен убиец на полковникот Сонриенте. Вечерта, кај портата стражарат агентите на тајната полиција при што еден од нив, Лусио Васкес, го убива малоумниот просјак кој во меѓувреме се враќа таму. Ангелоликиот, пак, го убедува генералот Каналес да побегне.Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 31-103.

Втор дел: 24, 25, 26 и 27 април (12-27 глава) Ноќта, според договорот, Мигел и Лусио (кој случајно се запознава со Мигел) ја грабаат Камила, ќерката на генералот. За време на акцијата, полицајците влегуваат во куќата на генералот и ја ограбуваат, а генералот го користи метежот и успева да побегне. Утредента, војската доаѓа да го уапси генералот и дури тогаш го открива неговото бегство. Притоа, војниците ја апсат Федина Родас, млада жена која случајно влегува во куќата на генералот, а потоа го апсат и адвокатот Карвахал. Федина ја мачат во затворот, а таа ја кажува вистината по што ги апсат и нејзиниот сопруг, како и Лусио. За време на измачувањето, во затворот умира бебето на Федина. Мигел и Камила одат кај нејзините стриковци (браќата на нејзиниот татко), но тие одбиваат да ја примат кај себе. Воениот судија поднесува тужба против Федина, нејзиниот сопруг, Лусио и Мигел, но претседателот му наредува да ја поништи тужбата. Во меѓувреме, за време на испитувањето, сопругот на Федина раскажува за убиството на просјакот, а Лусио признава дека го извршил делото по наредба на претседателот. Очајна поради немилосрдниот однос на стриковците, Камила се разболува, а судијата ја продава Федина во една јавна куќа. Таму, проститутките го откриваат нејзиното мртво бебе кое таа цело време го држи во прегратката. Исцрпена од полициското измачување и од смртта на бебето, Федина се разболува и ја префрлаат на болница. Состојбата на Камила се влошува и таа повикува свештеник за да се исповеда. Мигел оди во јавната куќа, каде дознава за судбината на Федина, а потоа го предупредува мајорот Фарфан дека животот му е во опасност. Во меѓувреме, придружува од еден Индијанец, генералот Каналес пристига во едно село во близина на границата, каде му помагаат три сестри, а потоа, со помош на еден шверцер, тајно ја преминува границата.Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 107-197.

Трет дел: Седмици, месеци, години... (28-41 глава и епилог) Адвокатот Карвахал набрзина е осуден на смртна казна. Дознавајќи за тоа, неговата очајна сопруга веднаш заминува во резиденцијата на претседателот за да го моли за милост, но стражарите не ја пуштаат да се сретне со него. Додека лежи на претсмртната постела, Камила и Мигел тајно се венчаваат. Набргу, Мигел е повикан кај претседателот кој дознал за венчавката и веста ја објавил во весниците, лажно наведувајќи дека токму тој им бил главен сведок на младенците. Сопругата на адвокатот Карвахал добива анонимни писма со почит кон нејзиниот сопруг, иако сите нејзини познаници ја избегнуваат поради стравот од власта. Таа бара од воениот судија да ѝ каже каде е закопан адвокатот, но без успех. Истовремено, воениот судија го ослободува сопругот на Федина, давајќи му задача да го следи Мигел. По венчавката, Камила се преселува во куќата на Мигел, каде постепено закрепнува, опкружена со љубов и внимание од сопругот. По некое време, тие се поканети на свечен прием кај претседателот. Во меѓувреме, генералот Каналес започнува вооружено востание против власта, но еден ден ненадејно умира, кога во весникот ја чита веста за свршувачката на Камила. Мигел дознава за гласините што се шират низ градот дека претседателот го смета за непријател. Затоа, тој бара заштита од него, а претседателот го испраќа во САД за да му обезбеди поддршка за претстојните избори. Меѓутоа, кога Мигел пристига на пристаништето, него го апси мајорот Фарфан, а на бродот за САД се качува еден човек кој личи на Мигел. По налог на претседателот, Фарфан сурово го измачува Мигел. Неколку месеци, Камила чека писмо од Мигел, а потоа безуспешно се обидува да добие прием кај претседателот. Откако насекаде бара вести за својот сопруг, таа заминува во едно село, каде го раѓа синот Мигел и останува да живее таму. Во меѓувреме, Мигел лежи в затвор, постојано мислејќи на Камила, сè додека власта не му испрати лажен затвореник, кој му кажува дека Камила се омажила за претседателот. Потресен од веста, Мигел умира. Романот завршува со цената кога на улица се среќаваат свештеникот и студентот кои своевремено лежеле во истата затворска ќелија, обвинето дека се непријатели на претседателот. Во меѓувреме, власта ја урнала портата со цел да ги избрише сите спомени на убиството на полковникот и на просјакот.Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 241-341.

Создавањето на романот Астуријас започнал да го пишува романот во родната Гватемала, во декември 1922 година, еден дел од него е напишан во Париз, во ноември 1925 година, а бил завршен во Париз, на 8 декември 1932 година.Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 341.

„Господинот претседател“ е најпознатиот роман на Астуријас, кој претставува предвесник и едно од најпознатите дела на поджанрот познат како „роман за диктаторите“. Како признание на неговиот квалитет, Шпанската кралска академија и Здружението на академиите на шпански јазик го вброиле романот во комеморативната збирка на најзначајните дела напишани на шпански јазик во која се наоѓаат уште 11 книги („Сто години самотија“, „Дон Кихот“, „Градот и кучињата“ итн.). Астуријас почнал да се интересира за овој поджанр уште во 1923 година, кога го напишал расказот „Политички просјаци“ која ја напишал потресен од жалосниот одговор на власта на катастрофата предизвикана од катастрофалниот земјотрес во Гватемала, на 25 декември 1917 година. За време на престојот во Париз, од 1924 година натаму, тој го поправал расказот кој подоцна прераснал во роман. Исто така, на него сигурно влијаеле и разговорите што ги водел на Монпарнас со латиноамериканските писатели а во кои се зборувало и за тамошните диктатори. Кога Астуријас се вратил во Гватемала, во 1933 година, романот веќе бил довршен, а на власт бил новиот диктатор Хорхе Убико кого писателот го обвинил дека го спречува објавувањето на романот. Поради тоа, Астуријас морал да чека уште 13 години до објавувањето на книгата. Инаку, во неа ниту еднаш не се наведува името на диктаторот, кој по ликот потсетува на Естрада Кабрера, иако во некои критични моменти постапува како Убико. Тоа произлегува оттаму што Астуријас не сакал да напише никаква биографија, туку дело со универзално значење во кое ќе ги изнесе последиците од диктаторските режими. Романот бил објавен дури во 1946 година од издавачката куќа „Коста-Амик“ во Мексико, а печатењето било финансирано од Астуријас и од неговото семејство.„Uvod“, во: Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 9-12. По објавувањето на романот, Астуријас направил определени поправки и второто, изменето издание се појавило во 1948 година во Буенос Аирес, а него го објавило издавачката куќа „Лосада“.Mario Vargas Ljosa, „Tri zapisa o Migelu Anhelu Asturijasu“, во: Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 21.

За делото Според сведочењето на авторот, романот е инспириран од диктаторот Мануел Естрада Кабрера, кој владеел во Гватемала меѓу 1898 и 1920 година. „Господинот претседател“ е прототип на т.н. реалистички или костумбристички латиноамерикански роман, меѓутоа, Марио Варгас Љоса смета дека оваа тема не е најважна во романот, т.е. таа е разработена во поширок контекст отколку простото прикажување на општетсвената неправда. Во прв ред, ова е роман за борбата меѓу доброто и злото во општество во кое злото ја носи целосната победа, зашто ниеден лик во романот не успева да се спаси, туку сите ликови (судии, војници, офицери, политичари, богати и сиромашни) претставуваат отелотворување на злото. Она што оваа демонска книга ја преобразува во уметничко дело е нејзината формална структура и превенствено нејзиниот јазик кој е констуиран чудесно, а за тоа е најзаслужен професорот Рејно чии предавања ги слушал Астуријас, како и надреализмот кој бил модерен за време на неговиот престој во Париз. Во тој јазик има делови од автоматското пишување, смеса на јавето и сонот и исклучителна музикалност, а сето тоа заедно создава голем романескен и поетски спектакл во кој стварноста стануав водвиљ и апокалиптична фантазија во секоја епизода. Тој јазик не е еднозначен и не е јазикот кој го говорат сите ликови од романот, зашто припадниците на повисокиот сталеж (Камила, Мигел, министрите, претседателот) зборуваат на правилен кастиљански јазик. Меѓутоа, како што приказната слегува до пониските народни слоеви, така се зголемуваат богатството и иновативноста на изразот: се воведуваат зборови, метафори, песни, граматички смелости и ритми поврзани со локалните инсекти, билки и дрвја кои сведочат за дивата природа со која сè уште не завладеал човекот. Притоа, Гватемала не споменува ниту еднаш, но сè посочува на таа несреќна земја чиј несреќен народ тежнее стварноста да ја претвори во сон. Само една глава во романот (37. „Тохиловиот танц“) делува како да е инспирирана од далечната мајанска историја. Јазичната убавина на книгата се наоѓа внатре во историската вистина, а авторот не е обичен препишувач на креативната јазична стварност на народот на Гватемала, туку и тој е творец кој зема нешто од својата фантазија и става свој печат. Оттука, романот е оригинално и креативно дело, можеби поблиско до поезијата отколку до нарацијата. Многу епизоди во романот почнуваат реалистички, но благодарение на јазикот со поетска природа, тие го напуштаат теренот на објективноста и стануваат легенда, сон, театар, мит, фантазија. Поради тоа, овој роман е единствен и сè уште претставува една од најоригиналните творби на латиноамериканската книжевност.Mario Vargas Ljosa, „Tri zapisa o Migelu Anhelu Asturijasu“, во: Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 22-26.

Наводи

Категорија:Дела на Мигел Анхел Астуријас Категорија:Книги од 1946 година Категорија:Книги на шпански јазик